Големиот Арт Шпигелман, најпознат по генијалното дело „Маус“ – првата графичка новела добитник на Пулицер (1992), тврди дека од него било побарано да ја тргне алузијата на Доналд Трамп како Портокалов череп (референца на Црвениот череп, нацистичкиот супер-злосторник асоциран со Капетан Америка), од неговиот вовед во претстојното издание на Marvel, „Златната ера 1939-1949“ (Marvel: The Golden Age 1939–1949), зашто гигантот во стрип издаваштвото, чиј претседател (инаку) донирал во кампањата на Трамп, сакал да остане „аполитичен“.

Шпигелман бил поканет од издавачот (на „Златната ера 1939-1949“) Folio Society, да го напише воведот за антологијата (која е „остварување на соништата на секој стрип-фан, особено ако е ‘марвелит’“, како што издавачот ја рекламира книгата), и во својот есеј за целта, откако раскажува како „младите креатори Евреи на првите суперхерои, ги ‘повикаа’ митските, речиси богоподобни, спасители на светот“, адресирајќи политички проблеми како Големата депресија и Втората светска војна, поентира велејќи дека „во денешниот ‘пререален’ свет, најопасниот противник на Капетан Америка, Црвениот череп, е жив на екраните, и како Портокалов череп ja прогонува Америка“.

Marvel: The Golden Age 1939-1949

На авторот, откако го предал есејот во јуни, од Folio Society му соопштиле дека Marvel Comics, за да останат аполитични, „не дозволуваат нивните публикации да заземат политички став“. Издавачот не одговорил на барањето за коментар што го испратил Guardian (каде се обратил Шпигелман со реакција, а британскиот весник и го објави есејот), по повод тврдењето на авторот дека му било речено или да ја отстрани од есејот реченицата во која се повикува на Црвениот череп, или неговиот вовед нема да биде објавен. Шпигелман, јасно, го повлекол есејот.

Тој, споредувајќи ги денешните случувања во светот со подемот на фашизмот во 1930-тите (ако некој не знае, со Пулицер наградениот „Маус“ е лична приказна базирана на интервјуа што Арт Шпигелман ги правел со неговиот татко кој го преживеал Холокаустот (вклучително и Аушвиц); во која авторот ги опишува своите обиди да го разбере таткото – трајно детерминиран од неговата страшна приказна; а неможноста да прифати дека Холокаустот го спроведувале луѓе, ја премостува прикажувајќи ги ликовите басновидно – нацистите како мачки, Евреите глувци, Американците кучиња …), пишува: „Не се сметам за особено политизиран, во споредба со некои од моите колеги-сопатници, но кога беше побарано да ја ‘убијам’ релативно ублажената референца за Портокаловиот череп, сфатив дека можеби би било неодговорно да се биде несериозен во однос на ургентната егизстенцијална закана што ја живееме, и го повлеков мојот вовед“.

„Меѓународниот фашизам одново ткае наголемо … и пореметувањата што уследија по глобалниот економски крах од 2008, придонесоа да бидеме доведени до точката кога изгледа веројатно дека и самата планета е пред катастрофа.“ „Армагедонот изгледа некако веродостојно, и сите ние сме претворени во беспомошни деца исплашени од силите поголеми од што можеме да замислиме, барајќи малку да здивнеме и да добиеме ‘одговори’ од суперхероите кои летаат низ екраните во нашата капела на соништата.“

„Маус“

Шпигелман го затвора есејот посочувајќи на претседателот на Marvel Entertainment, милијардерот Ајзак „Ајк“ Перлматер, кој „е долгогодишен пријател на Трамп, неофицијален и влијателен советник и член на претседателскиот елитен Мар-а-Лаго клуб од Палм Бич, Флорида. И Перлматер и неговата жена неодамна поединечно дарувале по 360 илјади долари (што е максимумот од дозволеното) на Комитетот на Портокаловиот череп за собирање средства за кампањата за претседателските избори во САД во 2020 година (Trump Victory Committee).“

Инаку, „Marvel: Златната ера 1939-1949“, излегува следниот месец, со вовед од уредникот во куќата, Рој Томас.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here