Предраг Димевски, познат како Пепи, е маркантен лик, и тоа на начин што тврдиме дека не постои средина/друштво во кое би се ‘изгубил’, односно не би се издвојувал. Неговите 197 cm височина, ‘спакувани’ во освестена, совршено ‘легната’ ‘модна’ експресија, ги возглавува лице кое би го посакало секое филмско платно. А ова е само во делот на надворешноста. Зашто Пепи е легендарен тату-артист (како што го нарекуваат магазини од Јужноафриканската Република), музичар со завидна кариера – моментално многу активен со својот бенд Gunshot Blue; велосипедист со титули државен првак …

Јасно е дека со овој Кумановец кој над 15 години живее и креира во Јужноафриканската Република, и тоа како има за што, многу интересно, да се зборува. Уживајте во интервјуто што следи …

За почеток, раскажи ни како си се заинтересирал за тетовирањето и како стана тату-артист?

Кога имав 12 години, во школо учителката нѐ прашуваше што би сакале да бидеме кога ќе пораснеме. И, кога дојде време јас да одговорам, ѝ кажав: Тату-артист. Таа во недоумица ме погледна и ме праша, а јас повторив: Тату-артист! На 13-годишна возраст сам се истетовирав на рака, и од тој ден не престанав да размислувам секојдневно, како би можел да научам и да почнам со тетовирање. После неколку години, во маалото каде што живеев во Куманово, имаше неколку пријатели кои претходно беа во затвор, каде научиле да тетовираат (hand style, needle poking); и јас почесто се тетовирав кај нив, поминувајќи со нив време, барајќи начин да го научам занаетот. Така, малку подоцна, почнав да тетовирам пријатели, исто, со рачно направена тату-машина. Еден ден отидовме во Скопје во професионално тату-студио, со еден мој добар пријател, за да се тетовира. Откако го поминавме денот во студиото, пријателот ме праша зошто и јас не направам едно добро професионално студио; но, јас, нормално, на 17 години немав доволно пари за такво нешто. Оттогаш поминаа неколку месеци, и еден ден, пријателот со кој бевме заедно во Скопје, ми се јави рано наутро, и ми рече: Оди во Скопје, земи ги клучевиве од студиото, платив за дуќанот, сега е твој. Е, тој, предобар другар е покојниот Горан „Мујо“ Георгиевски …

Оттогаш почнав да работам во тоа студио во Скопје, а подоцна се преселив во Куманово зашто имаше многу муштерии, војници на ОН. После неколку години пак се вратив во Скопје, и отворивме тату-шоп со Симон Капчев и Андреј „Мало“. Во 2003, Горан „Мујо“ ме покани да одиме во Јужна Африка (Јужноафриканската Република, н.з.), и планиравме да отвориме тату-шоп во Кејптаун. Додека тој ги средуваше работите за целта, отидов во Јоханесбург на неколку месеци – да тетовирам додека не го отвориме тату-шопот во Кејптаун. Но, не го дочекав тој момент, зашто Горан „Мујо“ беше трагично убиен во Куманово. Јас продолжив да работам во Јоханесбург во Kevin’s Kustom Tattoos четири години, а после тоа отворив свое студио, SA Hardcore Social Club; денес многу почитуван тату-шоп во Јужна Африка. SA Hardcore Social Club постои од 2006 година, а работиме четири артисти со различни стилови.

Помогни ни да направиме појасна разлика меѓу „старошколските“ и „новошколските“ тетоважи, и кажи ни што е сега трендот во индустријата?

Во седумдесеттите години во Америка беа препознатливи само традиционалните, „старошколски“ (old school) тетоважи, и тогаш се појавија артисти како Mark Mahoney, Freddy Negrete, Jack Rudy, кои внесоа нов стил во тоа време (single needle, black and gray), малку подоцна познат како Chicano style (Чикано е поим што се користи за културата на Американците со мексиканско потекло, н.з.), кој мене лично ме инспирираше на почетокот на мојата кариера. До пред неколку години, може да се каже дека тетоважата беше тренд, мода, а сега сигурно е повеќе од тоа – начин на живот, и култура и уметност, во сѐ поширок круг на луѓе.

Зошто посебно си познат по религиозни тетоважи во црно-сива варијанта?

Во мојата 24-годишна кариера сум работел многу различни стилови и идеи во тетовирањето. На времето имаше трендови како „трајбл“, „маори полинезиски“, во стилот на традиционалната јапонска уметност, и многу други стилови. Во тоа време на тетоважата како тренд, не беше лесно да се избере стил, и уште поважно, да се изгради стил на тетовирање. Но, дојде време да кажам – доста беше – ќе морам да се концентрирам на стилот што би сакал да го усовршам и да бидам препознатлив како артист. Отсекогаш ме интересирала христијанската уметност, секако византиската, но и римокатоличката, особено скулптурата. Така што, одлучив тој стил да го претворам во црно-сива тетоважа, по која денес сум препознатлив.

Од кој тату-уметник би сакал да имаш тетоважа на својата кожа? Кои ти се омилени тату-мајстори?

Отсекогаш сум сакал да имам тетоважа од Mo Coppoletta – светски познатиот артист и дизајнер, кој не само што има изграден стил на тетовирање, туку и уникатен, карактеристичен стил на живот. И сега, во септември, имам закажано термин со мајсторот Mo во Лондон; така што, желбата ќе ми се оствари. Има уште неколку ‘ментори’, кои влијаеле на мене како артист, а тоа се Antonio Macko, Freddy Negrete, Mark Mahoney, Juan Sanchez.

Раскажи ни за кариерата во музиката – почнувајќи од Македонија, завршувајќи со актуелниот бенд Gunshot Blue . . .

И љубовта кон музиката ми е од раните години, како и за тетовирањето. Почнав да свирам гитара уште на 12-годишна возраст, а малку подоцна и бубњеви. Во 1992 направивме група со маалски другари; се викавме Corpus и свиревме панк рок. Јас бев на тапани, а во 1993 учествуваме на кумановската гитаријада, и продолживме активно да работиме заедно. После неколку години, јас и Боби Арсовски, вокалот на легендарната панк група Morbid Joker, составивме уште еден панк бенд, Bastard Patrol, со кој бевме активни додека не дојде време да заминам во Јужна Африка. Кога дојдов во Африка, после година дена, откако се запознав со музичари од тука, составив хардкор бенд, Bloodline LTD, со кој за многу кратко време се пробивме до врвот на јужноафриканската сцена, а и пошироко. После 8 години Bloodline LTD трагично заврши, откако на вокалот Тревор му се оштети гласот и мораше на операција, а потоа на долготраен одмор. Тогаш почнав ‘сајд проџект’, Last Bout, каде свирев гитара, но тоа траеше кратко.

Во целата моја музичка кариера, отсекогаш, имав желба да свирам блуз. И дојде тоа време кога се почувствував зрел за блуз, и го составив бендот Gunshot Blue, со кој моментално сме многу активни. Имаме издадено два албуми, „12 396 km“, и вториот „Until the last prayer“.

Која ти е омилената културно-уметничка лектира, што влијае и врз твојата работа?

Ренесансната уметност ми е најчест извор на идеи за тетовирање, па, најдобрите уметници за мене се Рафаел, Микеланџело и Караваџо, на чии дела не можев да им се довоодушевам кога бев во Ватикан. Во делот на музиката, секојдневно слушам многу различни жанрови, од кои и се инспирирам, како делта блуз, џез, фолк, рок, панк, хардкор, класика. Конкретно, за она што го правиме со Gunshot Blue, инспирацијата најчесто ми доаѓа од Son House, Robert Johnson, Bruce Springsteen, Mike Ness, Bob Dylan.

Возиш ли уште велоспипедски трки?

Велосипедизмот го доживувам како моја втора природа. Од дете сум на BMX, а подоцна на MTB (маунтин бајк, н.з.). Еден ден, онака, непланирано, отидов на MTB крос кантри трка во Маврово, и завршив трет. Следната трка на скопска Гази Баба победив. Оттогаш се посветив посериозно на велосипедизмот, и во тој период возев многу трки, и надвор од Македонија, со успешни резултати. Кога дојдов во Јужна Африка, првите неколку години паузирав, и еден ден, ми се врати желбата пак да почнам да тренирам. Не ми требаше долго време да се вратам во форма – почнав со трки со одлични резултати – најчесто подиуми. Паралелно возев друмски и MTB. Пред неколку години станав државен првак на Македонија во друмска категорија (специјално за првенството допатувал од Јоханезбург, н.з.). Моментално возам само рекреативно, зашто времето сѐ помалку е на моја страна. Но, не престанувам да се надевам дека би можел во блиска иднина да се вратам на трките и на добрите резултати.


Во продолжение, погледнете галерија тетоважи сработени од Пепи . . .

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here