Од „Турандот“

„Своевидна психоанализа на општеството или колективна катарза“, гласи краткото и јасно објаснување на групата руски уметници, AES+F, за најзначајниот дел од нивното творештво. На колективот формиран во Москва во 1987 под името AES, што доаѓа од првите букви на презимињата на членовите Татјана Арзамасова, Лев Евзович и Евгениј Свјатски, во 1995 му се приклучил (фотографот) Владимир Фридкес, поради што е додадено „+F“. Од тие доцни осумдесетти, создаваат надреални, спектакуларни и неретко (за некого) вознемирувачки креации, колажирајќи инаку неспоиви прикази во комплексни мултимедијални дела; варирајќи од фотографија, цртеж, скулптура; до театарски продукции и видео инсталации. Кохерентност на сето му дава истата концептуална нишка: „Стравовите, анксиозноста, пороците, желбите, конфликтите – сѐ за што сака психотерапевтот да разговара со својот ‘пациент’, но, во случајов на колективен, наместо на индивидуален план“.

Формирана во околностите пред распаѓањето на Советскиот Сојуз, AES+F го рефлектирала моментумот и можностите што ги отворил, а оттогаш креациите на групата се менувале значајно. Ако во деведесеттите, нагласувајќи ја графиката, фотографијата и сликарството, била позаинтересирана да комуницира еден многу чист концепт, користејќи го јазикот на мас-медиумите, кога и го развила својот кохезивнен и препознатлив глас; AES+F во следната деценија експериментира со послоевит пристап во однос на концептот, алегоријата и естетиката.

Од „Турандот“

Денес групата ја згуснува оваа комплексност до непробојност во однос на исцрпувањата на значењата, креирајќи цели светови врз ‘неограничениот свет’ на мултимедијалното ‘платно’. Комбинирајќи мотиви од античките митови, средновековните приказни и популарната култура, овие хипнотизирачки дела се ‘зумирана’ верзија на согледувањата на AES+F за актуелните општествени стравови и паранои. Последнотото нивно дело – дизајнот на сцената и костимите за поставката (со премиера во јануари годинава) за операта „Турандот“, во делот на концептот (за кој режисерот соработувал со AES+F) реферира на движењето #MeToo како отскочна даска за да замисли иднина под власт на „авторитарен техно-матријархат“. Поставката во Театро Масимо (Teatro Massimo), Палермо, е пародија на конзервативните наративи на женската одмазда, сѐ пораспространети последниве години.

Трејлер за „Турандот“ на AES+F

Овие фасцинантни мистични светови на AES+F, сега заедно може да се видат во Централната изложбена сала „Манеж“, во Санкт Петербург; на изложбата „Предвидувања и откровенија“ (AES+F. Predictions and Revelations, 19 јули – 22 септември), што е извесна ретроспектива на продукцијата на групата од последниве дваесетина години, која ‘ветува’ дека “сѐ можеби нема да стане појасно, но барем ќе биде поинтересно“.

Изложбата опфаќа 7 проекти, претставени низ 70 дела (видео инсталации, скулптури, цртежи, дигитални колажи, теписи …).

Хронолошки, прв е „Исламскиот проект“, почнат во 1996, што е „вид психоанализа на општеството – визуелизација на стравувањата на западното општество поврзани со исламот“.

„Нова слобода“
„AES – сведоци на иднината – Туристичка агенција кон иднината“

Следи „Акциски полуживот“ (Action Half-Life, 2003-2005), за кој во објаснувањето на концептот од страна на AES+F, стои: „Сите наши млади херои се освојувачи во овој виртуелен свет. Непријателот отсуствува, и болката и страдањето се забранети од самата природа на играта (…) Концептот зад овој перформанс/конструкт е нашиот вечен обид да го ’исцедиме’ „геномот на хероизмот“ од ‘блескавата’ реалност на денешниот свет.“

За „Ангели-Демони“ (Angels-Demons, 2009), пак, групата вели дека е нивна верзија на апокалипсата, односно „апокалиптична парада, што не го содржи крајот на стариот свет. Туку е почеток на нов. Ангелите-Демони се новороденчиња (…) Јасна разлика меѓу ангелите и демоните, што е инаку заедничка за сите култури, овде нема (…) Добродојдовте во новото време.“

Во „Последниот бунт“ (Last Riot, 2005-2007), што е дел од „Лиминалната вселенска трилогија“ (The Liminal Space Trilogy), се работи за „свет што го слави крајот на идеологиите, историјата и етиката“.

„Трималхионовата гозба“ (Feast of Trimalchio, 2009-2010, дел од споменатата трилогија) е инспирирана од Трималхион, ликот од романот „Сатирикон“ на римскиот автор Петрониј: „Благодарение на Петрониј, Трималхион стана синоним за богатство, луксуз, лакомост и задоволства без ограничувања.“

„Света Алегорија“ (Allegoria Sacra, 2011-2013, трет дел од трилогијата) е реинтерпретација на истоимената слика на Џовани Белини: „Мистериозната Allegoria sacra е иманентна на нашиот поглед на модерниот свет.“

„Превртен свет“ (Inverso Mundus, 2015) е „свет каде химерите се миленичиња, а апокалипсата забава“.

И, во „Манеж“, во Санкт Петербург, секако може да се види и „Турандот“, преку снимки од оперската претстава.

Организаторот на изложбата во Санкт Петербург, вака ги претставува AES+F:

„Огромните мистични светови изградени од AES+F ‘стојат’ на длабоко разбирање на иконографијата, алегориите и наративите на ликовната уметност. Овие инпути се обликувани во ултра-модерно социјално и културно пакување, што ќе задоволи секого, кој е ‘повикан’ од хипнотичките интеракции на значењата. Вистински визионери, какви што се, AES+F одат преку едноставното свртување на вниманието кон актуелната глобална ситуација, предвидувајќи ја утрешнината. Уметниците користат богат визуелен речник, комбинирајќи ја естетиката на барокните и маниристичките стилови, за да состават низа слики ‘под напон’ (…) Надреалистичките фантазмагории го хипнотизираат гледачот и го трансплантираат во мета-простор, каде нашите стандардни бинарности за добро и зло, убавина и грдотија, богатство и сиромаштија, порок и доблест, не се веќе толку извесни“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here