По децении живеење во Лос Анџелес, Дејвид Хокни, чие дело шест месеци (од 15 ноември 2018 до 15 мај 2019) беше најскапо продадено на аукција (од жив уметник) на сите времиња, се сели во Франција. Причината се строгите закони во Америка против пушењето.

Очигледно одлуката не ја донел импулсивно, зашто неговите нови (готови) дела (пејзажи, кои ќе ги изложи на 14 септември во чест на отворањето на новото седиште на Пејс галеријата (Pace gallery) во Њујорк) се веќе инспирирани од градините покрај новата му куќа во Нормандија.

Активист против пушење цигари прекинува настап на Хокни во 2005

„Би сакал просто да работам и да сликам“, изјавил Хокни, за кој е познато дека ‘швајцува’ цигара за цигара, зборувајќи со новинар на Волстрит журнал. Во пригодата се пожалил дека Американците станале престроги во однос на неговата омилена навика, особено во Лос Анџелес, каде е забрането да се пуши на јавни места, вклучително и надвор покрај ресторани или барови. Уметникот се сели во Франција со став дека „Французите знаат да живеат и знаат што е уживање“.

„Пушам повеќе од 60 години, но мислам дека сум прилично здрав. А имам 82 години. Уште колку ми останува? Ќе умрам, или од болест поврзана со пушењето или од непушачка болест.“

Лани, откако поминал некое време во северна Франција, Хокни под дејство на моментална инспирација купил куќа од 17 век, окружена со густи грмушки од глог и дрва со јаболка, цреши и круши. Секој сантиметар од неговиот нов дом е нацртан и поставен на панел од 24 парчиња, именуван „Големиот двор“ (La Grande Cour), а инспириран и од „Таписеријата од Баје“ (Bayeux Tapestry), долга речиси 70 метри, што го илустрира норманското освојување на Англија.

И инаку високо продуктивен, Дејвид Хокни целиот „Голем двор“ го сработил за само 21 ден, зашто, како што вели, „веројатно не ми останува многу време, кое затоа го вреднувам уште повеќе“.

Поглед на инсталацијата на „La Grande Cour“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here