Неспорно, можностите/способноста да се ужива уметноста и културата воопшто, како најдиректно остварувања на врвното што може да го понуди креативноста, се богатство до кое се доаѓа без мака, а низ ултимативен ќеиф; достапно за секого – ќе речеме и без ич пари. Ова сега и со конкретни бројки, во смисла на влијанието што го имаат уметноста и културата врз чувството на благосостојба кај луѓето, и како истото влијае на нивните одлуки каде ќе живеат, го потврдува студија спроведена во шест градови во Обединетото Кралство (Бирмингем, Халифакс, Хејстингс, Саутем и Стоук на Трент), нарачана од Советот за уметност на Англија (Arts Council England).

Секако, англиската ‘културна ситуација’ е неспоредлива со нашава, но од студијата што била поттикната и од неможноста некогаш атрактивните градови на островот да привлечат нови жители, може да се извлечат повеќе од корисни заклучоци/идеи што би важеле и овде, каде ‘хара’ „белата чума“. Се сеќавам на едно интервју од деведесеттите со покојниот Арбен Џафери, кој имаше солиден културен бекграунд, во кое тој, слободно размислувајќи – без да ги зема предвид можностите главно ограничени од (не)грамотноста; како решение за Македонија – за менување на менталитетот (и во контекстот на меѓуетничката толеранција) предлагаше повеќе културни институции и настани во градовите во внатрешноста. Ако добро паметам, идејата му беше дека во секоја средина има некакви лидери, кои, ако им се даде можност, би сакале да се истакнат и со интересот за култура; и би ги повлекле останатите …

Како и да е, англиската студија измерила колку понудата на настани од областа на културата и уметноста влијае врз одлуките на луѓето да се преселат или да останат да живеат во одреден град. Се покажало дека можноста да посетуваат културни настани значајно влијаела на чувството на благосостојба и задоволство кај анкетираните; на нивната приврзаност кон местото на живеење; на чувството на припадност на заедницата. Дотолку, што луѓето кога одлучуваат каде ќе живеат, подеднакво значење ѝ даваат на локалната културна понуда, како и на образовните институции со добра репутација.

„Добрата понуда на култура и уметност прави луѓето да се чувствуваат позадоволни, и како резултат на тоа, да бидат помотивирани да останат таму каде што живеат. Земајќи предвид низа фактори што влијаат на задоволството од животот, луѓето кои посетуваат поширок спектар на настани од областа на културата и уметноста се позадоволни од нивните животи од луѓето кои немаат таква практика“, пишуваат авторите на студијата.

За изработката на истата, именувана „Вредноста на уметноста и културата во обликувањето на едно место“, биле распрашани 1.756 испитаници низ Обединетото Кралство, а меѓу нејзините клучни наоди се следниве: За 65% од анкетираните културата и уметноста се важни за нивната благосостојба, додека за 36% се „суштествени за животот“; потоа, локалната културна понуда привлекува луѓе да живеат и работат во одреден град – 44% од оние кои останале во околината или во односните градови, и 43% кои се преселиле таму, ги навеле уметноста и културата како важен фактор за нивната одлука – речиси еднакво со процентот луѓе кои во контекстот го потенцирале квалитетот на школството; културната понуда помага да се изгради една заедница – 49% од луѓето изјавиле дека посетувањето настани од културата и уметноста им помага да се почувствуваат дел од заедницата, а за 68% културните случувања се многу важни за поттикнување на чувството за заедница. Локалната културна понуда значи и поддршка за трговските улици (high streets), зашто организациите од областа на културата и уметноста помагаат да се пополни јазот што го оставаат трговските марки кога своите продавници ги преселуваат од овие ‘извикани’ адреси.

„Нудејќи уникатни искуства, овие организации помагаат за привлекување посетители, и ја зголемуваат фреквенцијата на луѓе кои шетаат по овие улици, промовирајќи ги како атрактивни места за живеење, работа и посети“, стои во екстрактот од студијата.

„Цврсти докази покажуваат дека уметностите им се важни на луѓето низ државата, и јасно укажуваат дека се потребни поголеми инвестиции во културата“, вели поранешниот директор на Тејт (Tate) и актуелен претседател на Советот за уметност на Англија, Николас Серота, во есеј по повод наодите од студијата, објавен од „Гардијан“ (Guardian).

„Многу градови кои некогаш имаа просперитетни трговски улици и комерцијални центри, се соочуваат со пад на довербата и со колебливо чувство на идентитет. Присуството на театар, на галерија, на библиотека – места каде луѓето се собираат за да уживаат како заедница и да споделуваат искуства – може да помогне да се одржат градовите низ трансформацијата на нашето време“, пишува понатаму Серота, кој на погоре споменатите функции дошол како реномиран историчар на уметноста и куратор.

Иако не го делат воодушевувањето на погоре споменатите 36% за кои уметноста има суштествено значење за животот, и дел од сопствениците на бизниси од градовите опфатени со студијата забележале дека локалната понуда во делот на културата и уметноста помогнала во привлекувањето млади професионалци, како и оти ја зголемила репутацијата на нивниот град кај високо обучениот работен кадар од странство. Сепак, според најголем дел од бизнисмените, поважни во контекстот се локалните образовни институции. Оттука, авторите на студијата сугерираат дека организациите од областа на културата и уметноста треба да отворат дијалог со локалните бизниси за потенцијална соработка и спонзорски можности, за да ги охрабрат, во смисла да почувствуваат дека инвестираат во сопствениот успех.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here