На настапот на Bjonko & Balkanbeat Band што се одржа завчера (сабота, 20 јули) во рамките на Скопско лето, отидовме ‘непрофесионално’ – без намера да пишуваме за истиот, но Данецот кој има потекло и од Македонија, и неговиот бенд, со перформансот ‘нѐ задолжија’ и вака да го споделиме уживањето, чиј специфичен ‘шмек’ го создаде и амбиентот во кој се одржа концертот, а имено внатрешниот двор на Сули ан во Старата скопска чаршија.

Бјонко Стошиќ Петерсен е кларинетист од Копенхаген со корени и од Битола, кој повеќе од две декади ги стилизира и испорачува, главно на скандинавската музичка сцена, „дивите и моќни балкански ритми“, што во неговата музика се искомбинирани со современите меинстрим жанрови – рок, хип хоп, поп, џез …

А во Скопје нема посоодветен простор од Сули ан во кој би прозвучеле вакви стилизации на „Јовано, Јованке“ или на „Касапското оро“ – Куршумли ан е опција, но со оглед дека интересот за вакви настани овде е „покамерен“, прв, правилен избор (браво за Скопско лето) останува Сули ан.

Наградуваниот во категоријата настапи во живо (Дански музички награди – Danish Music Awards – DMA), Бјонко, во Скопје се претстави како уметник од оние што ‘гинат’ на сцената; имаат цврсто изградена ‘хемија’ (за да може да биде интуитивно ‘мека’ во џем-сешн манир) со членовите на својот бенд; на кои не им бега ниту една реакција на публиката со која од самиот почеток на настапот се „на ти“; која, за илустрација во случајов, на првиот повик на кларинетистот стана од столчињата и заигра оро.

Дека Бјонко ужива додека свири се гледа и од последниот ред , а по тој терк ги избрал и музичарите во Balkanbeat бендот – басистот Расмус Ларле Дамсгард, гитаристот Расмус Волден (најмладиот член на групата, особено расположен за интеракција со скопската публика во тек на концертот), тапанарот Микел Вилингсхој – сите Данци, и хармоникашот Расим Дураковиќ, иселеник од Босна.

Видео исечок од крајот на изведбата на „Јовано, Јованке“

Во формирањето на стилот на свирење на Бјонко значајна улога одиграл мајсторот на кларинет, Славе Наумовски – Чапче, кој му бил ментор во детските години, кога Стошиќ Петерсен летата често ги поминувал во својата „втора татковина“, во неговиот македонски „роден“ град, Битола. Не случајно и концертот на Скопско лето е реализиран во соработка со битолски Локум фест, балканскиот етно-фјужн фестивал, на кој Bjonko & Balkanbeat Band настапија ден претходно.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here