„Триумф на уметностите и науките“, масло на платно, подготвителна скица

Фрапантно звучи податокот дека речиси 65% од историските монументи во Милано биле оштетени или целосно уништени во текот на Втората светска војна.

Поголем дел од структурата на Палатата Аркинто (Palazzo Archinto) го преживеала сојузничкото бомбардирање на 13 август 1943 без поголеми оштетувања, но истото целосно го уништило нејзиниот ентериер, предизвикувајќи ја една од најголемите трагични загуби во контекстот – на серијата фрески од венецијанскиот сликар Џамбатиста Тјеполо, насликани меѓу 1730 и 1731.

Внатрешноста на палатата по бомбардирањето во 1943

Изложбата на Frick Collection (музејот за уметност на Менхетн) нема за цел да ги рекреира фреските (што секако би било апсурдно), туку да ја долови енормноста на загубата, изложувајќи го сето она што останало од петте раскошни простории на чии тавани до 1943 биле фреските – воглавно подготвителни слики, цртежи и црно-бели фотографии.

„Изложбата, замислена во слава на овие фрески, помага да сфатиме колку се ранливи овие уметнички дела. Можат да бидат уништени многу лесно. И сега, ние имаме многу мала евиденција за тоа како изгледале фреските, иако се, такаречено, неодамна уништени, во 1943“, вели кураторот на изложбата „Тјеполо во Милано: Загубените фрески од Палатата Аркинто“, Xavier F. Salomon.

Детал од фреската „Персеј и Андромеда“ фотографиран пред 1943

На увид на посетителите до 14 јули (кога се затвора изложбата) се ставени 50 објекти од колекции во САД и Европа, поврзани со фреските – се работи за циклус од пет (уништени) дела (фрески): „Триумф на уметностите и науките“, „Персеј и Андромеда“, „Благородништво“, „Јунона, Венера и Фортуна“ и „Аполон и Фетон“.

Заедно со книгите, илустрациите, комплементарните принтови, старите фотографии од палатата пред и после бомбардирањето во 1943, највпечатливото што може да се види се пет подготвителни дела (за изработката на фреските) – два цртежи и три слики; последните особено важни зашто биле направени за од патронот/инвеститорот, грофот Карло Аркинто, да се добие одобрување за сликање на таваните (грофот бил милански интелектуалец, познат по својот интерес за филозофијата, математиката и воопшто науките, во чија, пак, колекција на уметност се наоѓале и дела на Тицијан и Рафаел).

„Аполон и Фетон“, масло на платно, подготвителна скица

Насликаната скица за „Триумфот на уметностите и науките“, позајмена од националната галерија на Португалија, се однесува на најголемата од петте фрески, и на неа се прикажани алегориски фигури на архитектурата, сликарството, вајарството, музиката и математиката, заедно со класичните божества Аполон и Минерва.

Скицата за „Персеј и Андромеда“, која основачот на Frick колекцијата, Henry Clay Frick, ја купил во 1916, се однесува на фреската што се смета дека патронот, грофот Карло Аркинто, ја нарачал за да ја одбележи венчавката на својот син. Оттука, Тјеполо не го ставил акцентот толку на митолошкиот момент – спасувањето на Андромеда, колку на доживувањето/овековечувањето на првите заеднички моменти на брачниот пар.

„Персеј и Андромеда“, масло на платно, подготвителна скица

Миланските фрески биле прва поголема нарачка што Тјеполо ја добил надвор од Венеција, а до денес од нив преживеал фрагмент со оштетена фигура/лик од сцената на „Триумфот на уметностите и науките“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here