Брајан Донели, познат како KAWS, пред неколку месеци (на почетокот на април) беше голема вест во медиумските известувања од пазарот на уметноста, кога неговото дело од 2005, „The Kaws Album“, за 15 пати ги надмина проценките на аукциската куќа Sotheby’s, и се продаде за дури 14,7 милиони долари. KAWS има 2,4 милиони следачи на Instagram, а помамата, на пример, за неговите маици дизајнирани за Uniqlo, во продавница во Кина (како што можеше да се види од видеа на Twitter) предизвикала хаос, во кој фанови се пробивале под металната решетка при отворањето, ги симнувале маиците од куклите-манекени, буквално се тепале …

Но, ваквото негово пробивање меѓу најпопуларните живи уметници, веднаш ја сврте и другата страна на медалот, каде е и еден од најоспоруваните. Како што пренесува Guardian, и самиот KAWS (нормално) сака медиумите повеќе да се занимаваат со неговите дела, отколку со цените (особено што во најконкретниот случај – продажбата на „The Kaws Album“, тој воопшто не профитирал парично, зашто се работи за препродажба), но …

„The Kaws Album“, 2005

Недела претходно тој ја постави една од неговите најамбициозни скулптури во водите на хонгконшкото пристаниште Викторија – 35-метарскиот надуван „Компањон“ (Companion – еден од иконичните ликови во светот на KAWS), покрај кој бродовите/чамците изгледаат минијатурно.

„Ја имав предвид тензијата во светот, и сакав да направам дело што ќе ги натера луѓето да мислат на релаксација, а нема ништо порелаксирачко од лежење на грб во вода и гледање во небото“, изјави Брајан Донели по поводот, и како што самиот подоцна додаде, овој проект „го издигнал“ како уметник, но, набрзо се случи продажбата на Sotheby’s, „и веднаш сите наслови се свртеа кон парите“.

„Companion“

„Дали мислам дека мое дело треба да се продава за толку многу? Не“, напиша KAWS на Instagram на 1 април, ден по продажбата вредна 14,7 милиони долари.

Неговата популарност/цена секако не дојде туку така. Го колекционираат Фарел Вилијамс, Џастин Бибер, диџеј Калид, (колекционерот) Лери Ворш, и со години неговите играчки се разграбувани (и копирани/фалсификувани).

Погоре споменатото оспорување на уметноста на KAWS можеби најдобро го илустрира цитатот од советникот за инвестирање во уметност, Џош Баер, употребен во текст на artnet (со наслов: „Како графити уметникот од Њу Џерси постигна доминација на пазарот за уметност, без следење на ниту едно од правилата“):

„Сигурен сум дека е супер фин дечко и голем бизнисмен. Но, не мислам дека историјата на уметноста ќе биде: Матис, Полок, (Џаспер) Џонс, Баскијат, KAWS. Ако мислите дека Парис Хилтон или Кардашијанс се важни ликови во културата, тогаш веројатно ќе мислите и дека KAWS е важен уметник.“

„Together“, 2017

Но, ова мислење не го делат многу од светските институции за уметност, како Националната галерија на Викторија (NGV) од Мелбурн, која вчера отвори најголема ретроспектива на 25-годишната кариера на KAWS, под името „KAWS: Компањонство/пријателство во ерата на осаменост“ (Kaws: Companionship in the Age of Loneliness). Во октомври ќе следи и изложбата „Затемнување“ (Blackout), во Лондон; а во 2021 Бруклинскиот музеј ќе приреди свој, голем преглед на творештвото на KAWS.

Во Мелбурн до 13 април (2020) може да се видат повеќе од 100 дела, вклучувајќи рани скици, тагови и улична уметност; соработки на дизајн на патики, играчки, апстрактни слики, скулптури со големи димензии. Нарачана за целта од страна на NGV, таму е и најголемата бронза на KAWS досега, „Отиден“ (Gone), скулптура висока 7 метри и тешка 14 тони.

„Gone“, 2019

Образован како илустратор, Брајан Донели во раната ‘кариера’ сликал врз рекламни постери кои ги враќал на нивните места на улиците, без некоја политичка мотивација: „Тоа беше доказ за постоење. Ми се допаѓаа рекламните прикази. Сликав врз нив зашто беа сеприсутни“. И овие интервенции врз плакати се дел од изложеното во Мелбурн, како и неговите ‘преработки’ на „Сунѓерот Боб“, „Снупи“, „Симпсонови“ – последните и на неговиот најскапо продаден „албум“. Во Националната галерија на Викторија може да се видат и негови тазе слики, на кои доминираат интензивни бои, чиј ефект е постигнат со нанесување по 30 до 60 слоеви.

Интервенција на KAWS: „Untitled (DKNY)“, 1997

Кураторот за современа уметност на галеријата, Сајмон Мејдмент, смета дека делата на KAWS се неправедно отфрлени како безвредни од некои критичари, кои ги опишуваат како „концептуален банкрот“ и „бесмислено промотивно ѓубре за играчки“. За Мејдмент, низ делата на Брајан Донели може да се следи „хуманист од голем формат, кој на високо емотивно ниво комуницира со луѓето“; и кураторот во скулптурите на KAWS чувствува патос, очај, утеха; соодветно на начинот на кој уметникот ги категоризира своите ликови: Компањони (Companions), Соучесници (Accomplices), Најдобри пријатели (BFFs – од „best friends forever“).

„За овие ликови често се зборува како за цртани филмови, во контекст на забава … но, мислам дека тој (Донели) многу јасно реагира на сѐ поголемата осаменост во нашето општество.“

Обезвреднувањето на делата на KAWS, Сајмон Мејдмент го објаснува со наглиот раст на цената за нив:

„Тоа што тој привлекува толку екстремни вредности на продажба, создаде чувство на одбојност. Луѓето сакаат секое индивидуално дело да доживее ниво на значајност што нема да чувствуваат дека е измерено во пари.“

„New fiction“, 2018

KAWS, кој има дизајнирано стотици варијации на играчки, во ограничени и ‘обични’ едиции, за фанови и за приватни колекционери, кога ја посетил Јапонија во доцните деведесетти, ја воочил и бил инспириран од отаку супкултурата, односно од опсесијата со познати ликови и соодветното колекционирање. Набрзо по соработките со јапонски дизајнери на скапа улична мода, во 2006 отворил и своја модна марка и продавница, „Original Fake“ (затворена во 2013), во Аојама, еден од најбогатите делови на Токио.

Во контекстот тој го објаснува своето вложување во „стоката“, односно во „производот“:

„Кога си дете, гледаш на галериите како на зони кои порачуваат, ‘не си добредојден’ или ‘ова е над твојата цена’. Преку производите уметноста ти станува поблиска, полична, во твојот сопствен дом … А тоа ти дава доверба да одиш и да гледаш други дела, да научиш повеќе“, се зборови на KAWS.

„Кога бев помлад, не одев во галерии и музеи. Имаше многу ‘ова е уметност’ или ‘ова не е уметност;’ ‘ова е комерцијално’, ‘ова е висока уметност’. Сметам дека целта на уметноста е да комуницира и да допре до луѓето. Преку каков и да е ‘аутлет’ да се направи тоа, тој е вистинскиот.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here