Секоја година илјадници уметници со соодветно, уметничко образование, бараат начин или место да го стават својот печат во светот на уметноста. И додека патиштата за успех се бројни, многу уметници, млади и не толку (млади), стремат кон истата цел: галерија каде би ги изложувале и продавале своите дела … на колекционери и (дај Боже) музеи …

Секако, успехот преку галерија не е амбиција на секој уметник, но, ако барате поврзување со трговец со уметност што ќе ве поддржи и претставува, треба да знаете како да стигнете дотаму. И бидејќи, „светот на уметноста е очигледно нетранспарентен кога станува збор за овие прашања“, artnet побарале совети за забрзување на овој болен процес, од уметници, трговци и други експерти, во смисла на практични чекори за тоа како да се стигне до добивањето застапништво …

1. Не се појавувајте на врата на галерија ‘апансас’

Пред да биде кажaно што треба да се прави, прво едно што не треба. Консензуално, сите кои биле анкетирани од artnet недвосмислено обесхрабруваат секаков обид уметник да се појави на вратата на галерија со портфолио ‘под мишка’.

„Ова е најпогрешното нешто што можете да го направите. Ова е клише – изгледате очајно“, вели соосновачот на галерија во Сан Хуан, Порторико, Кристофер Ривера.

2. Знајте колку вредите

Кога некој се обидува да направи кариера како уметник, еден од принципите треба да му биде „ДНК-та од која ќе произлегува секоја одлука што ја донесува“; а имено, „твојата работа вреди“, вели Лорен Витлс од њујоршката галерија Luhring Augustine.

Колку и да е важно на вашата уметност да ѝ обезбедите пласман, репутацијата не смеете да ја заборавите. Има доволно бескрпуполозни луѓе кои со задоволство ќе ја експлоатираат нетрпеливоста на уметникот за успех – потенцијално поставувајќи го теркот за тоа како на неговата работа ќе се гледа понатаму.

„Не ја давајте вашата уметност на луѓе кои нема да ве третираат вас и вашата работа со почит“, вели Витлс.

3. Откријте ја вашата сцена

Во економијата генерално, студија по студија покажува дека повеќето работни места никогаш не се појавуваат во огласи, и над 70% од сите се најдени преку лични контакти и вмрежување. Во мало поле како уметноста, овие ефекти се зголемени, што значи многу е важно за уметникот да дефинира на која сцена ѝ припаѓа и како е вмрежен во контекстот.

„Треба да бидете дел од сцена, дел од група уметници. Споделувајте ги своите контакти и пригоди. Највообичаен пат за уметникот да дојде до успех е преку друг уметник кој успеал. Ако учествувате на изложба со тема на која истражува ваш пријател, препорачајте го.“

Светот на уметноста е жестоко компетитивен, што некои уметници ги тера љубоморно да ги чуваат своите контакти. Но, Витлс ги уверува амбициозните уметници дека споделувањето не им ги намалува можностите.

„Во човечката природа е да не сакаме другите да ни ги крадат можностите, но многу од уметниците во нашата галерија доаѓаат преку други уметници.“

4. Бидете присутни

Ништо не може да го замени вашето редовно присуство на местото каде што сакате да се најдете (како уметник со договор за застапување), велат експертите.

„Треба да се потрудите да присуствувате на сите програми што можете во галериите што ви се допаѓаат. Кога сте присутни, кога ве има таму, станувате познато лице. Мислам дека помага и ако објавувате слики од отворања или изложби; галериите секогаш гледаат кој е присутен, кој им доаѓа на настаните. Според моето искуство, тие скоро секогаш проверуваат кој објавува или кој е редовен посетител“, вели уметницата Ребека Морган.

Асортиман од лица-ќупови, Ребека Морган

5. Изберете конкретна цел

Ненаметливиот пристап и одмерената искреност се важни, смета Ребека Морган. „Треба да се претставите себеси на сопственикот или менаџерот на галеријата, или на некој од уметниците, со ништо повеќе од ‘доаѓам во оваа галерија некое време и навистина ми се допаѓаат изложбите, па сакав да ве поздравам’. Вистински врски се случуваат почнувајќи од ‘Здраво, навистина ме восхитувате’ или ‘Ми се допаѓа вашата програма’.“

Имајте го наум како клучен, делот „ми се допаѓа програмата“. Вообичаена грешка на уметниците е нагонот да влезат во која и да е галерија, неселективно, како сите галерии да се исти. Да се знае за што е специјализирана одредена галерија, и зошто вашата уметност би била соодветна за тука, е многу важно ако сакате да ве сфатат сериозно.

„Ако кажете некому на рецепција дека ве восхитува галеријата, навистина треба да можете да дискутирате за некои од уметниците од програмата (на галеријата), за да покажете дека го мислите тоа што го зборувате; дека сте навистина заинтересирани за тоа што го работат и не барате било која галерија со која би работеле.“

6. Да, користете го Instagram. Но, како што треба

Instagram и другите социјални медиуми се фини алатки за уметниците. Нудат начини за поврзување и добивање на видливост какви што претходните генерации немале, отворајќи нови можности за влез во професијата. Но, имајте предвид, не секоја изложеност/видливост ви врши работа. Размислете што гледаат луѓето кога се обидуваат да ја најдат вашата работа/дела.

7. Научете ја деликатната уметност на примање посети во вашето ателје

Посетата на вашето ателје скоро секогаш е прв чекор кон создавање релација со галерија, вели Лорен Витлс, па важно е да се знае некој основен протокол.

„Треба да има дијалог – не смее да се случи монолог на која и да е од страните. Ако уметникот сака да ме подучи (ако не ме викнал за дијалог), можел само да ми прати соопштение.“

Значи, важно е да слушате што сакаат да ви кажат посетителите:

„Оставете ги да ви ги кажат нивните идеи за вашата работа, или на кои други уметници ги потсетува тоа што го работите. Вие (треба да) сакате тие да видат нешта за кои претходно не сте размислувале.“

Важно е да имате наум и дека на посетителот треба да му понудите ‘здрава’ количина од ваши дела: не смее она што може да го види во вашето ателје да биде една слика, но не смеете ни да го ‘задушите’ со премногу дела.

8. Не дозволувајте да паѓате ниско

Има многу отфрлања во светот на уметноста, за кои е нормално да деморализираат. Треба да запаметите дека ова е сосем нормално. Не дозволувајте премногу да се ‘ниша’ вашата самодоверба.

9. Запомнете дека секогаш можете да влезете преку странична врата

„Куќата на Дела“, Тони Коукс

Уметникот Тони Коукс, кој работи видео арт и неодамна потпишал за њујоршката галерија Greene Naftali (и моментално има заедничка изложба со Оскар Мурило), непрофитни проекти и фестивали го довеле во комерцијалниот свет.

„Мразам да звучам старомодно, но работете го тоа што треба да го работите и најдете ги местата каде можете да го претставите. Работете го тоа што сакате да го работите“, вели Коукс.

10. Создадете своја можност

За арт дилерите секогаш има ризик кога почнуваат да изложуваат нов, непознат уметник. Задачата е појавување на радарот, и можеби звучи парадоксално, но понекогаш најдобриот начин да постигнете некој друг да ја изложува вашата работа, е истото да го го почнете самите.

„Тргнете го целиот мебел од вашиот стан и стартувајте ваша галерија!“, препорачува, (во смисла „колку посакувате да успеете како уметник“), Ребека Морган.

11. Гледајте во перспектива

Како што светот на уметноста станува попрофесионализиран, може да биде тешко за млад уметник да го зачува трпението додека бара начини да биде претставен. Но, важно е да не заборавате дека раниот успех е повеќе исклучок отколку правило, и слабата претставеност сега не значи ништо во однос на можното препознавање што би се случило подоцна.

„Некои уметници чувствуваат дека ако не успеат до своите четириесетти, дефинитивно не успеале. Но, има многу уметници чие пропознавање се случило кога биле на шеесетина или седумдесетина години возраст“, вели концептуалниот уметник Хенк Вилис Томас, кој соработува со њујоршката галерија Jack Shainman.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here