ACHES е еден од најтипичните претставници на релативно новиот тренд на таканаречени „CGI графити“ (од computer-generated imagery – компјутерски генерирани слики), со естетика инспирирана од дигиталните ефекти. Во Дандок, Ирска, за тамошниот прв фестивал на улична уметност, со техничка неверојатност го насликал, како што самиот вели, „последниот Голем крал на Ирска, Едвард Брус, на неколку чекори од местото каде бил крунисан во 1315 година“.

Канадскиот, пак, уметник Li-Hill, во Гренобл, Франција, на тамошниот фестивал на улична уметност (Street Art Fest Grenoble Alpes), го создал „Процесот на забрзување“ (Process Of Acceleration) – голем мурал што го претставува претворањето на Гренобл во средиште на иновации фокусирани на технологијата и екологијата. Во алегориската претстава за технолошкиот напредок на луѓето низ историјата, водата од реките се претвора во енергија, а енергијата во иновации. Најгоре на муралот е локалниот симбол на овие иновации – архитектонскиот приказ на Европскиот центар за синхотроно зрачење (European Synchrotron Radiation Facility – ESRF), што се наоѓа во Гренобл. Скриен во делото е и мал фрагмент добиен од ESRF, каде се користат моќни зраци произведени со забрзување на честички, за да се истражи и процесот на деградација на бојата на уметничките дела. По идеја на истражувачи во ESFR, за муралот се подарени и вметнати во него два примероци од истражувањето на една од сликите од познатите две серии на Винсент ван Гог, „Сончогледи“.

Третото фасцинантно дело е на Италијанецот PEETA (Manuel Di Rita), сработено за фестивалот на улична уметност (Stadt.Wand.Kunst) во Манхајм, Германија. Се работи за типична за PEETA надреална оптичка илузија, толку вешто изведена, што се чини муралот е сраснат во куќата на чиј ѕид е насликан.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here