На американскиот илустратор и писател за деца, Морис Сендак (Maurice Sendak, 1928–2012), широка популарност му донесе филмската адаптација што Спајк Џоунс (Spike Jonze) ја направи на неговата книга „Таму кај што се дивите нешта“ (Where the Wild Things Are).

Кој прочитал нешто од него или барем го гледал споменатиот филм, ќе разбере зошто во едно интервју самиот Сендак изјавил дека „не верува оти некогаш напишал детска книга“; односно испаѓа (одново потврдено со негови зборови) дека пишувал за деца (само) зашто верувал оти постои специфично знаење кое го поседуваат само тие, децата:

„Магијата на детството е во неговата чудноватост; во уникатноста што прави децата да гледаат работи што возрасните не можат“.

За неговиот креативен пристап, во кој заштитата/бегството од неизбежните трагедии што ги носи животот ја создаваат испреплетени слоеви/бариери од убавина и апсурдност, најдобро зборува вистинската приказна која Сендак често ја раскажувал, за девојче кое посведочило на уривањето на кулите близначки на 9/11. Девојчето му рекло на својот татко дека видело пеперутки кои паѓаат од кулите, за подоцна да признае оти лажело, за да не ги вознемири родителите; додека добро знаело оти не се работи за пеперутки, туку за луѓе …

Морис Сендак бил страстен љубител и на музиката и на операта, и во доцните седумдесетти бил пресреќен кога ја почнал својата втора кариера како сценограф и костимограф. „Цртање на завесата: Дизајните на Морис Сендак за опера и балет“ (Drawing the Curtain: Maurice Sendak’s Designs for Opera and Ballet) е прва музејска изложба посветана на овој аспект од неговата кариера, поставена во Моргановата библиотека и музеј (The Morgan Library & Museum). Вклучува сториборди, подготвителни скици, студии на костими, акварели и минуциозно сработени диорами од „Волшебната флејта“ на Моцарт (изјава на Сендак е дека кога човечкиот живот би имал конкретна цел, во неговиот случај таа би била да го чуе Моцарт), „Вљубен во три портокали“ на Прокофјев, „Оревокршачка“ на Чајковски, и опера базирана на сендаковата илустрирана книга „Таму кај што се дивите нешта“.

Изложбата вклучува околу 150 дела на Сендак, покрај кои се изложени и цртежи од уметници кои го инспирирале, како Вилијам Блејк, Џамбатиста Тјеполо и син му Доменико – сите од колекцијата на Morgan – дела што директно влијаеле на илустраторот кој често доаѓал да ги гледа во музејот на Менхетн.

„Иако понепознати од неговите илустрации за книги, и во цртежите за сцена на Сендак е видлива уникатноста на неговиот ‘фат’, фантастичниот начин на раскажување, проникливaта – понекогаш ‘неприличнa’ смисла за хумор, и длабоката љубов кон музиката и историјата на уметноста“, се вели во официјалното претставување на изложбата.

Следи галерија …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here