Педро Аломодовар, најпознатиот денешен шпански режисер со толку карактеристична филмска естетика/поетика што опусот му претставува своевиден жанр сам по себе, во интервју за дигиталното издание на британскиот магазин Dazed, зборува за автобиографското во неговите филмови – дали ако лик кој е автобиографски, е наркоман, тоа значи дека и Алмодовар бил; за омилената му Пенeлопи Круз – зошто му значи многу тоа што приватно е посветена мајка на своето семејство; а режисерот со серија прашања е принуден да објаснува и дали неговата работа е базирана на „кемп“ естетика, визави иконичниот есеј на Сузан Зонтаг.

Автобиографскиот момент го објаснува говорејќи за неговиот нов филм „Болка и слава“, за кој претходно изјави дека е полу-автобиографски, и еден вид продолжување на „Законот на желбата“ (1987) и „Лошо образование“ (2004), со што непланирано се заокружува трилогија.

„Па, ова е некој вид трилогија, но „Болка и слава“ е многу различен од другите филмови, едноставно зашто јас сум доста постар (…). Аглите на гледање ми се различни, како и начинот на кој им пристапувам на моите спомени од детството – во овој филм првпат зборував за идејата на првата желба. Зборував многу за желбата и претходно, но не низ очите на дете кое има девет години (…) На таа возраст си момче, а не знаеш како со зборови да ги ‘фатиш’ чувствата … не знаеш како да ги именуваш. Можам да кажам дека на таа возраст ја открив мојата сексуалност“, вели Алмодовар.

„Проблемот е што во Шпанија секогаш зборуваат за моите филмови дека се целосно автобиографски. Не е баш така. Би можело сѐ што му се случува на ликот што го игра Антонио (Бандерас во „Болка и слава“ е Салвадор Мало – потрошен филмски режисер; хронично болен и зависник од дрога) да ми се случело и мене, но не беше така. Некои од работите, да, но не сѐ. Филмот е автобиографски, во смисла дека она што го работам е создадено од моите спомени, секако; но, исто така, и од сеќавањата на мојот брат, сестрите и моите пријатели.“

„Би можело сѐ што му се случува на ликот што го игра Антонио да ми се случело и мене, но не беше така“

Давајќи пример во која смисла филмот може да се смета за автобиографски, Аломодовар наведува сцена во која мајката му објаснува на Салвадор Мало како сака да биде облечена кога ќе умре, за што режисерот вели дека навистина се случило, но не директно нему, туку на неговата постара сестра.

„Во Ла Манча, каде сум роден, има јака и прекрасна култура околу смртта, но оваа култура е женска, пренесувана од мајките на ќерките. Луѓето посветуваат голем дел од нивниот живот за почитување на споменот на починатиот. Генералната идеја е дека покојниот може да се појави во секој момент и затоа луѓето поставуваат свеќи за да му помогнат да го најде патот. Ако отидете на гробишта во Кастиља-Ла Манча, ќе видите дека тоа се едни од најчистите места што можете да ги замислите! Жените одат секоја недела да ги чистат спомениците и да остават цвеќе …“

Алмодовар во интервјуто зборува и за можните недоразбирања поради неговиот став – не е автобиографски, но и е; во смисла дека некој може да помисли оти режисерот е хероиноман, како и ликот во филмот.

„Не сум пробал хероин дури и во осумдесеттите и деведесеттите, кога тоа беше прилично вообичаено и ме опкружуваше. (…) Само знам многу на темата, зашто како момците во филмот, се формирав како личност во текот на осумдесеттите. Тогаш имаше вистинска експлозија на слобода, по смртта на диктатурата во Шпанија, кога дрогите беа дел од животот. Тогаш имав многу пријатели на хероин и не знам зошто никогаш не пробав иако бев среде сето тоа. Можеби зашто ги видов ефектите уште на почеток (…) Кога пишував монолог за филмот се повикав на она што го знаев од пријатели, за оној вид врски, кога двајца луѓе се во голема љубов, но еден од нив е на хероин, а другиот се бори за врската, но не добива ништо за возврат.“

Прашањето за Пенeлопи Круз, Алмодовар го искористува и за низ конкретни примери да објасни како работи со актерите …

„Различно работам со секој од актерите, зашто секој актер е различен. Со Пенелопи, пред да почнеме со снимање, таа има потреба од многу проба за навистина да почувствува дека е подготвена да влезе во улогата. Ова не е случај со Антонио Бандерас, каде во голема мера се работи за тоа да го ‘режирам’/насочувам во конкретниот момент. За тоа не требаат исцрпни подготовки. Па, мислам дека еден од факторите во мојата работа е да го најдам вистинскиот начин за работа со секој актер.“

„Како актерка, таа (Пенeлопи) е многу талентирана, на изразен медитерански начин, што е различна школа на глума – многу директно поврзана со емоциите и сентиментите на нејзините припадници. За ликовите кои јас ги креирам ова е апсолутно извонредно. Таа е исто екстремно убава – прекрасна, повеќе од убава! Толку многу фотогенична и популарна кај модните куќи. И друга работа за Пенелопи е што таа е мајка на семејство и семејниот живот ѝ е многу важен. Таа е нормална мајка – нејзината улога како мајка на никаков начин не се меша со тоа што е ѕвезда. Таа е класична мајка во смислата на мајките како што јас ги поимам, и тоа е многу важно за мене. Нејзиниот талент е многу поврзан со нејзините чувства и нејзиниот сентимент.“

„Пенелопи е класична мајка во смислата на мајките како што јас ги поимам, и тоа е многу важно за мене“

Аломодовар, како што кажавме погоре, со серија прашања е принуден да објаснува дали неговите филмови се базирани на „кемп“ (Camp) естетика, и визави иконичниот есеј на Сузан Зонтаг (Notes On “Camp” – кого го интересира повеќе, еве линк до целиот есеј).

„Знам што значи поимот, помалку-повеќе, но тоа е нешто туѓо за нас (Шпанците), зашто тоа е англофонски поим“, вели режисерот, кој на упорните последователни прашања од интервјуто, од видот – „Како се чувствуваш кога луѓето ја опишуваат твојата работа како кемп?“, одговара дека сѐ уште се прашува дали е добро или лошо да ги ставаат неговите филмови под таа одредница. Осврнувајќи се на есејот на споменатата светска интелектуална икона, вели: „За Сузан Зонтаг, Оскар Вајлд е кемп, но не и за мене – јас мислам дека бил генијалец. Да се употреби поимот „кемп“ за да се опише Оскар Вајлд, според мене едноставно нема смисла. Кога зборуваат за моите филмови, мислам дека луѓето можеби го употребуваат поимот кемп зашто тие (филмовите) се ‘претерани’. Можеби зашто кај моите ликови има елементи на ‘бесрамност’ – тие се многу отворени во однос на нивните чувства и многу демонстративни.“

На прашањето, дали имал проблеми кога правел филмови со транс и геј протагонисти во католичка Шпанија во осумдесеттите, Алмодовар одговара:

„Не, навистина. Имав среќа. Периодот беше многу специјален во историјата на мојата земја. Сега многу новинари ми велат дека немало да можам да го направам „Законот на желбата“ денес, со истата слобода (…) Сега во Шанија загубивме многу од нештата од тој момент … Секако, имаме слобода на изразување, но се појавија многу чувствителности што би биле повредени од ваков филм.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here