Шеснаесет години по неговиот „The Weather Project“ (Климатски проект), во чии рамки Олафур Елијасон (Olafur Eliasson) ја претвори Турбинската сала (Turbine Hall) на Тејт Модерн во голем замаглен солариум со еколошка порака дека во градовите се среќаваме со природата главно преку климата од чии ‘каприци’ треба да прочитаме како влијаеме врз планетата, познатиот исландско-дански уметник добива голема ретроспективна изложба во истиот лондонски музеј, која, како што самиот вели, повеќе гледа кон иднината отколку во минатото.

The Weather Project, 2003

„Не сакам да употребам наратив базиран на застрашување, но живееме во време кое бара итно реагирање во однос на климатската криза. А кога го креирав The Weather Project во 2003, глобалното затоплување беше само професионална терминологија“, вели Елијасон во контекст на изложбата што се отвора утре (11 јули), „Olafur Eliasson: In Real Life“.

А за гласноста на пораката на уметникот посветен на реимагинирање на начините на кои ги користиме ресурсите на Земјата за истата да ни потрае, денес, кога постои „огромна разлика“ (во однос на проблемот во 2003), придонесува и разликата/растот на неговото ателје – ако до 2000 година Елијасон работел од својата дневна соба, три години подоцна вработувал 20 луѓе, а денеска има околу 100 асистенти, од кои половината се ангажирани на ретроспективата во Тејт.

„Треба да ги реимагинираме и реинженираме системите што нѐ доведоа каде што сме сега. Треба да преземаме ризици. Немаме избор.“

Your spiral view, 2002

Ретроспективата вклучува над 40 дела позајмени главно од европски колекции, за да се редуцира јаглеродниот отпечаток (carbon footprint) од транспортот за потребите на изложбата. Eкоосвестениот пристап во работата на Елијасон доследно е пренесен и на менито со оброци што ќе може да ги купат посетителите на изложбата, кое е вегетаријанско и органско, приготвено од локални продукти.

Moss wall, 1994
Din blinde passager, 2010

На изложбата на која ќе може да се види целосниот опсег на делата на Елијасон, ќе ги има коридорот од магла – „Din Blinde Passager“ (Вашиот слеп патник) и ѕидот од еленска мов (cladonia rangiferina) – „Мовта е како лишај. Не е растение. Живее од влажноста на воздухот, што значи дека е жива додека стои на овој ѕид“, е упатување од Елијасон како да се ‘чита’ делото, односно неговата порака оти природата може да се стави „во служба“ на сѐ, на начини што нема да ја загрозат. Надвор од галерискиот простор е инсталирана голема скулптура – водопад на скеле, што е исто така дел од неговите истражувања за нашите акции/реакции во животната средина:

„Ова е вистински водопад, со вистинска вода, но, исто така е очигледно дека е конструкција, и тука е содржана идејата оти природата не е исклучена од нашата креација.“

Од неодамнешното тестирање на „Водопадот“ во Берлин, пред изложбата во лондонски Тејт Модерн

Изложена ќе биде и скулптура, создадена од излиени во бронза, блокови од мраз од глечери. Овој проект – „The presence of absence pavilion“ (Присуството на отсутното), е референца на ланскиот проект на Елијасон (Ice Watch) за кој беа донесени блокови мраз од Гренланд во Тејт Модерн.

„Еден од овие блокови беше пратен во Берлин, и ние направивме калап (негатив за одлив), а празнината што остана во црната кутија, јас ја нарекувам присуство на отсустното“, вели Елијасон.

The presence of absence, 2016
Your planetary window, 2019

Во рамките на изложбата, бесплатно ќе може да се посети и да се учествува во проект со Лего коцки, кој ќе стартува на 26 јули. Имено, еден тон бели Лего парчиња ќе бидат растурени на големи маси во Турбинската сала, овозможувајќи му на секој посетител да го разбуди архитектот кој го носи во себе, и да го креира градот на иднината, онака како што го замислува.

Кураторите од Тејт велат дека целта е делото да еволуира онака како што луѓето ги модифицирале напорите на оние пред нив – во слава на индивидуалната имагинација и колаборативната сила на заедниците. Вклучувањето на Лего во изложбата не е случајно – најголемиот урбанистички проект на ателјето на Олафур Елијасон досега е седиштето (Fjordenhus) на инвестициската компанија Kirk Kapital, создадена од членови на династијата сопственици на Лего.

Fjordenhus, 2009-2018

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here