„После години во кои воглавно сам, со одвај неколку селектирани долгогодишни пријатели, си ја слушав музиката што ја правев, беше многу инспиративно да добиеш искрени ентузијастични реакции (надвор од овој тесен круг. н.з.)“, раскажува Ричард Дејвид Џејмс, најпознат по алиасот Aphex Twin, говорејќи за условите во кои почнала приказната на дискографската куќа Rephlex Records, што со Грант Вилсон-Клариџ (Grant Wilson-Claridge) ја основаа во 1991, а во чии рамки го ‘сковаа’ и поимот „мозочен танц“ – што е слободен превод од нивното „braindance“, за да ја ‘класифицираат’ музиката на Aphex и ‘сличните’. Ова Ричард го кажува во интервју за онлајн музичкиот магазин Resident Advisor, а „искрените ентузијастични реакции“ се токму на споменатиот Грант Вилсон-Клариџ …

„Грант имаше пари откако му починаа родителите, и тој сакаше да ги инвестира во издавачка куќа, а сите што ги знаев, вклучувајќи ме и мене, бевме тотално ‘шворц’, па ова беше магична комбинација, односно можност. Грант (…) беше еден од првите неколку луѓе кои ми даваа кураж. Беше страстен во однос на музиката и навистина ја сакаше мојата“, вели Ричард Д. Џејмс во интервјуто посветено на „славните денови на Rephlex“ (дискографската куќа престана со издавање во 2014). (ова интервју пријатно нѐ изненади, зашто Aphex за претходното, дадено лани за декемврискиот број на Crack Magazine, рече дека ќе му биде последно за подолго време ; )

На прашањето зошто со Грант не реиздале некои стари плочи (што во раните деведесетти се појавиле во лимитирани серии) за да направат пари за издавачката куќа (како „Q-Chastic“ – албум што никогаш не е издаден освен во тестно издание во лимитирана бројка под етикетата Rephlex во 1992), Ричард одговара:

„Никогаш не сум направил нешто со Rephlex за пари. Малку е тешко да се прифати критиката понекогаш, од прилично доста луѓе, кои мислат дека ние постојано ја ‘исцедуваме’ (дискографската куќа), но ние трошиме пари на многу од изданијата чие правење е доста скапо, како папката Analord.“

Ричард во интервјуто, зборувајќи за разликата кога го издаваат други (Warp, R&S), и кога се ‘самоиздава’, раскажува каква претстава за неговата музика имал (дури и) Роб Мичел (Rob Mitchell), сега покојниот соосновач на Warp Records:

„Откако почина Роб Мичел, никој (во Warp, н.з.) никогаш не рече не го објавувајте ова или она … Се сеќавам кога му го дадов „SAW2“ (Selected Ambient Works Volume II), а тој, без да слушне ниту една од траките, ми се јави на телефон и ме праша што ако се работи само за некои синтисајзери со тони ‘реверб’ врз нив? Јас ги сакам ваквите безобразни мненија. Но, да, различно е кога сам одлучувам кој и што ќе биде објавено.“

Говорејќи за екипата околу Rephlex и главните артисти на куќата, Ричард вели дека никогаш не планирал ‘групирање’, а заедницата се создала сама по себе, поради неговиот пристап како издавач:

„Од почеток планирав да бидам магнет за демоа. Знаев дека тоа ќе привлече интересни луѓе и знаев оти ние ќе пресудиме (за нивната музика) како што тоа не го прават другите издавачки куќи. Оние кои продуцираат ‘од својата спална соба’ дефинитивно не беа сфаќани доволно сериозно, и бидејќи и јас бев еден од нив, искрено бев заинтересиран да најдам други.“

Во интервјуто раскажува и за RepHresh забавите во лондонскиот клуб Soundshaft, каде се појавувале и ѕвезди како Мадона и Кајли Миног (првата изјавила дека RepHresh ѝ се омилени забави, а втората наводно му помагала на AFX околу светлечките ефекти).

Зборува и за Squarepusher, чии први демоа интензивно ги слушал, зашто „беа толку многу различни во тоа време, толку заокружени/зрели за некој толку млад … Беше како пуштање милиони волти низ моите лобуси, кога првпат го слушнав“.

Ричард го наведува и Bogdan Raczynski како голема инспирација за некои од неговите траки на албумот „Drukqs“:

„Тотално неверојатно, ова се случуваше пред 99,9% од луѓето да почнат да користат компјутери за сѐ (…) Лесно е да се заборави овој значаен факт сега. Неговите плочи се толку потценети.“ Говорејќи за Bogdan Raczynski – за тоа дека публиката не била спремна за толку музика од „брејнденс“ музичарот роден во Полска, издадена од Rephlex за кратко време, Ричард вели оти сѐ уште заборава дека повеќето луѓе не се опседнати со музика:

„А мислам дека вистински пријатели ми се само луѓето кои се опседнати со музика; иако, ме интересира скоро сѐ и уживам да учам од луѓе кои знаат нешта што јас не ги знам, но обично не одржувам контакти.“

Целото интервју со Ричард Д. Џејмс, дадено по електронска пошта, а издадено од Resident Advisor во нередактирана форма, прочитајте го овде, уживајќи и во идеално погодената графичка опрема.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here