Пеперутките не престануваат да го скокоткаат креативниот стомак на Дејмиен Хрст (Damien Hirst). И на неговите нови слики се вртат безброј пеперуткини крила, во концентрични кругови, инспирирани од мандалата, мапите на кои метафизички/симболички се претставува вселената во хиндуизмот и други далекуисточни религии.

Како што пишуваат од лодонската галерија White Cube, каде се одржува изложбата, со „Мандалите“ (Mandalas) Хирст се враќа на еден од неговите најпрепознатливи мотиви – пеперутката; со слики во голем формат – композиции што вклучуваат крила на пеперутки, поставени во сложени и проактивни концентрични шеми, во чиј центар е цела пеперутка, како точка на визуелен и ментален фокус.

Baptist, 2019
Baptist (детал)

„’Мандалите’ ја продолжуваат хирстовата серија „Калеидоскоп“ (2001-/), истакнувајќи ги истовремено симболичката моќ на пеперутката и чувството на духовна епифанија/богојавување. Како и кај мандалите, кои се употребуваат како помош при медитација, нивната визуелна сила се пројавува низ интегралната врска од деловите кон целината.“

Нашата ‘реконструкција’ на „Мандала“ концептот на Хирст, би била дека тој овде го прикажува универзумот на убавината, препознавајќи оти најдоброто што би го направил мешајќи бои на својата палета, апсолутно е веќе направено, на недостижен начин, во природата; во случајов на крилата на пеперутките. Пеперутката е избрана како субјект, бивајќи супер-деликатно суштество, толку нежно, што моќта на летање може да ја загуби (во и онака краткиот живот) и само ако човек ѝ ги допре крилата, а на прстите му остане „правот“, што се всушност лушпите кои ја прават бојата и нејзините чудесни прелевања/рефлектирања на светлината. За ‘трајно’ да го ‘фати’ овој идеал на убавина, Хирст ги земал само крилата, одвоени од нивното смртно тело, и ги распоредил во концетрични кругови во чиј центар е цела пеперутка, како извор; околу кој орбитираат конкретизираните одблесоци на идеалната убавина – како што во космосот се вртат/орбитираат небеските тела околу центрите на галаксиите …

Cardinal, 2019
Cardinal (детал)

Како и да е, заедно со пеперутките, околу новата серија слики на Дејмиен Хрст се вртат и прашања околу етичноста, од видот дека „употребата на мртви пеперутки за неоправдано задоволство е експлоатација на природата од најочигледен вид, и за такво нешто нема место во светот во кој заштитата на пеперутките има сѐ поголема важност“, како што напишал читател на Guardian, реагирајќи на рецензија на хирстовата изложба, објавена во весникот.

А во рецензијата, пак, се вели, дека Хирст, уште од почетокот на кариерата настапува полагајќи право на истата привилегија за уметноста, што науката ја зема „здраво за готово“ уште од 17 век, а имено да го сецира и истражува природниот свет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here