Најпрво – нема сомнеж – гледате регуларна биста на Баскијат, изработена од камен или можеби гипс. И ако ja разгледатe од сите страни, нема никаква најава дека очите ви се лажат. Сѐ додека Феликс Семпер не ве сепне со еден потег, приредувајќи ви „халуциноген“ момент, со растегнување на скулптурата како хармоника … што е недоволен опис … (за повеќе, видете во приложеното видео)

Феликс Семпер (Felix Semper) е кубанско-американски самоук уметник, чија уметност ги рефлектира неговиот културен багаж и искуствата стекнати од патувањата и живеењето низ светот. Познат е по своите растегливи хартиени скулптури (значи некој вид кинетички), кои пред флуидно да се отворат во стил на хармоника, изгледаат како да се од камен или од некој друг конзистентен материјал, а всушност целосно се направени од слоеви хартија поврзани со лепило.

Инспирацијата Феликс ја наоѓа во предметите што нѐ опкружуваат во секојдневието и во поп-културата, а процесот на изработка на неговите скулптури, што трае и со месеци, подразбира моделирање на саканата форма со делкање илјадници слоеви хартија поврзани со лепило, па осликување на истата, за да се добие уверлива илузија дека се работи за изведба во традиционален скулпторски материјал. Цените на делата му достигнуваат и шестоцифрени суми во долари, а во соработка со маркетинг агенции развива и корпоративна уметност/кампањи, и негови скулптури има и во колекциите на Marriott International, Champs Sports, Axel Arigato …

Феликс Семпер со уметност во тесната конкретна смисла на зборот немал време да се занимава поради неговиот бизнис со недвижности до 2008 година, кога … :

„ … во хипотекарната криза го загубив бизнисот и морав да објавам банкрот. Кога требаше да почнам одново, требаше да откријам што ќе правам во животот (…) а и дотогаш секогаш ја инкорпорирав уметноста во сѐ што правев (…) па, одлучив да правам нешто тотално радикално, целосно ново, нешто што никој претходно не видел.“

Покрај скулптор, Феликс Семпер е и сликар, на чии платна е забележливо влијанието од графити – уличната уметност. Погледнете ја галеријата …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here