Стив Лазаридис (Steve Lazarides), поранешниот агент на Бенкси (Banksy) и соосновач на Lazinc, лондонската галерија што изложува дела на познати улични уметници како најпознатиот, погоре споменатиот; се повлекува од галерискиот бизнис. Како причина ги наведува фрустрациите што му ги предизвикува актуелната состојба на нештата на сцената, вклучувајќи го „снобизмот во светот на уметноста“.

„Никогаш не сакав да бидам галерист, никогаш не сакав да продавам слики. Единствената причина поради која го правев тоа беше да ја промовирам супкултурата што остануваше недоволно забележана/потценета (…) Ова дојде до фаза (во светот на галериите) кога не е ништо повеќе од парична вредност, и веќе не можам да работам под овие услови“, изјавил Лазаридис за The Art Newspaper.

Стив Лазаридис, кој е фотограф, како свој влез во светот на уметноста го наведува случајот, кога добил нарачка од магазин за кој работел да го фотографира Бенкси (во 1997). Очигледно се случила ‘хемија’, па во годините што следеле, работел со Бенкси во многу својства, вклучително и како негов возач и фотограф, пред да му стане галерист.

Од изложбата „Banksy, Greatest Hits: 2002-2008“ во галеријата на Лазаридис, Lazinc

Лазаридис посакува враќање на времето кога достапноста и пристапноста биле приоритет (како во проектот – веб-сајтот „Pictures on Walls“, што го лансирале со Бенкси, за продавање принтови од улична уметност), и вели дека ќе отвори нов веб-сајт на кој ќе ги продава своите околу 12.000 фотографии што ги направил работејќи со Бенкси 11 години, за цени од околу 550 долари по парче. Следниот месец ќе ја издаде и книгата „Бенкси фатен“ (Banksy Captured), а ќе стартува и сопствен консалтинг за купување/инвестирање во уметност, како и добротворна организација под името Off Ends, која ќе помага да им се приближи светот на уметноста на младите во неповолна положба.

За споменатиот влез во консалтинг бизнисот, Лазаридис вели: „Никогаш не сум го продавал моето знаење за Бенкси, но можеби ќе почнам да се промовирам како светски експерт на темата. Многумина направија пари од тоа.“

Тој фотографирал за легендарниот уличен уметник во неговите „најдобри години, (…) кога беше млад, гневен, имаше што да каже“. Но, многу нешта се променија оттогаш – дела на Бенкси сега се на меинстрим пазарот, што на уметникот не му е по ќеиф (барем според покажаното), но, за утеха, Лазаридис вели дека „сите главни дела на Бенкси се во приватни колекции“, односно оти „негови важни дела никогаш не се појавиле на аукција, зашто аукциските куќи не ги разбираат“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here