Ако сте фанови на Дејвид Линч, а деновиве патувате во Манчестер, ќе имате ексклузивна можност по релативно прифатлива цена да купите уметничко дело од култниот режисер (во случајов, јасно, во својство на ликовен уметник), потпишано од него. Ова во знак на отворањето на првата голема изложба на Линч во Обединетото Кралство, што ќе се случи во сабота (6 јули), во манчестерскиот „HOME“ (градскиот центар за современа уметност, театар и филм), под името „Мојата глава е исклучена“ (My Head is Disconnected).

„Нејзината сенка почна да се менува и тогаш се случи тоа“, Дејвид Линч

Изложбата е дел од овогодинешниот биенален фестивал на уметноста во градот (Manchester International Festival, 4-21 јули), а споменатото дело што може да се купи за 425 фунти е принт (лимитирана серија од 100) со наслов „Четири (4) глави се појавија во среда“ (Four (4) Heads Came Out on Wednesday). Секој од 100-те купувачи ќе добие покана за приватно разгледување на изложбата „My Head is Disconnected“. Делото во официјалното соопштение е опишано како „фигуративно привидение со повеќе лебдечки, ротирачки глави; кое плаче крај осамен рид; со куќа зад ридот; земја и небо што се крчкаат во ферментирачка бура на линчиевска закана“.

„Четири (4) глави се појавија во среда“, Дејвид Линч

„Четирите глави …“ биле создадени во париската работилница на Линч, каде уметникот твори црно-бели литографии со среден и голем формат со декади, а ги истражува типичните теми за него – „осаменоста, еротицизмот, соништата и смртта“.

Изложбата „My Head is Disconnected“, што вклучува над 60 дела датирани од доцните шеесетти до сега (слики, цртежи, скулптури …), е дел од „David Lynch at HOME“, 18-дневниот настан посветен на ликовната уметност, филмовите и музиката на режисерот кој e и плоден музичар и има диплома од Пенсилваниската академија за ликовна уметност (PAFA).

Во екстензивната филмска програма на „David Lynch at HOME“ ќе може да се видат неговите класици, ретки кратки филмови, револуционерната ТВ-серија „Twin Peaks“.

Музичарката, пак, и соработничка на Линч, Криста Бел (Chrysta Bell – во 2017 настапи во Скопје, а во третата сезона од Twin Peaks ја играше агентката на „Сината роза“, Тами Престон), ќе биде домаќинка на тривечерната серија од настапи на музичари инспирирани од Линч, со Anna Calvi, These New Puritans, Oliver Coates како хедлајнери.

„Оф, направив неред“, Дејвид Линч

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here