Американскиот институт за графички уметности (American Institute of Graphic Arts – AIGA) и Google ги објавија резултатите од годишниот „попис“ во индустријата за дизајн (Design Census), односно од анкетата со прашања поврзани со заработувачката, вештините, видот на вработувањето на луѓето од истата … Годинава анкетата опфатила 9.429 учесници од САД, и е поделена во пет секции, покривајќи теми како „Кој дизајнира во 2019?“, а која се однесува на возраста, етничката припадност, родовиот идентитет, сексуалната ориентација, локацијата, образованието и искуството; потоа темата „Како работат дизајнерите денес?“, која се занимава со вештините, индустриите, видовите вработувања, работното време, дополнителната работа; и најинтересната, „Колку заработуваат дизајнерите?“. Тука се и секциите со резултати базирани на не толку егзактни податоци, односно на мислења, а имено, „Колку се задоволни дизајнерите?“ и „Што мислат тие за иднината на индустријата?“.

Во категоријата за платата, податоците покажуваат дека повеќето дизајнери заработуваат меѓу 50.000 и 75.000 долари годишно, без оглед на полот. Секако, најплатени се глобалните креативни директори – со просечно 146.777 долари годишна плата, а на дното се помладите (џуниор) дизајнери, со просек од 44.837 илјади. Дизајнерите кои живеат во поруралните делови од САД заработуваат помалку од колегите во големите градови. За споредба, дизајнерите во Калифорнија заработуваат околу 94.858 илјади долари, а оние од Охајо, 56.613. Околу 2% од анкетираните ‘се пофалиле’ со примања над 200.000 долари. Се покажало и дека искуството се огледува и во платата – дизајнерите чиј стаж е помал од четири години просечно заработуваат 72.504 долари, додека оние кои се во бизнисот од пет до девет години 90.205.

Во категоријата „Кој дизајнира“, се покажало дека просечната возраст на дизајнерската заедница во САД е 35 години, а 61% од анкетираните биле жени, 36% мажи и 3% кои родово поинаку се идентификувале; и од AIGA забележуваат дека „повеќе жени од кога и да е ја прават дизајнерската работна сила“.

Бројката на дизајнери кои се идентификувале како LGBTQIA+ пораснала за 5% од 2017, и е претставена со 15% во овогодинешниот попис.

Во однос на искуството, најбројни, со 29%, се дизајнерите со 5-9 години во дејноста, а следат оние со 1-4 години, кои се 27%.

Во секцијата „Како/што работат дизајнерите“, се покажало дека најголем процент се ангажирани во маркетинг (9%); следат дигитални производи + услуги (веб дизајн, дизајн на апликации, на софтвер) (8%); уметности/индустрија за забава (7%); адвертајзинг (7%), образование (6%), социјални медиуми (5%).

Сите резултати од анкетата можете да ги погледнете овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here