Иако дијамантите се (можеби) вечни, како што пееше Ширли Бејзи во истоимениот Бонд филм, уметницата Димут Штрибе (Diemut Strebe) ќе направи овој најтврд природен минерал – овде во својство на скапоцен камен, да исчезне.

Имено, од 13 септември, делото на Штрибе, „Откупот на суетата“ (The Redemption of Vanity), чие име дава јасна насока за толкување, ќе биде изложено на њујоршката берза, а се состои од 16.78-каратен природен жолт дијамант, проценет на 2 милиони долари, кој ќе биде покриен со „најцрната црна кога и да е создадена“, односно со „израсната шума“ од јаглеродни наноцевки (carbon nanotubes – CNT; од кои и британската компанија Surrey NanoSystems го синтетизира најцрниот од црните пигменти, vantablack). Со CNT eфектот дијамантот ќе стане невидлив за голо око, а делото (сепак) ќе може да се види до 25 ноември, до кога ќе биде изложено.

Димут Штрибе

Штрибе, која и самата е и научница, соработувала со професорот по аеронаутика и астронаутика на МИТ (Масачусетскиот технолошки институт; каде Штрибе е резидентна уметница), Брајан Вордл (Brian Wardle), околу употребата на CNT за да се добие „најцрниот црн материјал на Земјата“, што апсорбира 99,965% од светлината околу објектот што го прекрива.

„Тоа што ова дело ќе биде изложено на њујоршката берза е среќно совпаѓање. (Проектот) истражува како материјални и нематеријални вредности им се придаваат на предмети и концепти, реферирајќи на луксуз, на нашето општество и на уметност“, се вели во презентацијата на Центарот за уметност, наука и технологија при МИТ.

И, како извесна ‘испомош’ во концептуалниот дел од проектот на Штрибе, се додава дека иако дијамантот и јаглеродните наноцевки се ист елемент, јаглерод, тие имаат различна атомска структура, па ако во едниот случај екстремно се рефлектира светлината, во другиот се апсорбира до спротивниот екстрем.

Штрибе и Вордл охрабруваат користење на нивниот CNT „патент“ од страна на секој заинтересиран уметник, за разлика од Аниш Капур (Anish Kapoor), кој го има ексклузивното право на горе споменатата vantablack, што апсорбира речиси исто количество светлина како креацијата на Вордл.

„Ние не веруваме во ексклузивна сопственост во однос на кој и да е материјал или идеја за уметничко дело, и нашиот метод е достапен за секој уметник“, е заедничка изјава на Штрибе и Вордл.

„For The Love of God“, 2007

Инаку, дијамантите на големата врата во светот на уметноста ги донесе Дејмиен Хрст (Damien Hirst), со скулптурата „За љубовта Божја“ (For The Love of God, 2007), за која е искористен човечки череп од 18 век, излеан во платина и покриен со 8.601 дијаманти.

Дијамантите, пак, во делото на Штрибе се од компанијата L.J. West Diamonds Inc., а уметницата ја потенцира големата важност на закачената цена на истото:

„Вредноста е клучот за овој проект. Дијамантот е огромен! Никогаш не сум видела нешто слично. Се работи за многу симболичен предмет. На ова (дело) може да се гледа како на предизвик за пазарот за уметност.“

Димут Штрибе пред неколку години го привлече вниманието на јавноста со своето дело „Sugababe“ (2014), што е жива реплика на отсеченото уво на Винсент ван Гог, развиена со користење автентичен генетски материјал и 3D принтер.

„Sugababe“, 2014

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here