„Живејте пет дена во свет извлечен директно од Mad Max филмовите и од други пост-апокалиптички филмови и игри, далеку од дофатот на таканаречената цивилизација“, гласи поканата од организаторите на фестивалот „Викенд во пустелија“ (Wasteland Weekend), што секој септември, почнувајќи од 2010 година, се одржува на работ на пустината Мохаве, во јужна Калифорнија. И годинава од 25 до 29 следниот месец, илјадници луѓе ќе се соберат – носејќи маски/костими (задолжителни и за новинарите, за ништо да не ја наруши автентичноста на амбиентот), што подразбираат синџири, излитени кожени панталони, штитници за рамената какви што носат во американскиот фудбал, ‘појачани’ со метални шилци …

Доаѓајќи на фестивалот, „вејстлендерите“ креваат облаци прашина со ‘измавани’, ‘пост-апокалиптички’ возила, додека стигнат на местото каде пијат пиво, си играат со лажни пиштоли, гледаат настапи на тематски бендови …

Wasteland Weekend е најголем фестивал со пост-апокалиптичка тема во светот, каде костимирани ликови („косплеери“; од англиското cosplay) создаваат привремена комуна инспирирана од филмовите на Џорџ Милер од франшизата „Лудиот Макс“ (Mad Max).

Лани, кога на фестивалот учествувала респектабилна бројка од 4.000 луѓе, британскиот фотограф Џо Петет-Смит бил на лице место, екипиран со две големи аналогни камери, и направил впечатливи портрети, податливи за разбирање на луѓето кои учествуваат на настанот.

Тој до Wasteland Weekend стигнал барајќи места на кои ќе може да фотографира за својот проект „Подготовки за сценарио во најлош случај“ (Preparations for the Worst-Case Scenario), базиран на опсесијата кај одредени луѓе со сценарија за Судниот ден. Кога патем дознал за фестивалот во пустината Мохаве, како сроден на неговиот проект, поитал да го искуси.

Откако се консултирал на Facebook со колега „вејстлендер“, и дознал дека услов за влез во комуната е да има соодветен ‘аутфит’, на пат кон пустината застанал во некој „арми шоп“ и купил винтиџ мотоциклистички очила и камуфлажен елек. Ролните фотографски филм ги ставил во јамките од елекот за да изгледаат како патрони за сачмарка.

„Се работи за навистина сурово опкружување и тие изгледаат застрашувачки, но штом поразговараш со нив стануваат пријателски расположени. Ги доживеав како армија неподобни. Некои луѓе беа автентични анти-системски анархисти, кои, немав дилема, би биле среќни ако цивилизацијата пропадне. Другите беа само луѓе кои сакаат да одат на костимирани настани“, изјавил Петет-Смит за artnet News.

Следи галерија …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here