Netflix е неприкосновен крал на стримингот, а и со оглед на последните случувања на пазарот (како најавата дека Disney+ ќе оди во пакет со ESPN+ и Hulu за истата цена како претплатата за Netflix), чувството е дека оваа позиција нема да му биде загрозена (напишете „the best shows to watch on Netflix“ на Google, и ќе ви бидат излистани препораки од последниве недела дена (кои редовно се апдејтираат) и од медиуми како The New York Times или Variety, со сѐ што тоа значи во контекстот). Но, со доаѓањето на вистинска конкуренција (каква што претходно немаше), најсилната стриминг платформа прави потези од кои се затечени дел од креаторите на Netflix, како и публиката која е на сервисот зашто бара (и) специфични содржини што не се обраќаат на широк аудиториум.

Ако до пред пет години креаторите на серии чекаа во ред за да работат за компанијата што ветуваше послободно работно опкружување и простор за експериментирање, сега истите ако експериментираат, многу ризикуваат.

По неодамна откажаните серии (и покрај добрите критики) како Tuca & Bertie (анимиран ситком за возрасни; откажан по првата сезона; со 100% на „доматометарот“ на Rotten Tomatoes) и The OA (драма, мистерија; откажана по две сезони), се постави прашањето дали сериите добиваат фер шанса да си ја најдат публиката. Креаторката на Tuca & Bertie, Лиза Хеневолт, ‘го прозва’ алгоритмот на Netflix како дел од проблемот со кој се соочила нејзината серија.

Tuca & Bertie

„Имајќи предвид колку е ретко жена да добие можност да води серија (да биде „шоуранер“), посебно во кралството на анимацијата, уште повеќе боли прекинувањето на Tuca & Bertie, пред да добие вистинска шанса да си ја најде публиката. Фактот што Tuca & Bertie е откажана помалку од три месеци од појавувањето е нонсенс“, напиша Vulture.

Дури и релативно успешни серии (според гледаноста) често се откажувани по две или три сезони, што им се случи на Hemlock Grove, The Get Down, Everything Sucks! (откажана по една сезона), Lady Dynamite, пишува The Verge. И додека „шоуранерите“ на традиционалните ТВ-мрежи можат да ги проверат рејтинзите на Нилсен, за да видат колку луѓе ја гледаат нивната серија, Netflix многу подискретно ги чува овие податоци, оставајќи ги креаторите во неизвесност околу иднината на тоа што го работат.

Овие промени се одразуваат и на последните извештаи за заработката – Netflix има пад на претплатниците во САД првпат по повеќе од декада, а за загубата се оправда со недостаток на значајни проекти и неодамнешното зголемување на цената на претплатата. Извршниот директор Рид Хестингс призна дека без Stranger Things на Netflix би му било потешко да дојде до нови претплатници. А ова се случува во пресрет на појавувањето на нови стриминг сервиси како Disney+ (кој, како што кажавме погоре, ќе оди во пакет со ESPN+ и Hulu за истата цена како претплатата за Netflix).

Stranger Things

„Излегуваме од златната ера на стримингот кога Netflix немаше сериозна конкуренција. Ова може да има катастрофален ефект на нивниот рапиден раст“, вели извршниот директор на консултантската компанија Patriarch Organization, Ерик Шифер, кој е и аналитичар во делот на стриминг бизнисот. Од овие причини, се чини, Netflix смета дека сега (по златната ера) треба да ги држи креаторите на многу пократок поводник.

Одлуката на компанијата да им даде на креаторите помалку простор/време за да докажат дека нивната серија може да биде хит е многу поврзана со начинот на кој Netflix заработува, а имено, бидејќи платформата нема приходи од реклами, задржувањето на претплатниците и придобивањето нови е првенствена мисија. Тоа води до интерните мерења што Netflix ги користи за да одлучи дали одредена серија ќе биде обновена/ќе добие нова сезона. Според Hollywood Reporter, Netflix ‘ефикасноста’ на сериите ја мери „главно вреднувајќи го намамувањето нови претплатници или задржувањето на оние кои даваат сигнали за опасност од откажување на претплатата“.

Ова ја отежнува проценката дали да се обнови некоја серија (не се сите Stranger Things). И очигледно луѓето што одлучуваат во Netflix сметаат дека парите покорисно би биле потрошени на вложување во нови серии … и нивно ‘пуштање низ вода’, па … ако преживеат = ако го зголемат бројот на претплатници …

Секако, и натаму има серии кои би биле обновени, како Stranger Things, чија гледаност изнесуваше 40 милиони во првите четири дена откако излезе третата сезона. Но, ваквите серии се исклучок од погоре споменатото правило.

„Им треба многу поконзервативен и пофокусиран пристап. Мислам дека тоа би им било паметно“, вели Ерик Шифер.

Првата генерација серии на Netflix не беше соочена со толку голем притисок да успее. Немаше многу серии ексклузивно направени за стриминг платформите. И бидејќи Netflix стримува и популарни туѓи серии, како Friends и The Office, компанијата не требаше многу да се грижи да не загуби претплатници. Како резултат на тоа, некои од најраните серии на Netflix се најдолговечни: Orange Is the New Black е во седма сезона, Unbreakable Kimmy Schmidt заврши по четвртата, но добива интерактивен филм (како првиот во трендот – Black Mirror: Bandersnatch). До пред две години беше вистинска реткост Netflix да откаже серија, кога (во 2017) компанијата ‘ја пресече’ Sense8.

Orange Is the New Black

„Големите, скапи серии, за широка публика, се одлични. (Но) Голема, скапа серија, за малубројна публика е тешко да функционира долго, дури и со нашиот модел“, е изјава на директорот во Netflix, Тед Сарандос, дадена во односната 2017.

Но, креаторите кои работат за Netflix сега се изненадени колку оваа „закана“ на компанијата доследно се спроведува. Платформата и натаму е во голем замав, но главно игра на картата дека најпознатите сценаристи, режисери и продуценти ќе донесат нова и ќе ја задржат постојната публика. Во контекстот е 200 милионскиот (во долари) договор за премин на креаторите на Game of Thrones, Дејвид Бениоф и Д. Б. Вајс (дел од договорот е веќе да не продуцираат серии за HBO).

„Можноста да се контролираат најдобрите продуценти ќе продолжи да биде иднината на моќта на стримингот. На успешните креатори на содржини се гледа како на убиствени машини за максимизирање на растот на претплатниците. Ова е помалку ризично, иако е поскапо, зашто дава прилична гаранција дека ќе носи публика. Ова е, на некој начин, моделот по кој работеше Холивуд“, вели Ерик Шифер.

Пред компаниите како Disney, WarnerMedia, NBCUniversal и Apple да одлучат дека сакаат свои стриминг сервиси, Netflix немаше потреба да се грижи за конкуренција што би можела да му краде претплатници. Но, сега, „ножевите се извадени, и бараат да отсечат голем дел од нивниот пазар“, вели Шифер, додавајќи го заклучокот дека „Netflix не умира и не е во егзистенцијална криза, туку сега само се соочува со реална конкуренција“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here