Ланската „божикна честитка“ од Бенкси

Големите Клод Моне, Винсент ван Гог, Џон Констабл, Леонардо да Винчи, Вилијам Тарнер, Пабло Пикасо, Салвадор Дали, Лоренс Стивен Лоури и Микеланџело, се наредени зад Бенкси, од второто до десеттото место, на листата најомилени ликовни уметници на сите времиња на жителите на Обединетото Кралство. Ова го покажале вчера објавените резултати од анкетата што по нарачака на магазинот Homes & Antiques ја спровела британската компанија за истражување на пазарот и анализа на податоци, YouGov.

„Овој енигматичен лик направи толку многу за да ја направи уметноста достапна – тој ја зема од галериските ѕидови и буквално ја изнесе на улиците. И со неговата мрачна смисла за хумор и таинствен пристап, навистина ги освои срцата, мислите и погледите на нацијата“, гласи објаснувањето на уредничката на Homes & Antiques, Мел Шервуд, за победата на анкетата на најпознатиот светски уличен уметник.

Верзијата на Бенкси на „Наполеоновото поминување на Алпите“ од Жак-Луј Давид (сугерира слепило на француското лидерство во текот на бегалската криза)

Бенкси е единствен жив уметник меѓу првите десет, а подолу на листата живи се само уште Дејвид Хокни (чиј рекорд за најскапо продадено дело на жив уметник во мај го надмина Џеф Кунс), шкотскиот сликар Џек Ветриано (со рекорд за најскапо продадена слика од Шкотска – „Распеаниот батлер“ (The Singing Butler)) и англискиот скулптор Ентони Гормли („Ангелот од северот“ (Angel of the North), „Друго место“ (Another Place) му се меѓу најпознатите јавно изложени дела).

Уредничката Мел Шервуд вели дека миксот од надреалисти, романтичари, стари мајстори на листата, „покажува колку се разновидни културните интереси на нацијата“.

Ова не е првпат на Бенкси да му биде оддадено признание на ваков начин. Во 2017 неговото „Девојче со балон“ (Girl with Balloon) беше избрано за омилено уметничко дело на жителите на Обединетото Кралство.

Оригиналниот мурал „Девојчето со балон“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here