Уметноста на парижанецот Ludo ја нарекуваат „одмазда на природата“ поради јасните пораки со кои повикува на прекин на колективното негирање – што и покрај честите природни катастрофи нема доволно акција која ќе покаже свест за еко-кревкоста на нашата состојба.

И во своите нови дела – „Ефемера“ (Ephemera) и „Ластовица“ (Swallow) – на ѕидовите на родниот му град, го поврзува светот на флората и фауната со технолошкиот универзум во кој живееме во „вечна потрага по модерното“. Црта прецизно, во стилот на ботанички илустрации, хибридни организми; истовремено елегантни и нападни.

„Ефемера“ (со значење краткотрајно) е надоврзување на истоимениот проект што Ludo го почнал во 2014, кога патувал низ градови во Кина, сликајќи на ѕидовите на куќите во реони кои секоја година властите во најнаселената држава целосно ги уништуваат за да се направи простор за нови облакодери. Илјадници луѓе се принудени да се преселуваат во процесот во кој годишно се демолираат 4,6 милиони квадратни метри површина (податок на кој Ludo се повикува, од CABR – China Academy of Building Research). Ограниченото време пред уништувањето, колку што траат неговите мурали во контекстот, е паралелата со брзината и лудилото на модернизацијата на Кина.

И „Ефемера“ и „Ластовица“ се направени во типичниот за него монохромат со зелени акценти.

Московјанецот, пак, Данила Шмелев, се истакнал во најголемиот град на Урал, Екатеринбург, во рамките на фестивалот на улична уметност Stenograffia. И овде се видливи резултатите од минуциозниот пристап при изведбата: извонредниот trompe-l’œil (oптичка илузија) ефект на делото сликано на пластика.

„Кога гледачот комуницира со ова што го гледа, резултатот секогаш е цел ранг од различни значења. Логично е при контемплацијата да се препознае еколошка порака, зашто овде е портретирана пластиката. „Пластичен свет“ е благодарна метафора за опишување на нашето денешно егзистирање во капиталистичкиот свет“, се зборови на Данила Шмелев.

„Ѓубраџиски кит“ (слободен превод од Garbage Whale) е мурал во Владивосток, кој француското уметничко дуо Murmure Street го сработило во рамките на фестивалот V-Rox. Се работи за прво дело од проектот на кој двоецот работи последниве месеци ,„Garb(age)“, а кој ќе биде презентиран догодина, на изложба во Париз.

Серијата дела од проектот се базирани на поетични и онирични трансформации на кеси за ѓубре, земени (кесите) како симбол на нашава ера и конзумеризмот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here