Кога би имале меѓу еден милион и два милиони долари за почеток, теоретичарите на заговор кои тврдат/„докажуваат“ дека програмата Apollo и слетувањето на Месечината се измама, би можеле да се наддаваат и да дојдат до драгоцен материјал за истражување.

Имено, на 20 јули, кога се одбележува 50-годишницата од слетувањето на Apollo 11 на земјиниот природен сателит, Sotheby’s ќе ја понуди на продажба најдобро сочуваната видео снимка од освојувањето на Месечината во 1969 година (во рамки на аукцијата посветена на истражувањето на вселената). Во објавата аукциската куќа вели дека „2-инчната Quadruplex видео лента на NASA во три котури, само трипати одгледана од јуни 1976, ги пренесува гледачите до големиот екран–монитор на контролата на мисијата, со слики почисти и со подобар контраст од оние што над половината милијарда луѓе од телевизиската публика ги посведочиле во историскиот момент во 1969“.

Баз Олдрин со американското знаме на Месечината

Трите котури видео лента од NASA се очекува да се продадат по цена меѓу 1 милион и 2 милиони долари, а значењето на овој „нереставриран, неподобруван, неремастериран“ видео материјал било препознаено по неуспешната потрага на вселенската агенција по сега веќе дефинитивно загубените оригинални SSTV (slow-scan television) снимки, а по повод претходниот заокружен јубилеј – 40-годишницата од слетувањето на Месечината.

Настрана од овој „крунски доказ“ во теориите на заговор (што NASA ги загубила оригиналните снимки од своето најголемо достигнување?!), филмски (филмувано) звучи и приказната за лентите што месецов ќе бидат понудени на продажба.

Сопственик на лентите што ќе ги понуди Sotheby’s е Gary George, кој ги поседува изминативе 43 години. Тој, додека стажирал во NASA, во јуни 1973, на државна аукциска распродажба налетал на заедничка понуда за 1.150 котури магнетна лента на вселенската агенција. Во пакетот имало 65 кутии со 2-инчни видео-ленти какви што користеле телевизиските станици, па, George, кој ги купил лентите за 217 долари, во ситуација кога нов котур чинел 260 долари, планирал старите ленти на кои можело да се преснимува, да им ги продаде на локалните телевизии со солиден профит. И George ќе го сторел тоа, ако татко му не приметел дека на три од кутиите стои етикета „APOLLO 11 EVA | July 20, 1969 REEL 1 [–3]” …

Лентите на Гери Џорџ

Декади подоцна, на почетокот на 2008, George дознал дека NASA безуспешно се обидува да ги најде оригиналните slow-scan ленти од Apollo 11 EVA (Extravehicular Activity = активности на екипажот на Apollo 11 на Месечината надвор од вселенското летало) во пресрет на 40-годишницата од мисијата. Тогаш Gеorge решил да ги провери своите ленти, и првпат на соодветна опрема ги пуштил во октомври 2008 – „веројатно ова било и првпат откако биле снимени“, забележуваат од Sotheby’s. Во декември истата година биле пуштени вторпат од 1976, и дигитализирани. Третото гледање на лентите било од страна на специјалист на Sotheby’s кој го потврдил нивниот квалитет, а следното ќе го направи купувачот со најголема понуда на аукцијата.

Вкупното траење на снимката на лентите е 2 часа и 24 минути, а на неа може да се види историскиот „мал чекор за човекот – голем за човештвото“ на Нил Армстронг, телефонскиот повик на астронаутот до тогашниот претседател на САД, Ричард Никсон, поставувањето на американското знаме …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here