Номинираните дела и автори за овогодинешното, дванаесетто издание на годишните Бејзли награди за дизајн (Beazley Designs of the Year 2019), се објавени, а пораката од организаторите е дека најблагонаклонето ќе се гледа на проектите за борба со нееднаквоста, во смисла на зголемување на пристапноста (за луѓето со каква и да е попреченост); потоа на дизајните што ги имаат предвид жените, како и на локалните идеи со глобално влијание. Престижните награди го носат на едно место – во лондонскиот Design Museum (кој лани ја доби наградата за најдобар европски музеј на годината, EMYA – European Museum of the Year Award), најдоброто од дизајнот ширум светот, во шест категории: архитектура, дигитален дизајн, мода, графички дизајн, дизајн на производ и транспорт. Името Beazley доаѓа од спонзорот, истоимената осигурителна компанија, која ја овозможува изложбата што се отвора денеска, а ќе трае до 9 февруари (2020), во Design Museum.

Во категоријата графички дизајн меѓу номинираните е дизајнерската компанија Pentagram, која соработувала со фирмата на англискиот архитект David Chipperfield, на дизајнирањето на архитектонското брендирање, со еко-освестени знаци, на новото седиште во Сеул на козметичката компанија Amorepacific. Потоа анти-Бргзит активистите Led By Donkeys, кои на билборди истакнале изјави на про-Брегзит политичари, дизајнирајќи ги како ‘твитови’; за да ја потсетат јавноста како се менувале нивните ставови. Notamuse, е пак книга на три авторки (Silvia Baum, Claudia Scheer и Lea Sievertsen), замислена како одговор на недостатокот од жени кои би биле ‘идоли’ во индустријата за графички дизајн, и за целта профилира 54 жени дизајнери. Њујоршката илустраторка, Mona Chalabi, е номинирана со проектот „Who Are You Here To See?“, во кој визуелизира демографски податоци на уметници вклучени во колекциите на американските музеи, кои испаѓа дека се 75% мажи, белци.

Во категоријата „диџитал“ номиниран е проектот на MIT Media Lab, AlterEgo, кој е нослив неурален интерфејс што овозможува луѓе да можат да издаваат наредби на виртуелен асистент артикулирајќи зборови преку мисли. Потоа AR (augmented reality – проширена реалност) играта Avo, на Playdeo, во чија приказна AR-генерирано авокадо (Avo) оживува благодарение на млад научник. Кандидат за награда во оваа категорија е и „Meet Q: The First Genderless Voice“ – како што самото име на проектот кажува – првата родово неутрална гласовна технологија, а номинарана е и OLIO, апликацијата за споделување храна, креирана имајќи предвид дека третина од храната што се произведува во светот завршува во ѓубре; која (апликацијата) како помош во борбата со нееднаквоста го помага споделувањето храна по комшиски принцип – со оние кои се најблиску, а кои немаат доволно да се прехранат.

Во категоријата мода номинирана е соработката со Adidas на Корејката Ji Won Choi, инспирирана од традиционалната облека, ханбок, од нејзината родна земја. Тука е и дизајнот на Sandy Powell на костимите за филмот „The Favourite“, а и веганските „Марула папучи“ (Green Lettuce Slides) на белгискиот дизајнер Mats Rombaut, како и „Климатската колекција“ (‘Climatic’ Collection) костими за капење на основачката на модната марка Chromat, Becca McCharen-Tran, која адресира два проблеми – климатските промени и работничките права, а е изработена од рециклиран најлон, ‘фатен’ во рибарските мрежи низ светските океани.

Кандидати за награда во категоријата дизајн на производ се проектот на IKEA, „ThisAbles“, со кој мебелот на шведската компанија се прилагодува на потребите на луѓето кои припаѓаат на популацијата со попреченост, односно со различни способности; потоа NUATAN, биопластиката што е целосно биоразградлива до индустриски компост/органско ѓубре добиено со ферментација на индустриски остатоци, која зад себе не остава јаглероден отпечаток, а е биокомпатибилна до степен што безбедно може да ја изедат рибите и другите морски жители; а меѓу номинираните во оваа категорија е и „denqul“, резервната батерија за мобилни уреди, на јапонското студио nendo, која се полни откако ќе се ‘залула’. Тука е и пумпата за мајчино млеко, „Elvie Pump“, која на мајките кои работат или не можат да ги користат рацете од ‘икс’ причини, им овозможува нечујно и „хендсфри“ да си ја продолжат дневната рутина.

Целата листа на номинирани можете да ја видите овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here