Британската телевизиска компанија ITV можеби го снимила, но сѐ до пред неколку дена сосем заборавила на тоа – светскиот најпознат и (со) непознат (идентитет) уличен уметник, Бенкси (Banksy), во пресрет на неговиот пробив – првата голема изложба „Turf War“ (Територијални војни, во слободен превод), одржана во Лондон во 2003. Заборавеното видео што пред 16 години било емитувано на ITV London, деновиве во архивите на телевизијата го пронашол новинарот на ITV News, Роберт Марфи (Robert Murphy), истражувајќи за Бенкси. (За последната субверзија на уметникот прочитајте овде)

Во видеото/телевизискиот прилог, може да се види млад човек чие лице е делумно затскриено со бејзбол капче и маица крената до очите, како ‘спрејува’ црн инсект на ѕид преку шаблон и работи на ѕидна слика на која бебе си игра со коцки со букви составувајќи ја фразата „kill more“ – две дела што долго му се припишуваа на Бенкси.

„Се маскирам, зашто не можеш да пишуваш графити и потоа да ѝ се откриеш на јавноста. Двете работи не одат заедно“, вели „Бенкси“ во видеото.

Но, со тврдењето дека во случајот се работи за најголемата ѕвезда на уличната уметност – според она што го знаеме од неговите ‘акции’, се сложува ‘муабетот’ на интервјуираниот во прилогот, кој продолжува: „Тешко е да направиш забавна слика дури и во најпогодно време, но ако имаш нешто што талка наоколу, си го лиже носот и уринира пред тебе, тоа ќе ја направи сликата поинтересна.“ (ова визави насликаните домашни животни од изложбата „Turf War“)

За ‘акцијата’ во која е настанато „Означеното подрачје на немири“ (слободен превод од Designated Riot Area – графит од тоа време што му се припишува на Бенкси, а е на плоштадот Трафалгар во Лондон) снимениот уличен уметник вели: „Мислам дека беше прилично забавно“, а на прашањето на новинарот: „Не се грижиш ли дека можам да ѝ ги проследам твоите податоци на полицијата?“, одговара: „Не. Какви податоци воопшто доби?“.

Роберт Марфи се сложува дека е невозможно да се тврди оти човекот е Бенкси, но додава дека личноста во прилогот се претставува токму така и твори на официјална изложба на односниот.

Директорот на издавачката куќа што објавила неколку книги за уметноста на Бенкси, Tangent Books, Ричард Џонс (Richard Jones), ја смета снимката за „многу необична“ и „многу, многу ретка“. Лондонски Guardian, пак, чиј новинар Сајмон Хатенстоун (Simon Hattenstone) во 2003 направил интервју со (како што го нарекува тогаш во интервјуто) „британскиот број 1 графити уметник“, забележува дека „Бенкси“ од прилогот на ITV News не се совпаѓа во целост со описот што го дал (во 2003) нивниот новинар (Хатенстоун): „Бенкси е белец, има 28 години, носи износен „кежуал“ џинс, маичка, сребрени заб, ланче и обетка. Изгледа како микс меѓу Џими Нејл (Jimmy Nail; англиски музичар и актер) и Мајк Скинер (Mike Skinner; најпознат по алетрнативниот хип хоп бенд, The Streets).“

„Означено подрачје на немири“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here