Од прстите на стапалата ретко кој може посебно да ги контролира дури и големите, а кога се во прашање прстите на дланките, науката одамна ги има воочено уникатните неурални мапи, односно регионите од мозокот во кои се процесира осетеното со секој од петте прсти. Овие шеми варираат во зависност од секојдневните активности на односните луѓе, во смисла дека мапата на дланката на пијанистот ќе биде различна од онаа на еден сликар, на пример; зашто двете професии вклучуваат различен асортиман на чести движења.

Но, ново истражување сугерира дека можностите на мозокот да мапира се поголеми од што се мислело. Според она што истражувачи предводени од Хариет Демпси-Џоунс и Дан Б. Веселинк од Лондонскиот универзитетски колеџ (UCL), го објавиле во научното списание Cell Reports, двајца професионални уметници кои сликаат со стапалата имаат „мапи на прстите на нозете“, ефикасни споредливо со мапите на дланките.

„Шума“, Том Јендел

Мапите на стапалата кај повеќето луѓе се исти, и во споредба со мапите на дланките кои содржат различни сетови движења, асоцирани со различните прсти во зависност од, како што кажавме, секојдневните активности што ги врши одреден човек, просечната мапа на стапалата се манифестира во мозокот како ‘крут’ регион.

Но, ова не е случај со Том Јендел (Tom Yendell) и Питер Лонгстаф (Peter Longstaff); и двајцата родени без раце. Наместо вообичаена мапа на стапало, двајцата развиле комплексни неурални мрежи, во кои специфичните региони од мозокот кореспондираат со секој прст од нивните стапала посебно. Претходно овој вид мапирање на прстите на нозете бил истражуван само кај мозоците на животни примати, кои вообичаено ги користат нивните стапала за активности како искачување.

Хариет Демпси-Џоунс, во текст по повод новото истражување, потенцира дека Јендел и Лонгстаф – бртанските уметници кои „создаваат уметност со нивните стапала, подобра од она што би можеле да го направат повеќето луѓе со дланките“ (научницата патметно го срочила ова, не навлегувајќи во оценка на уметничката вредност, туку зборувајќи за вештината) – со прстите на стапалата, покрај сликањето, секојдневно и ‘вртат’ на телефон, се хранат, си ја закопчуваат облеката …

„Облаци“, Питер Лонгстаф

За да разберат како ваквото специјализирање (на прстите на стапалата) дејствува на мозокот, Демпси-Џоунс и нејзините колеги спровеле снимање со магнетна резонанца на двајцата уметници, и увиделе дека при стимулирање на секој од прстите, тие произведуваат активност во соодветниот дел од мозокот; откривајќи мапа на стапалото што им парира на мапите на дланката.

Ако експертите најдат начин да ја копираат неуралната флексибилност на Јендел и Лонгстаф, тоа би можело да се примени во медицинскиот третман на жртвите на мозочни удари и на луѓето кои боледуваат од церебрална парализа. Со тренирање на мозокот да има подобра интеркација со индивидуалните делови на телото, научниците би можеле да им ја повратат контролата на оние кои не можат во целост да ги користат своите раце или нозе; иако, како што вели коавторот на студијата, Веселинк, ваквите промени на мозочното мапирање можеби се единствено можни во тој краток временски период, кога луѓето се млади и имаат „максимална мозочна пластичност“:

„Познато е дека мозокот на возрасните е пофиксиран штом критичниот период на пластичноста ќе заврши. Можеби еднаш откако ќе се случи фиксирањето, веќе не може значајно да се влијае.“

„Апстрактни дијагонални линии“, Том Јендел

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here