Не обрнувајќи внимание како ќе влијаат на мотивациските мантри, како што и треба да прават луѓето од наука – а имено, да останат студени во однос на последиците од своите откритија; истражувачи заклучиле дека вежбањето нема нужно да произведе врвен музичар.

Студија чиј предмет биле виолинисти, покажала дека добрите инструменталисти вежбаат исто колку најдобрите, а разликата меѓу нив ја прават други фактори, како квалитетот на школата, вештините на учење и талентот.

Истражувањето е уште едно оспорување на теоријата за 10.000 часа, промовирана во книгата на Малком Гладвел, „Издвоени“ (Outliers), чие обопштено толкување е дека доволно вежбање може да направи ‘чудо’ од секого. Во книгата, Гладвел наведува дека „10.000 часа е магичната бројка на величественоста“.

„Идејата е навистина всадена во нашата култура, но во премногу поедноставена форма. Кога се работи за човечките вештини, комплексна комбинација од фактори поврзани со опкружувањето, со генетиката, и нивните интеракции, ги објаснува разликите во перформансите меѓу луѓето“, вели психологот Брук Мекнамара од Универзитетот Case Western Reserve, во Кливленд, Охајо, која го спровела новото истражување.

Правилото од 10.000 часа во однос на музичарите првпат било ‘проверено’ со студија од 1993, која покажала дека кај виолинистите и пијанистите музичките способности зависеле од акумулираното време на вежбање. Во просек, највисоко рангираните виолинисти ги постигнале 10-те илјади часа вежбање до својата 20-годишна возраст, иако многумина од овие инструменталисти патот до врвот го поминале за пократко време – со помалку часови вежбање. Во студијата, авторите ја потцениле важната улога на талентот и тврделе дека разликите во можностите, дури и меѓу врвните музичари, во голема мера може да се сведат на тоа колку вежбале.

Потсетување дека Гладвел ја заокружил бројката (10.000) главно како симбол на неговото објаснување на успехот на Бил Гејтс или на Битлси, на пример.

„Теоријата на Гладвел е всадена во нашата култура во премногу поедноставена форма“

Брук Мекнамара и соработниците на новото истражување, повториле дел од студијата од 1993, за да видат дали ќе дојдат до исти заклучоци. Интервјуирале три групи од по 13 виолинисти, рангирани во градација – најдобри, добри и послаби, во однос на нивните навики за вежбање; и побарале од нив секојдневно во дневници да ги запишуваат своите активности.

И додека кај помалку вештите виолинисти просечното време на вежбање до нивна 20-годишна возраст било 6.000 часа, кај добрите и најдобрите речиси и немало разлика – и двете групи просечно вежбале околу 11.000 часа. Заклучно, студијата објавена на Royal Society Open Science покажала дека бројот на часови поминати во вежбање е заслужен за околу една четвртина од разликата во вештините меѓу трите групи.

„Кога музичар ќе стане дел од групите со повисоки вештини, вежбањето престанува да ја прави разликата. Секој од нив вежбал многу и сега други фактори детерминираат кој ќе оди на супер-елитно ниво“, вели Мекнамара.

„Факторите зависат од вештината што се учи: во шахот тоа може да биде интелигенцијата или меморијата, во спортот колку ефикасно човек го искористува кислородот. За работите да се усложнат повеќе, еден фактор може да поттикне друг (фактор). Дете кое ужива да свири на виолина, на пример, може да биде среќно додека вежба, и да биде фокусирано на задачата, зашто не гледа на тоа како на здодевна работа.“

Авторите на студијата од 1993, секако, не се импресионирани. Еден од коавторите, Андерс Ериксон, психолог од Државниот универзитет на Флорида, вели дека новото истражување всушност ги повторува повеќето од резултатите од 1993. Според него, немало објективни разлики меѓу групите најдобри и добри виолинисти на Мекнамара, па не е изненадување што се покажало дека квантитативно вежбаат исто.

„Кога човечкото тело е подложено на исклучително напрегање во текот на систематското вежбање, ‘заспаните’ гени во ДНК-та на здравата индивидуа се будат и исклучителните психолошки процеси се активирани“, вели Ериксон.

Друг коавтор на студијата од 1993, Ралф Крампи, исто така, психолог, од Католичкиот универзитет од Левен, Белгија, вели дека ништо во истражувањето на Мекнамара не го натерало да се преиспита во однос на оригиналните наоди.

„Дали верувам дека вежбањето е сѐ и оти бројот на часови сам по себе го детерминира нивото што ќе се постигне? Не“, вели тој, додавајќи дека квалитетот на вежбањето, на менторството, на поддршката од семејството, се важни исто така, но, и натаму смета оти систематското вежбање е далеку најважен фактор.

Мекнамара, пак, смета дека е важно да се разберат ограничувањата на очекувањата од вежбањето, зашто „тоа (вежбањето) те прави подобар од она што си бил вчера, но, можеби нема да те направи подобар од некој друг“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here