На 16 септември во њујоршката галерија Gagosian е отворена троделна изложба на еден од најзначајните скулптори на нашето време, Ричард Сера (Richard Serra), со тазе цртежи и (типичните за него) огромни челични скулптури. Уметникот кој ја радикализираше и прошири дефиницијата за склуптурата, познат е по интервенциите во архитектонски, урбани, пејзажни поставки/опкружувања од Исланд до Нов Зеланд, со дела со монумeнтални димензии, при што ја нагласува материјалноста и интеракцијата меѓу гледачот, локацијата и делото.

Или, како што се изрази нашиот лански гостин во рубриката „Ликови“, скулпторот Гоце Наневски, „Ричард Сера му се обраќа на гледачот од позиција на моќ, прави џиновски спирали од 200 тони, при што физички можеш да се движиш низ скулптурата, што е и поентата, да се направи делото надмоќно над индивидуата“.

Triptych #2, 2019

Во раните шеесетти од минатиот век, Сера и минималистите од неговата генерација се свртеле кон тогаш неконвенционалните, индустриски материјали, почнувајќи да ги акцентираат физичките својства на нивната уметност. Но, низ годините, родениот во Сан Франциско (во 1938), главно се фокусира на дела со големи размери …

„Тежината е вредност за мене – не дека е попривлечна од леснотијата, но јас едноставно знам повеќе за тежината, отколку за леснотијата, и оттука имам повеќе да кажам за неа, повеќе да кажам за балансирањето на тежината, за нејзиното намалување, додавање или одземање, концентрирање, местење, потпирање, прицврстување; за психолошките ефекти на тежината, за нејзината дезориентација, дисбаланс, ротација, движење, насоченост, облик“, е цитатот од Ричард Сера со кој Gagosian ја претставува изложбата што ќе трае до 2 ноември.

Како што самото нејзино име кажува (Triptychs and Diptychs, Forged Rounds, and Reverse Curve), во три галериски простори на Gagosian на Менхетн може да се видат серија нови цртежи на Сера (диптиси и триптиси), потоа четири нови дела од серијата „Rounds“ (се работи за повеќе заоблени скулптури од кован челик со различни дијаметри и височини, аранжирани како шума од 50 тони), а во третиот галериски простор е поставена „Reverse Curve“ (2005/19), скулптура долга 30 метри, висока 4 (метри), првично замислена во 2015 за јавен проект во Реџо Емилија, Италија, а сега првпат финално реализирана и изложена.

Nine, 2019

Трите изложби на Ричард Сера, Gagosian ќе ги придружи и со тридневна ретроспектива на сите негови филмови и видеа, потенцирајќи дека и тие првпат ќе бидат проектирани заедно.

Инаку, отворањето на изложбата привлекло маса битни ликови на њујрошката (и поширока) уметничка сцена, па од ARTnews се сетиле да ги прашаат (некои од нив) како би го опишале Ричард Сера во три збора.

Уметницата која соработувала со Сера, Џоан Џонас (Joan Jonas), го опишала како „длабока тежина со леснотија“; адвокатот специјализиран за случаи поврзани со уметноста и музеите, Хју Фројнд, го нарекол „уметничка ѕвезда од тешка категорија“; уметницата Мери Халјман, Сера ја „потсеќа на сурфање“; за нејзината колешка Сузан Клајнберг тој е „тежок и прекрасен“; а за Лери Гагосјан, основачот на Gagosian, опишувањето на Сера „е невозможно“.

Reverse Curve (2015/19)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here