„Давид со главата на Голијат“

Леонардо да Винчи, Микеланџело и Рафаел го имаат заслуженото место во историјата, као најголеми мајстори на италијанската ренесанса. Но, зад овој триумвират на креативни гении (покрај погодната општествена клима) конкретно стои фактор олицетворен во помалку познатиот стар мајстор, Андреа дел Верокио (околу 1435–1488). Ова е поттекстот на новата изложба во Националната галерија на уметноста во Вашингтон – дека сите тројца наброени великани прилично му должат на скулпторот, сликарот и нивни учител, Верокио, чиј директен ученик бил Леонардо, а посредно и Микеланџело и Рафаел, чии ментори, Доменико Гирландајо и Пјетро Перуџино, исто така поминале низ верокиевата школа/работилница.

„Ангел со делфин“

„Верокио: Скулптор и сликар на ренесансна Фиренца“, е прва американска монографска изложба посветена на големиот мајстор (отворена вчера, а ќе трае до 12 јануари), која вклучува 50 дела – скулптури, слики и цртежи, од кои може да се види „богатството и широчината на верокиевото извонредно мајсторство“, односно „да се увиди и испочитува како неговата работа во секоја од уметничките форми, ја стимулирала креативноста кај другите (уметници)“, придонесувајќи за неспоредливиот уметнички резултат на градот на реката Арно, неслучајно наречен и „италијанската Атина“.

Кураторот на изложбата, Ендрју Батерфилд, разбирливо избегнал да го ограничи мајсторот само на влијанието врз големите уметници по него, инсистирајќи на нагласување на единственоста на вештината и иновациите на Верокио.

„Џулијано де Медичи“

Како скулптор, што и главно бил, тој е најважниот лик во ренесансната уметност, меѓу Донатело и Микеланџело, со дела со дотогаш невидени технички достигнувања.

Историчари на уметноста ја наведуваат неговата мермерна „Дама со цвеќиња“, конкретно начинот на кој се решени рацете и особено дланките, како урнек за современиците на Верокио. Посебна вредност на неговите склуптури им дава и тоа што самиот ги лиел, во период кога фирентинските склуптори ретко самите го правеле овој последен чекор, преферирајќи да им го препушат на специјалистите.

„Дама со цвеќиња“

Иако ја фаворизирал скулптурата, во работилиницата на Верокио, каде чиракувале и Леонардо, Перуџино и Сандро Ботичели, и тоа како и се сликало. Мајсторот скицирал/поставувал, а повеќето сцени им ги оставал на учениците да ги сработат; за откако ќе завршат, самиот да го даде финишот. Од ваквата колаборација уметниците-ученици од споменатиот формат, можеле фино да ги наштимаат своите сликарски вештини под водство на мајсторот.

„Св. Ероним“

За британски Observer, кураторот Батерфилд ја опишал работилиницата на Верокио како „лабораторија за уметноста на високата ренесанса“:

„Во едниот агол Леонардо, работејќи на нешто. Во другиот Перуџино. Во одреден период и Ботичели бил таму. На релативно мал простор ги имало сите овие гении во зародиш.“

Во концептот за изложбата во вашингтонската Национална галерија групирани се три дела, прикази на идеалната убавина, изработени во различни медиуми: мермерната скулптура „Дама со цвеќиња“, цртежот „Глава на жена со плетенки“, и „Портретот на Џиневра де Бенчи“ од Леонардо да Винчи. Меѓу изложените скулпторски ремек-дела се и „Давид со главата на Голијат“, што се смета како прва бронза на Верокио, веројатно нарачана од Пјеро де Медичи, таткото на Лоренцо Величествениот.

„Портрет на Џиневра де Бенчи“ (Леонардо да Винчи)

„Верокио бил визионер. Имал неуморна имагинација и порив да експериментира и да го подобрува она што тој или кој и да е друг го сработил претходно. Но, тој бил и ‘диригент’ на оркестар кој споил многу таленти, извлекувајќи го најдоброто од нив“, се зборови на кураторот, што ги сумираат двете димензии на изложбата во една поента.

„Глава на жена со плетенки“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here