Иако цените на аукциите на уметнички дела чии автори се жени сѐ уште заостануваат зад оние што ги постигнуваат творбите на машките ривали, постои сегмент на пазарот каде жените значајно водат, открива нова студија од „Сотбис Меј Моузес“ (Sotheby’s Mei Moses; чии истражувања за состојбите на арт маркетот уживаат широк углед). А имено, кај делата што се тргуваат на аукцискиот пазар, цените за оние креирани од жени растат со значајно поголема стапка (во однос на делата потпишани од мажи).

Студијата објавена во последното издание на онлајн публикацијата „Со други зборови“ (In Other Words; со поднаслов: Сѐ што некогаш сте сакале да знаете за арт маркетот, но не сте знаеле кого да прашате) на подружницата на Сотбис, „Art Agency Partners“, зема предвид дела продадени повеќе од еднаш (кога некој ќе ги купи, па повторно продаде), и ја споредува разликата во цените за уметноста создадена од жени, со соодветните движења на чинењето на креациите чии автори се мажи.

Најскапо продаденото дело на жена уметник во историјата – „Jimson Weed/White Flower No. 1“ (44,4 милиони долари, во 2014 година) на Џорџија О’Киф

И наодот на „Сотбис Меј Моузес“ е дека меѓу 2012 и 2018, резултатите од продажбите кај мажите се зголемиле за само 8%, додека кај жените пораснале за дури 73%. За споредба, студијата утврдила дека пазарите за препродажба на дела на мажи и жени уметници биле речиси исти преку педесетте претходни години. Кај современите жени уметници, активни по 1945 година, има најголем раст, со цени во препродажба 87,7% повисоки од оние кај машките ривали. Другите жени уметници ги надминуваат мажите за 30,7%.

Ова засега нема големо влијание на пазарот на уметноста, зашто и натаму делата од жени се мал дел од она што се продава на аукциите. Во 2018, 92% од делата продадени на аукции биле од уметници мажи, покажа извештај за арт маркетот во 2018 (The Art Basel and UBS Global Art Market Report 2019).

И бројот на препродадени дела на мажи сѐ уште е уверливо поголем од оние создадени од жени. Студијата на Меј Мозес вклучува 2,472 препродажби на дела од 499 жени уметници, кои биле споредени со 55,706 препродажби од 8,477 мажи, и во двата случаи од последниве седум години.

Дури и најскапите дела од жени, од уметници како Јајои Кусама, Џоан Мичел и Сесили Браун, не успеаја да влезат на листата на 100-те најскапо продадени дела лани. И додека Џени Савил стана најскапа жива уметница со дело („Propped“) продадено за 12,4 милиони долари, нејзиниот машки пандан, Дејвид Хокни, за „Портретот на уметник (базен со два лика)“, „инкасираше“ 90,3 милиони долари (во меѓувреме „Зајакот“ со 91,1 милиони долари го врати Џеф Кунс одново на врвот, но овде се работи за скулптура, а споредбата Савил-Хокни е за слики).

Најскапо продаденото дело на жива уметница – „Propped“ (1992) на Џени Савил

Но, тогаш зошто жените толку подобро ‘перформираат’ на пазарот за препродажба?

„Сините акции“ (Blue-chip – во берзанскиот речник, акции што важат за квалитетни, сигурни и стабилни дури и во време на големи колебања на цените) во уметноста се редок ресурс. И бидејќи многу од делата со најпознати потписи се веќе купени (најчесто без намера набрзо да одат на препродажба), колекционерите мораат да копаат подлабоко во историјата на уметноста за да најдат ‘парчиња’ со кои би ги збогатиле своите збрики. А овој притисок сѐ повеќе го свртува вниманието кон претходно неистражени ‘ниши’, вклучувајќи ги тука и потценетите жени уметници, кои истовремено одново ги откриваат музеите и кураторите. Бидејќи делата на жени биле долго занемарувани, тука оди едната голема линија на пробивање – оттука и новите рекорди за претходно несоодветно (не)забележаните апстрактни експресионистки Џоан Мичел и Ли Краснер, или промовирањето од страна на Сотбис на женските ‘стари мајстори’ како Артемизија Џентилески или Елизабет Виже Ле Бран.

„Може да има многу различни причини за нашите наоди – можеби различни културолошки фактори влијаат на начинот на кој луѓето гледаат на уметноста. Поттекстот е дека побарувачката за дела на жени уметници расте“, изјавил првиот човек на „Сотбис Меј Моузес“, Мајкл Клајн, за Art Newspaper.

Делото (The Eye is the First Circle, 1960) на Ли Краснер. со кое годинава беше поставен нов аукциски рекорд за апстрактната експресионистка (1908–1984) од 11,7 милиони долари

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here