„Исконот на деновите“ (слободен превод од The Ancient of Days) на лондонските улици

Во трејлер за новата голема изложба на Тејт Британ, посветена на сликарот, графичарот, поетот Вилијам Блејк, кој БиБиСи во односен текст го претставува како „најголем визионер во последниве 200 години“ и „шампион на имагинацијата“, делата на големиот англиски уметник се дигитално претворени во графити, и анимирани врз ѕидовите покрај лондонските улици, за последните одново да го осетат присуството на овој нивен сограѓанин, кој во свое време (1757 –1827) им го знаел секое ќоше. Режирана од Сем Гејнсборо, а во продукција на лондонското студио Блинкинк, кратката анимација ги оживува ликовите од сликите на Блејк, како гигантски призраци кои го окупираат Лондон.

Режисерот од Тејт добил снимки од сликите на Блејк со врвна резолуција, и целосна креативна слобода да испорача во широка рамка, „ограничена“ од два услова: во прв план да бидат сликите на Блејк, кого повеќето луѓе го знаат преку неговата поезија; а тоа да го направи на современ начин.

Трејлерот …

„Идејата беше врз основа на сликите, неговите ‘духови’ одново да ‘газат’ низ улиците на кои живеел“, е изјава на Гејнсборо, кој како многу конкретна инспирација ја наведува својата лична опсесија со уличниот уметник Блу (Blu).

Макотрпниот процес на претворање на сликите во анимација, фрејм по фрејм, режисерот вели дека го правеле (со аниматорот Реналдо Пеле) ‘од око’, „без компјутерски трикчиња“, односно оти е „само Фотошоп, и околу еден месец исполнет со долги денови“.

Позадините – фотографираните лондонски куќи/згради и улици, се бирани според фреквенцијата со која Вилијам Блејк ‘ги чешлал’, при што се внимавало да биде претставен аспектот дека големиот уметник се застапувал за работниот човек, „па, затоа на некои од фотографиите улиците се повалкани“. Во сцената што ја отвора анимацијата прикажана е креатурата од блејковиот „Дух на болва“ (Ghost of a Flea), како оди по ѕидовите крај родната улица на уметникот, Бродвик (Broadwick Street).

„Духот на болвата“

Изложбата во Тејт Британ е отворена вчера, а ќе трае до 2 февруари (2020):

„(Вилијам Блејк) ги креирал некои од најиконичните визуелни претстави на британската уметност (…) радикален и бунтовен, инспирација е за визуелни уметници, музичари, поети … низ светот“, пишуваат од музејот, разбирливо не навлегувајќи во набројување на навистина масовното блејково влијание врз творештвото на некои од најбитните автори на полето на литературата, ликовната уметност, филмот, музиката, стрипот.

Изложбата во Тејт Британ, најголема ‘блејкова’ последниве дваесетина години, со над 300 дела – акварели, слики и графики, „го реоткрива Вилијам Блејк како визуелен уметник и за 21 век“.

„Њутн“ од трејлерот за изложбата на Тејт Британ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here