Mark’s Second, 2019

Боб Бикнел-Најт (Bob Bicknell-Knight) е уметник и куратор кој дејствува од Лондон на полето на инсталацијата, скулптурата, видеото и дигиталните медиуми. Црта со уникатна сензибилност повлијаена од партиципирањето во онлајн заедници и виртуелни игри, а неговите дела ги истражуваат дивергентните методи преку кои консумеристичката капиталистичка култура го проникнува и онлајн и офлајн општеството. Утопијата, дистопијата, автоматизацијата, надзорот и себе-дигитализацијата, се некои од темите што се појавуваат низ бикнел-најтовиот претрес на современите технологии.

Моментално првпат самостојно изложува во Данска, во копенхашкиот Salon 75; а со изложбата, „State of Affairs“ („Состојбата на работите“ или „на нештата“) (отворена на 9 август – ќе трае до 1 септември), засегнува теми од видот на вести/медиуми, хакирање податоци, и, како извесно олицетворение на оваа феноменологија, Марк Закерберг …

Основачот на Facebook, во некои од најпровокативните дела на Бикнел-Најт, е претставен како ловец на трофеи, позирајќи со различен дивеч кој го отстрелал рекреирајќи (како што е вообичаената практика на ваквите ловци).

„Ги опсервирам психата и моралниот компас на Марк Закерберг. Во неодамнешно интервју за Rolling Stone, извршниот директор на Twitter, Џек Дорси, изјави дека една година Закерберг го јадел само она што ќе го убиел, а особено го привлекувало козјото месо“, изјавил уметникот за It’s Nice That, коментирајќи ја серијата слики со основачот на Facebook.

„Закерберг е личност која останува приватна зад внимателно градената јавна претстава за него. Јавно проповеда за дигитална транспарентност и ги охрабрува корисниците на неговата социјална мрежа да споделуваат колку што е можно повеќе информации за нивните секојдневни животи, порачувајќи дека светот така ќе стане поотворен и поповрзан“, додава Бикнел-Најт. А во меѓувреме (Закерберг) купил четири куќи околу неговиот дом во 2013 година, за вкупна цена од 30 милиони долари, стравувајќи дека може да биде изградена висока зграда зад неговата куќа, што ќе овозможи ‘ѕиркање’ во неговиот двор. Инспириран од ова, Бикнел-Најт креирал проѕирна 3D-принтана скулптура на домот на Закерберг (Mark’s House, 2019), откако направил темелна студија врз база на сателитските слики од Google Maps.

Mark’s House, 2019

На изложбата во Копенхаген може да се види и реплика на сивата маица што ‘секојдневно’ ја носи Марк (Mark’s Shirt, 2019); капа со дланката со палецот нагоре – знакот за „лајк“ на Facebook (Mark’s Hat, 2019), и рачна торба со слоганот што беше дел од кампањата на Facebook по скандалот со Cambridge Analytica (Unattended Bag, 2018).

Во оваа торба има USB вградено во 3D принт од главата на Закерберг, кое ја содржи Facebook историјата на Боб Бикнел-Најт од последниве десет години.

Уметникот е дел и од Digital Artist Residency, и на изложба во септември во галеријата Ovada во Оксфорд, ќе може да се види и резултатот од неговите промислувања на иднината, во случајов дистопијска. Боб Бикнел-Најт овде е инспириран од апокалиптичните видео игри, каде, во отсуство на човечка интервенција, природата успеала да се поврати како урбан простор во дигиталниот свет.

Од серијата Graveyards

„Повеќе од делата прикажуваат гробишта за автомобили. Напуштени, долго заборавени возила, се станати споменици на виртуелните корисници кои претходно ги користеле во дигиталниот простор (во видео игрите, н.з.)“, е коментарот на Боб за серијата апокалиптичните дигитални слики, за кои користи скриншотови од игри за да ја „документира деградацијата на технологијата и модерниот живот“ во рамките на гејмерските опкружувања.

Следи галерија …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here