Луис Дениелс (Louise Daneels) почнала да ги изработува нејзините керамички реплики на секојдневни предмети додека магистрирала илустрација во Гент, Белгија, на тамошната Кралска академија на уметностите (KASK).

А првиот креативен контакт со глината го имала во Лајпциг, Германија, каде била преку програмата Еразмус:

„Сакав да ја рекреирам бањата на меѓународната вселенска станица, зашто ме фасцинира начинот на кој си ја одржуваат хигиената астронаутите во вселената. Требаше да најдам материјал за да ги направам средствата за ‘вселенска хигиена’, и глината ми се чинеше најубав и најлесен материјал за работа.“

Дениелс е самоука – учела од YouTube туторијали – како да користи печка (за печење керамика), како да прави различни глазури и ефекти со боите, како да работи со различни видови глина. Фокус на нејзината работа се реквизитите за одржување на личната хигиена, како и други предмети што луѓето ги употребуваат секојдневно – такви на кои најчесто им обрнуваме малку внимание надвор од нивната функција: шишиња за различни средства за нега на кожата, сунѓери, четки за заби, тампони, различни пакувања за храна …

Овие предмети за еднократна употреба, Дениелс ги овековечува во глина, но намерата не ѝ е да понуди некоја ‘просветлувачка’ уметничка сугестија дека на нив (на предметите за еднократна употреба – на пример, на некоја добро дизајнирана амбалажа за козметика), како на дела на дизајнери, може да се гледа и како на „готови“ уметнички дела (readymade – како „Фонтаната“ на Дишан); туку таа дополнително ја потенцира нивната „обичност“, украсувајќи некои од глинените скулптурички со зборот „секојдневно“.

Луис Дениелс со дел од спомените во керамика

Во последно време главно моделира предмети што имаат сентиментална вредност за неа:

„Селектирам предмети што играат важна улога во моите сеќавања и мојата лична животна приказна. Како археолог на мојата меморија, ги враќам сеќавањата назад во живот преку керамичките скулптури“, вели Дениелс во изјава за It’s nice that.

Во однос на публиката, идејата ѝ е дека со претворањето на нејзините спомени во материјални предмети, гледачот може да се поврзе со нејзините лични искуства, да добие претстава за опкружувањето во кое таа живее; да добие визуелен и тактилен контекст нешто што поинаку би можелa да го пренесе само со раскажување; но, секако, вака пренeсеното искуство одново би било ограничено на сферите на имагинацијата.

Од друга страна, а во контекст на погоре кажаното, рекреираните секојдневни предмети целосно ја губат употребната вредност и стануваат исклучиво украсни. „Вицот“ што го раскажува во оваа смисла е јасен – често посакуваме и купуваме нешта што најмалку ги избираме поради функционалноста – туку зашто ‘бркаме’ статус, помодност – во најдобар случај поради дизајнот.

Погледнете некои од делата на Луис Дениелс …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here