Ако се сумира приказната на Огнен Антов, името на продуцентската куќа што ја основал во 2007 година, „Дрим фактори Македонија“, кое има очигледно значење, поконкретно треба да се чита како отсонувана, па остварена фабрика за производство и споделување на неговите сѐ уште неостварени соништа. Дека фабриката добро ‘работи на случајот’, Антов може да измери лесно, водејќи се од препораката што ја даде во разговорот од кој произлезе овој текст: „Имајте јасна цел во животот – што сакате да направите – дали со себе, во своето семејство, во вашата кариера – нешто што ќе ве води“.

Како копродуцент на „Споменик на Мајкл Џексон“ (2014) – визави целта што си ја поставил за фестивалски успех, има филм со премиера на меѓународниот филмски фестивал Карлови Вари, што е фестивал од А-категорија. Филмот бил прикажан на над 60 фестивали и има преку 15 награди, а Антов со последната копродукција, „Ловци на вештерки“ (2018), на ова конто ги додал и Санденс (Sundance Film Festival) и Меѓународниот филмски фестивал во Торонто (Toronto International Film Festival – tiff).

„Ова ми е голема лична сатисфакција. Се работи за фестивали од А-категорија, при што Санденс е голема референца. Не многу луѓе можат да се пофалат со филм на фестивал од ова ниво. Мене ми е многу значајно, како нешто до каде сум стигнал“, вели Антов.

„Имајте јасна цел во животот – што сакате да направите – дали со себе, во своето семејство, во вашата кариера – нешто што ќе ве води“

Понатаму, „Мисија Лондон“ (2010), „во време кога на Балканот не се одеше во кино“, беше апсолутен хит и стана најгледан филм во Бугарија на сите времиња – пред „Аватар“ (2009) на Џејмс Камерон. Во моментов во својата ‘фабрика’, Антов си го остварува сонот за долгометражен филм за деца, „Стела“, што е прв македонски во категоријата.

„Имам и две неостварени желби. Многу имам мерак да направам „SF“ (научна фантастика), што отсекогаш ми било желба. Растев со „Војна на ѕвездите“ (Star Wars) и сѐ уште ми е фаворит. „Силата нека биде со тебе“ (May the Force be with you) ми е реченица што вака или онака ја користам многу често. И сакам да направам екранизација на некое македонско книжевно дело.“

Нормално, Огнен Антов најпрво и најинспирирано ни зборуваше за проектот на кој моментално работи – „Стела“, со кој амбицијата е учество на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал.

„Отсекогаш сум имал желба да направам детски филм. Иако „Стела“ не е класичен детски филм, туку нешто меѓу детски филм и семејна драма. Конкретно Стела е шарпланинка на која во еден момент специфично ѝ проработува мајчинскиот инстинкт и прифаќа едно дете како свое сопствено; и таа ќе биде катализатор на многу дејствија што ќе водат до тоа семејство повторно да се сплоти во едно. Мислам дека како на општество ни недостасуваат семејни вредности. Филмот го работиме за моите деца, и за други деца, и од идните генерации што ќе го гледаат. Да се потсетат кои се тие семејни вредности со кои ние сме растеле порано. Во случајов, тие вредности се пикнати во обландата од основните човечки вредности, како љубовта, мирот, вистината, правилното дејствување, ненасилството. Мајка ми и татко ми ме воспитале со љубов; со нешто што подразбираше дека, на пример, се знае оти во три и пол е семејниот ручек на кој се дискутира, се разговара, за сѐ она што им се случува на членовите на семејството. Ние не застанавме на обврската од првите одделенија да се прочита „Зоки Поки“, зашто родителите и климата во општеството ни оставија навика за читање. И некако, поради сплетот на сите овие околности, после скоро 20 години работење продукција во разни варијанти, дојдов до правење ваков детски филм.“

Со Стела, ѕвездата – „катализатор на многу дејствија што ќе водат до тоа семејство повторно да се сплоти

Снимањето на „Стела“ продолжи деновиве, по мала пауза (главниот актер, Петар Маниќ, си ја скршил ногата), а во септември би требало да заврши со доснимување во Германија, на одредени екстериери.

„Зашто приказната е врзана за едно дисфункционално семејство од брак меѓу Македонец и Германка. На овој фон го имаме детето кое во школо е жртва на булинг и решава да побегне од дома; некаде, каде што знае дека постои некој негов дедо, во Македонија; кој живее во некое место што се вика Галичник, кое за детето е само име поврзано со магливо претпоставени очекувања.“

Антов очекува до крајот на годинава комплетно да заврши и постпродукцијата, за да може да се направи обидот „Стела“ во февруари да биде дел од „Берлиналето“ – „Ако успееме – конкуренцијата е голема“.

Како дојдовме до ситуација одново и одново да велиме „полошо не може да биде“

Уште првите свесни пориви на Огнен Антов биле поврзани со индустријата за забава, со односните медиуми и уметности, а ментално-емотивната основа на „Дрим фактори“ била поставена во околностите на доцните осумдесетти и деведесеттите.

Во формирањето на неговиот културен идентитет не го заобиколила, како што вели, „традицијата на читање на Херман Хесе во прва средно“, како прво „културно прекршување“, а покрај ‘класичната’, омилена литература му биле стрип ревијата „Стрипотека“ (преку која се вљубил во научната фантастика), „Алан Форд“ и нинџа ‘романчињата’. Многу сакал и поезија, особено Жак Превер – „па, дури едно време и на девојчиња им се додворував со стихови“.

„Не сум сигурен дека младите генерации денеска читаат вакви работи, во паузата од гледање две и пол минутни YouTube видеа по препорака на ‘инфлуенсери’“, вели Антов, пред да потенцира дека „не можеш да го прелажеш со плитка музика“, кога фаворити му се Depeche Mode, U2, „а во кола сѐ уште ми свири „Love Will Tear Us Apart“ на Joy Division“.

Многу имам мерак да направам „SF“ (…) „Силата нека биде со тебе“ ми е реченица што вака или онака ја користам многу често“

За деведесеттите, Огнен Антов со видна носталгија даде и живописен опис:

„Тие деведесетти беа и времето на Анте Марковиќ, на нормални чоколади, наместо шеќерни табли; на банани, на излегување до 6 сабајле; секој ден, не само во петок, сабота; одење на бурек после диско … Разликата всушност е што веројатно денешниве деца, младина, се многу позагрижени, пооптоварени – ние бевме многу побезгрижни. Целата ситуација во деведесеттите беше ‘полабава’. Младите не беа оптоварени со политика, загадување …“

Во тој период работел во „Радио Уно“ како музички продуцент, пред „сосема случајно“ да влезе во некоја фриленсерска работа со филмска продукција. Направиле заедничка компанија со брат му, но после неколку години се разминале поради креативни разлики. После ‘фриленс фазата’, Антов ја создал „Дрим фактори Македонија“.

„Кога во 2007 настана „Дрим фактори“, идејата беше да не работиме ништо друго освен филм и телевизија. Но, тие први години имаше многу реклами, помалку филмови, за со тек на време трендот да стане обратен. Во еден период влегов и во работа за телевизија. Направиме нешто што особено ми е драго – „Танцот со ѕвездите“ на МРТ1. Ова шоу на официјалниот YouTube канал, на сите видеа вкупно, има над 3 милиони прегледи. Во историја на македонската телевизија – не само на МРТ, зборувам и за другите, приватните телевизии – мислам дека само „К-15“ има подобар резултат. Сериозен раритет е државна телевизија вака да ја ‘тепа’ приватната конкуренција. Искрено мислев дека тоа ќе биде поттик за дел од приватните телевизии малку повеќе да инвестираат во купување подобра продукција наместо турски серии. Но …“

Говорејќи за ‘оствареното’ во ‘Фабриката’, Антов го спомена „Џган“ (2016) како нему многу драг проект (оние кои не го гледале филмот во режија на Вардан Тозија може да го погледнат вечерва, 19 јули, на бесплатна проекција на отворено во Градскиот парк, во рамките на првиот летен фестивал Summerland).

„Ова ми е многу драг проект зашто направивме скопска урбана приказна; за деца „домци“, како што ни велат многумина, но не е баш за нив, туку, пред сѐ, за тоа колку ни е скапано општеството. Со „Џган“ кажавме дека каде и да се завртиш, сѐ е подложено на трулежот од митото и корупцијата. Дека некои луѓе не бираат средства за да стигнат кај што се намерачиле … Со „Стела“, пак, се обидуваме да го дадеме одговорот – дека некои вредности, кои се учат во семејството, треба да се вратат назад.“

Овде Антов направи дигресија што ќе ја пренесеме зашто го дообјаснува кажаното за „Џган“:

„Во општествово се прават табу теми од нешто што нема зошто да биде табуизирано, а она за што стварно треба да се дигне џева се бутка под тепих. Никако да стигнеме до моментот да си ја прифатиме одговорноста што се донесовме кај што сме; дека ние си ги гласаме политичарите; ние им дозволивме да станат ѕвезди, неприкосновени. Наместо филмски или музички ѕвезди, ние имаме политички. Лани бев во Копенхаген во време кога имаше локални избори во Данска. Во еден момент некој од локалците спомена дека имаат избори, и јас го прашав: Камо билборди? Еве, ми вика, и ми покажа минималистички А4 плакат на една бандера. На другата бандера имаше друг плакат, од друга партија. Ниту билборди, ниту какво и да е ‘давење’ по телевизии и други медиуми. А ние дојдовме до ситуација одново и одново да велиме „полошо од ова не може да биде“. Прагот како да ни е неисцрпно низок, што за тоа каде е дното – досега сме пробиле многу дна, што за толеранција. Србите викаат „десио се народ“, а овде никогаш не се ‘десил’ после Илинденското востание, а и тогаш кратко траело.“

„Прагот како да ни е неисцрпно низок, што за тоа каде е дното – досега сме пробиле многу дна, што за толеранција“

Продуцентот прв почнува и последен завршува со работа на филм

Од Огнен Антов побаравме сликовито да објасни што работи продуцентот, со оглед на нејасната претстава што повеќето луѓе ја имаат за оваа филмска професија.

Како вовед ни раскажа свое искуство од фестивалот во Карлови Вари:

„Таму има многу интересна публика, која доаѓа од Прага, на пример, и спие во шатори за да гледа филмови. После премиерата на „Споменик на Мајкл Џексон“ на улица ме запре човек кој сакаше да се фотографира со мене. Кога го прашав: Зошто со мене, ми рече: Го гледавме вчера „Споменик на Мајкл Џексон“, а вие сте продуцентот. Па, кој се слика се продуценти? – му одговорив – Не сме ниту глумци, ниту режисери. Тогаш човекот ми кажа дека студира продукција и оти многу му се допаднал филмот.“

Откако Антов вака се осврна на извесната дискриминација на продуцентите во однос на креативниот придонес во креирањето филм, продолжи:

„Општа претстава е дека филмот е базиран на режисерот, но многу автори придонесуваат мозаикот да се склопи за на крајот да може и да се види. Да, режисерот е тој што во еден момент креативно ги реди коцките. Но, некој треба да ги обезбеди, а тоа е продуцентот, кој, грубо кажано, прво треба да ги најде парите за да ги купи коцките, па треба да ги избере, па да ја постави рамката за тоа што ќе обликуваат. Освен финансиите, продуцентот треба да избере кој ќе работи со овие коцки – кој ќе биде сценарист, режисер, директор на фотографија; учествува и во изборот на глумци. Последниве неколку години во светот, особено во Европа, се наметна една категорија што се вика креативен продуцент, кој не само што, како во американскиот модел, ги обезбедува средствата и гледа како тоа ќе испадне на крај за да може да го продаде; туку има, ако сака, и можност креативно да влијае од идејата, до развојот на сценариото, па дури и да сугерира решенија во фаза на режија и монтажа. Откако сѐ ова ќе се заврши, целата екипа на филмот во принцип застанува, а продуцентот има и понатаму работа. Да најде начин како ќе го продаде филмот, како ќе го дистрибуира, како ќе му направи маркетинг …“

Последново Антов одново го илустрираше со пример од неговото искуство:

„За „Џган“, на пример, немавме буџет за маркетинг, а требаше некако да се промовира, па јас решив да направам една необична кампања. Чекав да има некое политичко превирање меѓу двете партии – медиумите да пишуваат за тоа на широко – и тогаш пред канцеларијата на Европската унија наместив црн билборд на кој со бели букви пишуваше „Џган“. Тоа за 24 часа создаде еден таков „баз“, муабетење – еве, џган сме – што ми направи индиректна реклама – луѓето почнаа фреквентно да го користат зборот џган. Во следната фаза направиме герилски флаери, црно-бели, што ги стававме по поштенски сандачиња, по шофершајбни на коли, ги делевме на улица, и сите се прашуваа за што се работи. И кога веќе го пуштивме трејлерот, имавме 30 илјади гледачи за неполни 24 часа. Ова е илустрација за тоа како продуцентот прв почнува, а последен завршува со работа.“

„Последниве неколку години во светот, особено во Европа, се наметна една категорија што се вика креативен продуцент …“ (со режисерот Стојан Вујичиќ)

На крајот го прашавме Огнен Антов кои филмови му оставиле впечаток од поновата светска продукција. Тука се осврна на „турнусот блокбастери на Marvel и DC“, како и на два филма чија допирна точка е Виго Мортенсен.

„Ги сакам „Авенџерс“. Ајронмен, Тор и Хулк ми се омилени. А последниве години имам два фаворити кои биле на Оскар – лани го гледав „Green Book“ (Зелена книга) и криво ми е што Виго Мортенсен не доби Оскар – филмот е брилијантен. Од пред три години, исто со Виго, „Captain Fantastic“. Семеен филм, со сериозна тежина. А Виго ниту тогаш не доби Оскар.“

Понатаму Антов не сакаше да реди имиња како препораки за гледање, но порача три работи:

„Прва препорака е, иако звучи банално – гледајте што повеќе филмови можете. Втора, исто банална – читајте книги – тоа е многу квалитетно поминато време. Трета – гледајте македонски филмови. Така на еден начин ќе им помогнете на луѓето што ги прават – ќе им направите голема чест и ќеиф што сте им го одгледале филмот, а од друга страна – ќе видите нешто ново.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here