На ремек-делото на Кацуширо Отомо (Katsuhiro Otomo), Akira, како на задолжителна лектира, секако, не му треба претставување. Ретко кој љубител на филмот, стрипот/мангата, анимацијата/анимето, не ги препрочитал црно-белото и обоеното издание на култната манга, или повеќекратно не го гледал револуционерниот анимиран филм од 1988.

Сега, Кацуширо Отомо, како почесен гостин на Anime Expo (AX) што се одржа во Лос Анџелес (4-7 јули), најави нова аниме серија базирана на оригиналната Akira манга, како и 4К ремастерирана верзија на филмот стар 31 година. Според изјава од јапонското студио за анимација, Sunrise, во чија продукција ќе излезе серијата, детали што би ги интересирале нетрпеливите фанови сѐ уште не може да се соопштат, зашто сѐ уште напорно се брка амбицијата да бидат опфатени настаните од целата манга, објавувана од 1982 до 1990, со над 2.000 страници.

Познато е дека Кацуширо Отомо не бил задоволен од филмската адаптација од 1988 (во која приказната од мангата е ‘компримирана’ поради временски и буџетски ограничувања), иако филмот, чиј режисер е самиот Отомо, е најзаслужен за претставувањето на јапонската анимација кај западната публика , и е анимиран пандан на Blade Runner во однос на влијанието кога е во прашање научната фантастика. Може само да се замисли перфекционизмот на Отомо штом е незадоволен од филмот што и денеска фасцинира со анимацијата за која се изработени 160 илјади цртежи – двојно повеќе од потребниот просек.

Како што им е познато на фановите, Akira (1988) релативно брзо ќе добие и играна верзија (со премиера на 21 мај 2021), која со нетрпение ја очекуваме и зашто ја режира Новозеланѓанецот Таика Ваитити (Taika Waititi: „What We Do in the Shadows“ (2014) и „Hunt for the Wilderpeople“ (2016)).

Ремастерираниот Akira во 4K резолуција Јапонците ќе можат да го видат на 24 април догодина, а датумите на премиерите во други делови од светот сѐ уште не се одредени. Во Лос Анџелес Отомо откри и дека работи на нов филм (независен од Akira), што се вика Orbital Era. Овој негов трет долгометражен анимиран филм (по Akira и Steamboy (2004)), Кацуширо го потпишува како писател, дизајнер и режисер.

„Дејствието се случува во блиска иднина, на вселенска колонија во изградба. Се работи за приказна – акциска авантура, што ги следи животите на неколку момчиња кои преживуваат во необично опкружување/општество, водени/фрлани наоколу од судбината. „Реалноста на иднината на човештвото“ ќе биде прикажана низ нивната перспектива“, гласи описот даден од Sunrise.

Тизер трејлер за Orbital Era

Отомо инаку работи и на своја ретроспектива именувана Otomo: The Complete Works, во која ќе бидат вклучени „сите негови дела и изјави по хронолошки ред, од неговото деби како манга артист во 1971“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here