„Како што можете да заклучите од чадот на насловната, овогодинешното есенско издание на ‘разузнавачкиот’ извештај на artnet, ја изнесува следнава теза: дека низ изминативе 30 години, светот на уметноста еволуираше во индустрија. Некогаш скромно димензиониран предел на познавачи, трговци водени од страст и колекционери хобисти; денес бизнисот со уметност егзистира како меѓусебно поврзана глобална мрежа под доминација на мултимилијардерски корпорации и инвеститори на кои профитот им е мислата, кои за бројките се грижат исто, ако не и повеќе, колку и за самата уметност“, стои во воведниот текст за новиот artnet Intelligence Report (есен 2019), чие излегување се совпаѓа со 30-годишниот јубилеј на веб-сајтот (artnet) што го покрива пазарот на уметноста.

„Од еден аспект, овој пазар е чуден, химерички амалгам од индустријата на луксузот, финансискиот сектор и казината од висока класа. А ако се погледне од друг агол, тој е разработен мотор на креативноста и иновацијата што може да породи нова ренесанса во уметноста. Како и самата уметност (убавина), природата на пазарот на уметноста е во окото на посматрачот“, се вели понатаму во текстот.

За потребите на овој извештај (кој можете да го симнете и разгледате овде), artnet разговарале со трио колекционери, за тоа како бизнис страната на нештата се менувала низ изминатите три декади, а анализирале и купишта податоци, од кои се покажало дека пазарот сега забавува, со клучни индекси кои се симнуваат од нивните неодамнешни врвови. Извештајот ги подвлекува овие подрачја на повлекување на пазарот и идентификува каде ѕвони алармот, но покажува и каде се создаваат можности, потенцирајќи го сѐ повозбудливиот пазар за современата африканска уметност.

Бидејќи, како што кажавме, есенва artnet одбележува 30 години постоење, извештајот дава преглед и на тоа како компаниската пионерска база на податоци за цените на пазарот (Price Database) го обликувала полето на уметноста и го помогнала забрзувањето на неговиот раст. Во контекстот се застапени искуствата на основачот на artnet, Ханс Ноендорф (Hans Neuendorf), за предизвикот да се стане прв онлајн арт бизнис – и за влијанието што транспарентното одредување на цените на уметничките дела го има(ло) на полето на кое тој влегол како трговец идеалист во шеесеттите од минатиот век.

Ханс Ноендорф, основачот на artnet

Клучни наоди на извештајот се дека вкупно 9,1 милијарди долари биле потрошени на уметност, на декоративна уметност и дизајн, на аукции во првата половина од 2019; што е за 13,5% помалку во однос на истиот период лани. Дека главна причина за оваа слабост е падот на врвот на пазарот, односно тоа што аукциската продажба на дела поскапи од 10 милиони долари паднала за 35% во првите шест месеци годинава, во споредба со првата половина од 2018. Фигурацијата ја заменила апстракцијата како најпосакуван стил на нова уметност – ниту едно од топ десетте дела продадени на аукции од ултра-современи уметници во споменатиот период годинава не било апстракција. Понатаму, KAWS го надминал по заработката многу попознатиот Жан-Мишел Баскијат; а имено, дела на KAWS генерирале 70,6 милиони долари на аукции во првите шест месеци од 2019, додека на Баскијат 65,6 милиони. Врз база пак на податокот дека кај аукциските продажби во Обединетото Кралство има пад од 24% од јануари до јуни годинава, а во Кина „само“ 10,5% во истиот период, artnet заклучуваат оти Брегзитот има полош ефект врз пазарот отколку трговската војна САД-Кина. Како последен клучен наод во извештајот е наведено дека јазот меѓу Christie’s и Sotheby’s се стеснил за првпат во неколку години, зашто и двете аукциски куќи објавиле нешто над 2 милијарди долари продажба во првата половина од оваа година.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here