Редок постер од првиот филм од оригиналната трилогија „Војна на ѕвездите“, со ‘генерички’ Лук и Леја

Огромна колекција од филмски постери, сопственост на електричар во лондонското метро кој од вработените во кината бил сметан за „најголем фан на филмот“ во главниот град на Обединетото Кралство, ќе се продава во серија аукции за цена што се очекува да достигне 100.000 фунти. Се работи за колекцијата на Ентони Даган (Anthony Duggan), кој веќе на свои 16 години почнал да оди во кино до 200 пати годишно; а во четвртоците, кога се менувале филмовите на репертоарот, излегувал од дома во 10 претпладне, и се враќал на полноќ, откако ќе одгледал три или четири филма.

Тоа што луѓе од персоналот кој работел низ лондонските кина ги чувале за него постерите за филмовите што веќе не се прикажувале, покажува дека со неверојатната фреквенција со која го гледале во нивните сали не само што не им здосадувал, туку напротив, им бил омилен.

Во прилог оди податокот дека кога пред две години Даган починал, британскиот синџир кина, Everyman Cinemas, поставил реплики од статуетката Оскар со неговото име на нив, во секој од своите објекти.

Неделава аукциската куќа Ewbank’s ќе понуди околу 2.000 постери што ги поседувал Ентони Даган, многу од нив раритети, како тој со кој бил рекламиран „Revenge of the Jedi“ (Одмазда на џедајот), пред да биде преименуван во „Враќање на џедајот“ (Return of the Jedi, епизодата VI од Star Wars).

Кога „Враќањето на џедајот“ се викало „Одмазда“

Меѓу омилените филмови на Даган му биле „Добриот, лошиот и грдиот“ (The Good, the Bad and the Ugly) на Серџо Леоне, а со Клинт Иствуд, и „Cinema Paradiso“ на Џузепе Торнаторе.

Во првата транша од неговата колекција што ќе биде понудена на аукција ќе има и такви раритети како два Star Wars постери од годината кога е излезен првиот филм од оригиналната трилогија, 1977, уште познат и како „Војна на ѕвездите: Епизода IV – Нова надеж“ (Star Wars: Episode IV – A New Hope). На едниот Лук и Леја воопшто не личат на актерите кои ги играат (Марк Хамил и Кери Фишер), па екипата на Џорџ Лукас го сменила со постер на кој се, покрај споменатите, и Харисон Форд, Алек Гинис и Питер Кушинг. Другиот е не помал раритет – користен е пред Оскарите и не ги споменува седумте статуетки што ги доби филмот на 50-тите награди на Академијата. За двата се очекува да се продадат за барем 1.000-1.500 фунти секој.

Консултант за аукциите на Ewbank’s вели дека за филмските постери има јак пазар, што не го прават само киноманите, туку и луѓе кои, на пример, сакаат на своите ѕидови да имаат голем и ‘шарен’ повод за муабет со нивните гости, пренесува Guardian.

„Добивате голем ефект за релативно мали пари“, е парафраза на изјавата на консултантот, а следи галерија од колекцијата постери на Ентони Даган …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here