Folyo, платформата што ги поврзува компаниите – клиенти, со мрежа од фриленс дизајнери, објави резултати од истражување за тоа колку графичките дизајнери (фриленсери) наплаќаат за својата работа годинава – од изработка на лого, до веб-апликација; а во интерес на олеснување на комуникацијата меѓу клиентите и дизајнерите преку одредување на „фер почетна точка“ кога се во прашање цените.

И покрај релативно малиот број анкетирани дизајнери, 209, резултатите го даваат теркот за одредување на цените на дизајнерската работа, наведуваат од оваа професионална заедница.

„Најдобрите дизајнерски работи и договори стартуваат од точката на взаемно почитување и вреднување“, вели основачот на Folyo, Роб Вилијамс, во својот текст по поводот.

За дизајн на лого, мнозинството од дизајнерите кои одговориле на анкетата (30%), рекле дека наплаќаат меѓу 500 и 1.000 долари. Додека 24% се изјасниле дека изработка на лого им чини под 500 долари; 23% меѓу 1.000 и 2.500; и останатите 23% меѓу 2.500 и 10.000 долари. Во Folyo од овие резултати извлекле груба средна вредност, сугерирајќи дека 1.200 долари е „фер почетна точка“ за услугата дизајн на лого.

„Има начини да се добие лого за многу помалку, но би биле многу внимателни со ваквите ‘багатели’“, е коментарот на Вилијамс.

Користејќи слична анализа на податоците за да се добие просечна цена, Folyo препорачува дека 1.900 долари е фер да се плати за дизајн на почетна/главна страна на веб-сајт (второто нешто, после логото, на кое мислат компаниите кога сакаат да го зајакнат својот бренд), но цената може да се движи од 500 до 5.000 во зависност од комплексноста на барањата на клиентот. Дизајн на статична веб-страница (најбарана дизајнерска работа на Folyo) грубо би чинел 4.000 долари. За оваа категорија во ценовната листа на платформата било најтешко да се најде просек („да прашаш дизајнер за цена (во случајов), е како да прашаш архитект колку ќе чини куќа“), зашто работата сосем зависи од специфичните барања на клиентот.

Дизајн на мобилна апликација, за што од Folyo забележуваат дека од дизајнерот се бара поголема и поразновидна извештеност, чини од 5.000 долари нагоре, а на веб-апликација 7.000 долари, но бидејќи „не постои „мала“ веб-апликација (…) зашто истата, за разлика од статичниот веб-сајт, постојано еволуира“, препорачуваат компаниите да бидат спремни на цени од над 10.000 долари.

Сите проценки се базирани на чисто дизајнерска работа, без кодирање. Во текстот се предупредува дека клиентите „се свртуваат кон искусни и вешти“ (дизајнери), како и кон „оддалечени и интернационални“, со сето влијание во контекстот врз анализираните цени.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here