Наградуваниот моден и фотограф на познатите, Маркус Клинко, објави фотографии на Дејвид Боуви, досега несподелени со јавноста, направени за албумот на музичарот од 2002, Heathen. Опсежната серија фотографии се протега од високо стилизирани до надреални пројави на харизмата на Боуви, кој може да се види додека носи бебе низ снежна пустина, држи волци на поводник, медитира/се моли со крст во едната и цигара во другата рака … (визави сомнежот што го изразува името на албумот, Heathen, во однос на институционализираните религии; особено во контекстот што настана со нападите од 11 септември, кога снимањето било во тек; и извесното значење на превртените букви од насловот) Комплетот ја вклучува и финалната фотографија од насловната на албумот – Боуви како слеп човек, со бели, застаклени очи. Дека сите слики се инспирирани од песните на Heathen, и оти Боуви блиско кокреирал со Клинко, потврдува фотографот во интервју за The Malestrom.

Поканата да фотографира за потребите на визуелната опрема на Heathen ја добил откако ја сликал сопругата на Боуви, Иман, за насловната на нејзината книга, „Јас сум Иман“ (2001):

„(Боуви) Ме праша дали можам да дојдам во неговото студио, и да слушнам некои траки, некои од новите песни, пред да продискутираме за артворкот на албумот. Менталната слика на Боуви кој седи покрај прозорец и пуши цигара додека неговиот продуцент (Тони Висконти) ги пушта првичните миксови на песните, е нешто што никогаш нема да го заборавам. Откако заедно го ислушавме речиси целиот албум, почнавме да зборуваме за фотографирањето. Имаше многу идеи и беше многу прецизен додека ми ги кажуваше“, вели Клинко, кој Боуви професионално го памети како „една од многу ретките познати личности со кои сум работел, а кои лично биле инволвирани“ во уметничката работа на фотографот.

„Не може да постои подобра соработка од кој и да е аспект. Најпрво, очигледно беше многу фотогеничен. Тоа е дар. Но, беше и многу интелигентен и имаше многу знаење за фотографијата и за пост-продукцијата, и … за сѐ друго. Беше толку добро ‘заокружен’, интелигентен човек. Многу уметници имаат интелигенција, но не ги интересираат други области од уметноста и технологијата. Беше вистинско задоволство да се соработува со него – сѐ одеше ‘мазно’, толку спонтано …“

А, „има ѕвезди на кои буквално им требаат шест часа за да сменат маица“, вели Маркус Клинко:

„Одат во соблекувалната и ситуацијата е како да се раѓа бебе. Боуви беше многу брз – соживеан со улогата, менувајќи се според потребите и заземајќи многу интересни пози. Не му требаше многу упатување – едноставно го имаше тоа, знаеше како функционираат фотографските агли, беше многу паметен.“

Изложбата „Невидениот Боуви“ (Bowie Unseen) прво (од 1 октомври) ќе може да ја видат само членовите на лондонскиот members-only клуб, Tramp (еден од најексклузивните во светот, чиј член бил и Боуви), а потоа фотографиите ќе се преселат во Zebra One галеријата, исто така во Лондон, каде ќе може и да се купат, при што 10% од заработката ќе оди кај британска добротворна организација посветена на поддршка на болните од рак (Macmillan Cancer Support).

Следи галерија, а целата колекција може да ја видите овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here