Ристо Вуков – Рико денеска патува за Белград, каде утре ќе тренира, а задутре, в недела – 1 септември, ќе вози трка на легендарната патека Ушќе, на која во 1969 настапил и Ники Лауда, а како што ни кажа Рико, во своите млади години и не помалку големиот Аиртон Сена. Трката е последна во овогодинешното национално и отворено првенство на Србија (се бодува и за македонското првенство) и по неа ќе се знаат сите шампиони на сезоната. Рико води во генералниот пласман со 14 бодови предност, и доволно му е четвртото место на трката на Ушќе за да го освои првенството …

„Но, одам на победа. Лани на оваа патека стартував 13-ти, дојдов до првото место, и ми се случи пех, проблем со моторот, и тоа само што го поминав возачот кој дотогаш ја предводеше трката. Не поминав ниту 50 метри, и ми се расипа моторот.“

Ушќе 2017 (Фото Јефтиќ)

По оваа, многу важна за него трка, Ристо Вуков ќе извози уште две од македонскиот шампионат (во Кичево и во Скопје) – каде исто така, уверливо води; и дефинитивно, како што ни рече, ќе го заврши натпреварувањето во досегашната класа, Југо-хибрид 1150 ccm3.

На неговите планови ќе се посветиме подолу, а сега ќе ја довршиме приказната за претстојната трка на Ушќе, зашто Рико и во разговорот од кој произлезе овој текст го демонстрираше мотото на автомобилистите – „да се биде овде и сега“; посветен на следната трка, на следниот милиметар во неа – „во жестоката конкуренција, каде се возиме буквално на браник“. За последново побаравме појаснување.

„Пет години веќе возам во Србија. А таму, во мојата класа, сите возат – конкуренцијата е многу голема. Не само како бројка – 25 коли, туку сите тие 25 возачи возат, даваат гас, сите се конкурентни, нема аутсајдери. Моментално се бориме седум луѓе за титулата. По оваа трка може седмиот на крајот да биде првак. Моментално водам со 14 бода, што не е малку, но …“, ни рече Рико, пред поконкретно да продолжи со објаснување за „возењето на браник“, што во тркачкиот сленг го нарекуваат „фирунг“:

„На правец, ние го викаме фирунг или фаќање заветрина, на брзите патеки, буквално се буткаме. Зборуваме за буткање при брзини од 170 километри на час. Тоа кога го гледаш мислиш дека сме ненормални. И чувството е неописливо – и да си напред и да си одназад – и да буткаш или да те буткаат … треба да знаеш како да буткаш – не дај Боже, може да го убиеш другиот возач. Тоа го правиме со цел да се постигне побрзо време на круг. Некој возач е прв, и ветрот оди директно на него, а јас сум зад него и немам ветар, зашто ‘ме гради’ тој. И нормално јас сум побрз, па го буткам.“

Рико го прашавме и за непосредните подготовки пред трка; оние кога веќе седи зад воланот и чека да биде означен стартот.

„Психата е најважно нешто. Ако си психички нестабилен, ништо не правиш. Дома виртуелно возам на симулатор, не поради друго, туку да си ја вежбам концентрацијата. Секој круг гледам да го извозам рамномерно. А на вистинските трки сме како во ринг, се бориме, има удари, контакти кола со кола. И физички треба да си подготвен како спортист. Сега на Ушќе, внатре во автомобилот ќе има 60 степени (Целзиусови). А на тебе имаш кацига, комбинезон, поткапа … Тоа треба да се издржи. Многу е интересно што додека чекаме, додека зеленото знаме не означи старт, те фаќа паника, нервоза, многу ти е топло. Но, во моментот кога ќе се тргне, сето го снемува. Да можам да го опишам тој момент, за него би можел да напишам книга. Страшна, чудна работа. И само што ќе дојдеш до финиш линијата, се опушташ, и се враќа паниката, пак ти станува ужасно жешко, чувствуваш огромна жед и одвај чекаш да стигнеш до боксот … Ова (Југо-хибрид) е една многу мала класа, ама многу бара. Не е многу моќен автомобилот, треба да го извадиш максимумот од него и не смееш да си дозволиш грешка. Сите сме тука-тука – како што реков, се возиме буквално на браник. Тоа го нема во ниту една друга трка. Утре, каде и да возам, како овие трки на кои моментално учествувам, нема да има никаде.“

„Сум возел со Сајнц и Гасли кои сега се во F1 … но, факторот талент во овој спорт завршува во одреден момент“

Ристо Вуков – Рико почнал да вози картинг уште на 6-годишна возраст и бил трикратен шампион на Македонија во оваа дисциплина, два пати и на поранешна Србија и Црна Гора, вицешампион на Бугарија, а два пати се закитил и со европска титула.

„Како европски шампион, во 2009 имав директен пласман на светското првенство во Италија. Тоа е една трка (во картинг), на која возев, на пример, со Карлос Сајнц и Пјер Гасли – сегашни Формула 1 возачи. Ова го дознав пред неколку месеци, кога чепкав нешто и ја видов стартната листа, и гледам со кој сум возел, прашувајќи се кај се тие сега, а каде јас …“

Бидејќи тоа што сега Сајнц и Гасли се во F1 не можевме да си го објасниме со поголем-помал талент – Рико од позиција европски шампион возел трка со споменатите – нашиот соговорник го прашавме што ја направило разликата.

Одговорот се сведе на два поврзани проблеми – финансиите, односно условите за тренинг.

„За сите автомобилисти во Македонија голем хендикеп е што немаме добра патека за тренинг. Затоа генерално тренирам во Србија, каде има две-три патеки на кои можеш да си платиш и да тренираш. Овде нема каде да се тренира. А за успех треба многу, многу тренинг. Потоа, овој спорт бара многу пари. Според мене можностите за успех базирани на талентот завршуваат во одреден момент, и сѐ понатаму е тренинг. Без редовно тренирање, испробување, без истрошени преку 100 сета на гуми, не може да се постигне ништо. Формула 1 возачите буквално секој втор ден возат – возењето им е начинот на живот. Постојано се или во теретана, или играат фудбал, возат картинг – сѐ во смисла на подготовка за трките.“

Подготовката, пак, на возило за натпреварување во класата Југо-хибрид чини 10-15 илјади евра, „што, кога зборуваме за Југо јасно е дека е многу“, а една сезона, само за првенството на Србија, уште околу 30 илјади евра, во кои влегуваат трошоци за механичарите, за патувањата, сместувањата, котизациите „што се незначителни во целата сума со по 100 евра од трка“ … Секоја трка бара посебен сетап на возилото, кој зависи од стилот на возење на натпреварувачот и од карактеристиките на патеката – „после првиот тренинг на одредена патека веднаш се прават адаптации“.

„Во последно време апелирам до адресите каде што треба, да се направи една патека што ќе им биде од голема помош на сите автомобилисти. Втората придобивка од ова би била извесно превенирање на несреќите, сообраќајките што секој ден ни се случуваат низ градот. Ако има ваква патека, таа би била безбедно место каде ќе можеш да дојдеш, да си платиш, и да го истрошиш тој адреналин без никому да наштетиш. Трето, на таа патека ќе може да се вршат обуки за таксисти, за возачи на камиони и т.н. Ваква тркачка патека би била и голем амбасадор на земјата, зашто ќе доаѓаат странци. Има многу луѓе на Балканот кои имаат спортски автомобили од 200-300 илјади, од милион евра, а нема каде ‘здраво’ да ги испробаат. Значи, ова би било одлично и за спортот, и за бизнисот, и сумарно, за државата; и во делот на промоцијата и на безбедноста, како што рековме“, вели Рико.

„Сѐ зависи од тренингот – ако ми се остварат плановите за догодина, или ќе тренирам како што треба, или ќе гледам на телевизија“

„Автомобилизмот бара многу откажувања, но тоа што ќе се случи догодина со мојата кариера, ќе ми одреди и како ќе живеам. Ако ми се исполни планот, ќе се посветам двојно повеќе од сега. Во тој случај и физички ќе морам нонстоп да сум таму“, ни рече Ристо Вуков – Рико на влезот во делот од разговорот за неговата автомобилистичка иднина. И додаде дека кога вели оти догодина би можело „да се посвети двојно повеќе од сега“, тоа не значи дека досега правел компромиси: „Подготвени сме како професионален тим – така и се однесуваме, така и нѐ доживуваат“.

За сезоната 2020 разгледува две опции – TCR (Touring car racing) Europe и Porsche Carrera Cup Italia.

„Сега ова е само идеја. Ќе одам до Италија. Сето ова зависи од финансиите. Воопшто не сум тип што се жали, но финансиите овде се многу реален проблем. Без финансии во овој спорт не можеш ништо. Чини многу пари. На пример, на трка во TCR со буџет под 25-30 илјади евра не може да се учествува. Тоа е како цела сезона во категоријата во која возам сега. Сѐ зависи од спонзорите, но тоа е планот и сигурен сум дека ќе возам во едно од овие првенства догодина. Што ќе биде точно не знам – дали ќе возам цел шампионат, дали половина, дали само една трка-две – важно ќе возам. А ова ќе биде поткрепено со добри тренинзи, зашто не може да има резултати без тоа. А и тие тренинзи зависат од парите – за TCR ден тренинг е 7-8 илјади евра. Една гума е 500 евра (4 = 2.000), а тој ден ќе потрошиш минимум два-три сета, зашто таа гума трае дваесетина круга, не повеќе … Сѐ зависи од тренингот – или ќе тренирам како што треба, или ќе гледам на телевизија.“

Ристо Вуков – Рико, ние, како веб-сајт за култура и уметност, го прашавме и што гледа за мотивација, и не нѐ изненади кога ги издвои филмовите од франшизата „Брзи и бесни“: „Ги имам гледано повеќе пати, а особено тука мислам на првиот и вториот дел, што се најреални – после се ‘пофилмаџиски’. Првите два дела се синоним за трки, за автомобилизам.“ Омилен возач му е Фернандо Алонсо, „кој не вози веќе, се откажа, но мислам дека ќе се врати“. Евентуалното враќање на Алонсо, на Рико би можело да му го направи повозбудливо гледањето на F1 трките, зашто, смета тој, „Формула 1 веќе не е тоа што беше – отсекогаш била и бизнис, но сега е само тоа“.

Враќајќи се на домашен терен, Ристо Вуков за крај на разговорот упати апел до Автомобилистичката федерација на Македонија и до медиумите:

„Мора да ни се оправи нашиот автомобилизам. Во оваа наша федерација македонска, поради караници автомобилизмот тоне. Нека се гледа напред, и во име на тоа да се заборави на тоа што било вчера. Па да се направи една убава патека. И апел до медиумите, малку повеќе да се поддржи автомобилизмот. Зашто најголем дел од луѓето не знаат што се случува во спортот. Имаме трка на Водно и никој не знае. А порано Македонската телевизија вршела преноси. Тие работи треба да се вратат. Ако медиумски се врати автомобилистичкиот спорт, ќе биде полесно и за нас возачите. Спонзорите сакаат да се видат на медиум, а без спонзори во овој спорт не може да се направи ништо.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here