За тоа како бескомпромисно се замаглуваат границите во универзумот на креативната индустрија – во случајов меѓу рекламата и филмот, прегледен пример е новиот краток филм на нам омилениот Јоргос Лантимос. Имено, се работи за прв проект на рекламната агенција Droga5 за нивниот клиент Mini (автомобилската марка), која откако станала глобална агенција на Mini во 2018, не направила ниту една реклама од односниот акаунт; пред овој краток филм со име Nimic, во кој нема ниту еден автомобил од британската марка. И филмот, да го сработи со целосна креативна слобода, му дала на не баш лесниот за филмските стомаци, Лантимос.

Надреалистичкиот, 12-минутен филм, режиран и напишан од Лантимос (второво заедно со неговиот долгогодишен соработник Ефтимис Филипу), со актерска ѕвезда Мет Дилон, раскажува приказна за професионален челист кој неочекувано се соочува со нешто додека се вози во метро, што ќе го определи неговиот натамошен живот. Без ова скржаво објаснување од официјалното соопштение немаше да имаме никаков поим за што се работи во филмот што чекаме да го одгледаме, зашто трејлерот не открива ништо, освен што е веднаш јасно дека се работи за филм на Лантимос, почнувајќи од атмосферата и музиката.

Трејлерот за Nimic

„Живеејќи цврсто во уникатниот филмски универзум на Лантимос, филмот ги поставува прашањата за идентитетот, перцепцијата, врските и циркуларноста“, се вели во соопштението од Droga5, која додава дека направеното во партнерство со Mini е дел од посветеноста на марката да ја слави моќта на креативноста, преку размислување „надвор од кутијата“, што го потенцира и грчкиот режисер во својата изјава:

„Драго ми е што ми беше дадена можност да работам на кратка форма која понекогаш може да биде предизвик, но која прилично наградува. Развивме сценарио почнувајќи од многу интригантната почетна идеја и концепт, и уживавме голема креативна слобода додека го реализиравме филмот. Секогаш е многу возбудливо да добиеш покана за размислување „надвор од кутијата“ и да се бориш со стимулативни идеи.“

Својата премиера Nimic ја имал на 9 август на филмскиот фестивал во Локарно, Швајцарија (Locarno Film Festival), а Droga5 сака да го прикаже и на претстојните меѓународни фестивали годинава.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here