„Женски труп, поглед однапред“, 1945 (детал)

Иако неспорно голем мајстор, американскиот уметник роден во еврејско семејство во Латвија, Хајман Блум (Hyman Bloom; 1913-2009), умрел релативно непознат за пошироката јавност. На десетгодишницата од смртта на сликарот за кој Вилем де Кунинг изјавил дека тој и Џексон Полок заедно, го сметале за „прв апстрактен експресионист“, во Музејот на уметноста во Бостон (Museum of Fine Arts, Boston) е поставена голема, фалена од критичарите ретроспективна изложба на Блум: „Хајман Блум: Прашања на животот и смртта“ (Hyman Bloom: Matters of Life and Death) (13 јули-23 февруари), што вклучува 70 негови слики и цртежи.

Блум, кој живеел во Бостон, одбивајќи да биде дел од вриежот на њујоршка уметничка сцена прифатил да биде во длабока сенка на двајцата споменати гиганти на американската уметност (де Кунинг и Полок), и го отфрлил апстрактниот експресионизам сметајќи го само за „емоционална катарза, без интелектуална база“.

Овде соодветно се наметнува цитат од сопругата на Вилем, Елејн де Кунинг, која велела дека Блум „се чини мисли со четката“, имајќи ги предвид комплицираните филозофски значења „на акцијата на неговото сликање“. Значи, посветен на фигуративното сликарство во дефинирачкиот момент за американската уметност – кога апстракцијата го доживувала својот подем, Блум го предизвикал просечниот поим за убавина, откривајќи го вистинското значење на поимот „мртва природа“.

„Автопортрет“, 1948

Имено, на неговите слики од четириесеттите и педесеттите од минатиот век го прикажува човечкото тело во фази по смртта, медицински стручно, што ‘на прва’ може да значи одбивно, но неговите смели, и истовремено крајно деликатни потези со четката, го прават виденото радост за очите. Уметникот првпат посетил мртовечница во 1942 откако бил повикан да идентификува тело на пријател кој се самоубил, а ова се покажало како пресвртно искуство во неговата уметност. Оттука натаму, сликајќи го физичкото во споменатата смисла, го барал и ‘фаќал’ духовното – одејќи длабоко под површното/под површината – одраната/распаднатата кожа; истражувајќи ја формата, го барал значењето. Негови зборови се дека „духовниот живот не може некој да ти го даде, зашто вистинското духовно искуство може да дојде само ‘однатре’, и само преку лични напори за продлабочување на процесот во кој може да се постигне состојба на благодат“.

Во уметноста на Блум, кој очигледно гледал преку физички појавната страна на смртта и сметал дека „парадоксот на вознемирувачкото и убавото би можело да се донесе до единство“, влијание имале неговата еврејска вера и интересите за источните религии …

Погледнете ја галеријата …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here