Во Италија не можете да промашите град ако барате богата, добро зачувана историја. Но, иако не е прочуена како Рим, Милано, Фиренца, Венеција или Неапол, малата Равена е навистина исклучителна по грандиозноста на своето историско наследство; исклучително специфично, недоволно познато и за Италијанците, па дури и за самите ‘стари’ равенчани, како што можевме да се увериме разговарајќи со некои од нив.

Равена била главен град на Западното римско царство (402-476), па на Остроготското кралство (493-540); сѐ дури во 540 година големиот војсководец на византискиот император Јустинијан Први, Велизариј (и двајцата портретирани во базиликата на свети Виталиј), не ја вратил во рамките на византиската империја; по што станала центар и на византискиот (Равенски) егзархат, до инвазијата на Ломбардите во 751 …

Во оваа, ќе ја наречеме византиска историска отсечка (особено во 5-6 век), се поставени темелите на Равена како светска престолнина на мозаикот – нејзиниот заштитен знак, со кој градските власти и денес ја брендираат (на пример, со поставување табли со мозаични прикази на вонземјаните од играта од осумдесеттите, „Спејс инвајдерс“ (Space Invaders), на згради низ градот).

Посебен шарм на ‘откривањето’ на богатствата на Равена му дава тоа што автомобилите се непожелни во старото градско јадро, а речиси сите – и мештаните и туристите – се на велосипеди (рутината со превозот ‘на педали’ е таква што заедно со сместувањето ни следуваше точак ‘по глава’ на гостин).

Огромно задоволство е малата (со околу 160 илјади жители), „равна“ Равена, да се поминува на велосипед ‘долж и попреку’; и да се ужива во непрекинатата убавина, со можност веднаш (без да се бара паркинг) да се запре таму кај што ќе ти застане здивот (од убавина, не од замор, зашто во рамниот град и сообраќајната инфраструктура е целосно подредена на велосипедистите).

Данте Алигиери на точак во равенската улична уметност

И, да не должиме многу; да преминеме на некои од местата каде ние застанавме, а овде само ќе додадеме дека Равена има дури осум споменици на листата на Светското (културно) наследство на УНЕСКО …

Ќе почнеме со базиликата на свети Виталиј (Basilica di San Vitale), која е еден од најважните споменици на ранохристијанската уметност во Европа, чии вчудовидувачки мозаици може да се споредат само со најдобрите константинополски. Овде, како и во другите примери на византиското наследство на Равена, се гледа една совршена теолошка втемеленост; во смисла на надворешната ‘воздржаност’ на храмот (во духот на „сѐ ми е дозволено, но не ми е сѐ полезно), на едноставноста на фасадата, на совршената архитектонска ‘заузданост’ (какво што треба да биде телото на христијанинот, кое е „храм на Светиот Дух“); додека внатре, мозаиците покажуваат што значи „љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети (…) Духот на осветувањето“; или, како што најдобро вели апостолот Павле: „Ако е, пак, Христос во вас, телото е мртво за грев, а духот живее …“ (Послание до Римјаните, 8,10)

Овој ‘контраст’ меѓу надворешниот и внатрешниот дел е најизразен кај Мавзолејот на Гала Плацидија (Mausoleo di Galla Placidia). Ќерката на Теодосиј Велики, што значи и сестра на императорот Хонориј кој ја пренел престолнината на Западното римско царство од Милано во Равена, Гала Плацидија (386-450), си го изградила овој свој вечен дом, скромен по физичката големина, во форма на крст. Целиот горен (внатрешен) дел е исполнет со величествени мозаици; од куполата буквално блескаат безбројни ѕвезди распоредени во концентрични кругови; златни како и крстот во центарот … И овде е вистинското место да ја употребиме фразата – „не се опишува со зборови“.

Крстилницата на Неон (Battistero Neoniano) (Неон е епископот во чие време е завршен овој, еден од најстарите споменици во Равена од односната епоха) крие уште една теолошка ‘посластица’, содржана во односот меѓу кружната купола, и осмоаголната крстилница/базенот за крштевање. Овде кругот е земен како симбол за совршенство (совршена форма), во однос на многуаголникот. Значи на куполата, во кружен мозаик е прикажано небесното-совршеното – а имено Христовото крштение од свети Јован Крстител во јорданските водотеци (околу сцената е распоредена и поворка од дванаесет апостоли, која завршува со средба меѓу Петар и Павле); додека долу, многуаголната крстилница го симболизира земното кое стреми да се преобрази – не случајно е избран осмоаголник – за седумте дена во неделата, и невечерниот Осми ден на воскресението, на вечното Царство небеско.

„Новата“ базилика на Свети Аполинариј (Basilica di Sant’Apollinare Nuovo), покрај својата палата ја изградил Теодорих (493-526), остроготскиот крал, кој бил приврзаник на аријанската ерес. Без разлика што се сменила власта/верата, односно Равена ја преземале „варварите“ (Готи), Теодорих, кој бил школуван во Константинопол кај најдобрите тогашни учители, покажал дека е достоен на високата уметничка репутација на градот. Извесен куриозитет на оваа црква е што некои од нејзините импресивни мозаици се „цензурирани“, односно коригирани откако Јустинијан ја вратил Равена во византиската империја; преправени се приказите на аријанската дворска свита на Теодорих, па така палатата на остроготскиот крал зјае празна (на мозаикот), а на некои од столбовите се останати ‘аријански траги’ – дланките на неговите великодостојници.

Капелата на Свети Андреј, скриеното богатство на Архиепископскиот музеј (Cappella di Sant’Andrea e Museo Arcivescovile), е единствена архиепископска капела од ранохристијанскиот период која постои до денес, и тоа во совршено зачувана состојба. Ја подигнал равенскиот епископ Петар Втори (494-519), во тек на владеењето на Теодорих, кога аријанството било официјална религија, како капела за приватна литургиска употреба на православните (според тогашниот поим, пред големата шизма) епископи. Олицетворение на иконографските тенденции на моментумот (борбата со аријанската ерес според која Христос не е бог, едносуштен на Отецот, туку создание) е мозаикот на кој е прикажан Христос како воин кој гази ѕверови – лав и змија (последната како симбол на аријанското зло), додека во едната рака држи крст (место меч), а во другата библија отворена на стихот што се однесува на неговите божествени атрибути: „Јас сум патот, вистината и животот“. Во Архиепископскиот музеј на два ката се изложени експонати од различни историски и уметнички моменти на Равена, од античките до модерните времиња. Во институцијата се најгорди на тронот од слонова коска на епископот Максимијан (498-556; во чиј мандат е завршена базиликата на свети Виталиј), на безглавата статуа на непознат император исклесана во порфир (5 век), на мермерната пасхална таблица/календар (6 век), на сребрениот крст на равенскиот епископ Ањелус (487–570) …

Секако, не пропуштивме да ја посетиме и гробницата на Данте Алигиери, кој своите последни години ги поминал во Равена (довршувајќи ја и „Божествената комедија“), каде и починал во 1321. Од Фиренца се правени многу обиди неговите посмртни останки да се пренесат во родниот му град (на кои ‘кумувале’ и двајца папи) но досегашниот резултат е што тосканското маслиново масло кое гори во кандилото во гробницата го даруваат фирентинците …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here