Само Маурицио Кателан (Maurizio Cattelan) може да смисли групна изложба чии учесници нема да ги поврзува ништо друго освен тоа што имаат исто презиме – најчестото во САД, Смит. Се работи за изложбата „Смитовите“ (The Smiths), отворена во Лондон, во Галеријата Марлборо, на 3 јули (трае до 2 август), околу чиј концепт Кателан „не е сигурен“ (како што самиот вели, изложбата произлегла по вина на неговото сандаче за електронска пошта и случајна средба со директорот на споменатата лондонска галерија), но подвлекува дека зад неа стои демократски принцип – покрај дела на „ѕвезди“ од форматот на американскиот апстрактен експресионист Дејвид Смит (1906–1965), изложена е и уметност од недоволно познати уметници.

По повод изложбата „The Smiths“, ARTnews направиле интервју со ‘најопасниот’ „пренкстер“ во светот на уметноста, Маурицио Кателан, а првото прашање е токму за потеклото на идејата за спојување на ‘презимењаците’:

„Наречи го краток спој на среќни околности – за сѐ е виновен мојот „инбокс“: во ист момент добив три различни покани за отворања на настани на различни места каде изложуваа уметници со презиме Смит. Го сфатив тоа како знак ‘одозгора’; некој требаше да го земе ова и од него да направи нешто добро. Очигледно, тоа не бев јас“, гласи одговорот на Кателан.

Од Галеријата Марлборо, пак, вака ја претставуваат изложбата:

„The Smiths“ е групна изложба инспирирана од типично стимулативната и забавна комуникација со уметникот Маурицио Кателан. Според неговата замисла, изложбата содржи дела од над 30 уметници со презиме Смит. Опфаќа повеќе генерации, стилови и медиуми, и вклучува и познати, но и не толку познати уметници. Бидејќи уметниците сами си ги селектираа делата, изложбата поттикнува конекции без предумисла меѓу делата и авторите. Сумарниот ефект е непредвидлив, односно дозволува некој вид случаен динамизам.“

Во интервјуто Кателан се осврнува и на прашањето за неговото „пензионирање“ (по својата ретроспективна изложба во 2011 во њујоршки Гугенхајм, најави повлекување, но во меѓувреме, на пример, се истакна со понудата да ѝ ја позајми на Белата куќа со актуелен прв станар Доналд Трамп, неговата скулптура „Америка“, тоалетната школка од 18-каратно злато):

„Специјално ја истражувам состојбата што се дефинира како седење на две столици. Не сакам да одлучувам меѓу опциите А и Б – сакам да останам помеѓу. Од една страна, свесен сум дека не сум способен да се ставам во промет како оној на кој уметникот е приморан денес – да прави дузина изложби месечно, продуцирајќи дела за стотици саеми за уметност низ светот … ова не мој стил. Од друга страна, чувствувам дека сѐ уште можам да создавам уметнички дела со вредност што не е само економска, и посакувам и во иднина да можам да го правам тоа.“

На прашањето кои уметници или изложби го инспирираат во последно време, Кателан вели дека многу го погодила историјата на големиот руски колекционер Сергеј Шчукин (1854-1936), што ја видел во Пушкинскиот музеј во Москва:

„Грандиозно нешто. Покрај инспиративната изложба, дознав серија анегдоти за релациите меѓу овој лудо пасиониран патрон и уметниците – и тоа какви уметници! Ќе именувам само неколку: Матис, Гоген, Пикасо, кои ги поддржувал безрезервно.“

Секако, од ARTnews не пропуштиле да го прашаат и каде е златната тоалетна школка „Америка“, а Кателан откако им го кажува она што веќе го знаат (поентата на прашањето е да добијат сочен коментар) – дека се наоѓа во родната на Винстон Черчил, палата Бленам, им вели оти целта е да се „прослави длабоката/висцерална и стогодишна алијанса меѓу Соединетите држави и Обединетото Кралство“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here