Последниве години, врвната уметност станува ‘неопходна’ додадена вредност на комфорот што го нудат најдобрите хотели во светот. Вообичаените гости на овие хотели неретко и дома сакаат да бидат (и се) опкружени со уметност, па можноста и во периодот на одморот луксузот да им вклучува и неколкудневно блиско ‘дружење’ со битни уметнички дела, игра улога каде ќе одберат да се сместат.

Оттука, artnet News, како што велат, „навреме за последниот бран летни одмори овој август“, направиле листа од 8 хотели што „вреди да се посетат и само поради уметноста што ја поседуваат“; подразбирајќи од вредни современи колекции и експериментални аутдор инсталации, до програми со резидентни уметници и декор целосно инспириран од нечие творештво.

The Peninsula, Хонгконг

Овој флегшип од синџирот The Peninsula Hotels, одамна се смета како еден од најдобрите во Азија. Покрај со она што традиционално го нуди, последниве години привлекува внимание и со извонредни иницијативи во делот на уметноста.

Почнувајќи од 2014, со проектот „Love Art at the Peninsula Hong Kong“, на гостите и останатата публика им нуди искуства водени од битни ликови на арт сцената, како Трејси Емин и Ричард Вилсон (англискиот скулптор). Програмата е проширена и со можност да се поразговара со уметници од Хонгконг и од странство; посети на галерии и музеи низ поранешната британска колонија; патувачка изложба низ сите хотели од синџирот наречена „Уметност во резонанца“, во чии рамки може да се видат имерсивни инсталации на уметници како американската скулпторка Џенет Ехелман и концептуалниот чилеански скулптор Иван Наваро.

The Dolder Grand, Цирих

Покрај луксузот од „стариот свет“, циришкиот хотел нуди сериозно импресивна колекција современа уметност. Се работи за над 100 слики и скулптури, од уметници како Такаши Мураками, Хуан Миро, Хенри Мур, Дејмиен Хрст, Кит Херинг, Енди Ворхол, Ники де Сент Фал, Фернандо Ботеро …

Casa Malca, Тулум

Њујоршкиот арт дилер, Лио Малка, кој работи со дела на уметници како KAWS, Ворхол и Жан-Мишел Баскијат, го реновирал објектот што ‘го открил’ во 2012; го претворил во бутик хотел со девет соби, и го наполнил со врвна современа уметност. Во секоја од собите е изложено експресивно уметничко дело, во контраст со типичните за покрај плажа, ентериери во неутрални тонови.

Hotel Lungarno, Фиренца

Со поглед на реката Арно и на мостот Понте Векио, за својата ‘маленкост’ овој бутик хотел надоместува со голема и извонредна колекција уметност. Над 400 дела, меѓу кои и од Пабло Пикасо и Жан Кокто, ги одбележуваат собите, рестораните, лобијата, барот со поглед на Арно …

Tourists, Норт Адамс, Масачусетс

Сместен во малиот град Норт Адамс, во сојузната американска држава Масачусетс, овој неодамна отворен хотел од artnet News го нарекуваат камен фрлен од Масачусетскиот музеј на современа уметност (Massachusetts Museum of Contemporary Art – MASS MoCA). Замислен како врвно дизајнирана верзија на американски моторџиски хотел, Tourists поседува имерсивна аутдор скулптурално и инсталациски базирана уметност, сета сработена од млади уметници. Понови проекти се инсталација на која може да се свири (Chime Chapel) од уметничкиот колектив New Orleans Airlift, како и психоделична видео инсталација на чикашкото дуо Luftwerk, што вклучува снимки од предели од околината на Норт Адамс.

The Hamilton Princess Hotel & Beach Clubs, Бермуда

Со прекар „Розова палата“ даден од локалците, отворен во 1885, овој хотел може да се пофали со околу 300 модерни и поп арт уметнички дела, разместени низ хотелот, вклучувајќи парчиња од Бенкси, Ворхол (дури 40 дела), Џеф Кунс, Дејмиен Хрст, KAWS, Јајои Кусама, Аи Веивеи … Секоја сабота хотелот нуди и официјални тури за разгледување на уметноста што ја поседува, чиј водич е специјално вработен куратор во „Розовата палата“.

The Alila Yangshuo, Гуејлин

Од поранешна фабрика за шеќер, на еден час јужно од градот сместен во јужниот дел на Кина, Гуејлин, ова место групацијата Alila Hotels and Resorts го претворила во супер модерен хотел, кој покрај вообичаените содржини нуди места за медитација исполнети со уметност. Колекцијата е исклучиво од уметници од Кина, од традиционални до современи дела.

Conrad New York Downtown, Њујорк

Кога архитектите од Kohn Pedersen Fox го планирале, уметноста особено ја имале наум. Откако ќе се влезе во хотелот, гостинот го очекува огромен мурал од Сол Левит паралелно со скулптурална инсталација од Моника Понсе де Леон. Внатре се и дела на Елсворт Кели, Џулијан Шнабел, Елизабет Пејтон, Френк Стела … Целосната колекција на хотелот вклучува дури 2.000 дела, и е селектирана со помош на њујоршката непрофитна организација Public Art Fund.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here