Равена со векови ‘словела’ за центар на уметноста на мозаикот, но, повикувајќи се воглавно на генијално наредените камчиња уште од византиската епоха. Вака било сѐ до педесеттите години од минатиот век, кога професорот по археологија од Болоњскиот универзитет, Џузепе Бовини (Giuseppe Bovini), не презел иницијатива за промовирање на супер-рафинираната техника на старите равенски мозаици, преку нејзина примена во современата уметност. Бовини за целта ‘ја натерал’ групата мозаичари од равенската ликовна академија, како што раскажува „таткото на модерниот мозаик“ (така го нарекуваат) Џино Северини (Gino Severini, 1883-1966), да изработи нови изведби на познатите византиски мозаици од равенските базилики, кои подоцна биле изложувани во големите главни градови низ Европа, со цел да се популаризира мозаичната уметност на Равена.

Позитивниот фидбек го охрабрил Бовини да контактира некои од најдобрите современи уметници, односно да ги покани да креираат скици за дела што ќе бидат претворени во мозаици. Најзвучното име меѓу оние кои топло ја пречекале идејата е Марк Шагал. Неговиот цртеж „Син петел“, мозаичарот Антонио Роки го ‘превел’ во мозаик во 1959, токму навреме за „Изложбата на модерни мозаици“, отворена на 7 јуни истата година, на која биле застапени и другите уметници избрани за проектот. Поради високиот квалитет на делата и значајноста на авторите, оваа изложба се смета за еден од побитните настани на уметничката сцена во втората половина на дваесеттиот век, а односната колекција може да се види на приземјето од Музејот на уметноста на градот Равена (Museo d’arte della città di Ravenna – MAR). Ова ‘проговорување’ на специфичната експресија на мозаикот со јазикот на современата уметност е прв организиран обид да се покаже дека автономните мозаични дела, ослободени од традиционалната архитектонска употреба, и тоа како можат да бидат модерни.

MAR однадвор

Покрај Шагал, посебно нѐ израдува можноста во Равенскиот музеј (MAR) да видиме дело и на Густав Климт, кој овде, во овој град, се вљубил во „мозаиците со неспоредлив раскош (особено од базиликата „Сан Витале“)“, како што самиот напишал, а што ја инспирирале неговата „златната фаза“, односно византискиот шмек на големиот австриски сликар.

Првата колекција на галеријата од која израснал MAR била формирана во 1829, а нејзиното збогатување издашно го помогнале граѓаните на Равена, отстапувајќи дела од своите приватни колекции/наследства, натпреварувајќи се чиј придонес ќе ја направи јавната колекција попрестижна. Галеријата што содржи над 300 дела, вклучувајќи слики и скулптури од 14 до 19 век, ја организирал археологот и историчар на уметноста, Корадо Ричи (Corrado Ricci, 1858-1934), а истата дава исцрпен увид во случувањата во делот на уметноста во историскиот регион Ромања (чија територија одговара на југоисточниот дел од територијата на денешната Емилија-Ромања).

Важно место во културното наследство на градот му се дава и на надгробниот споменик на војсководецот кој бил во служба и на Чезаре Борџија, Гуидарело Гуидарели, исклесан во 1525 од скулпторот Тулио Ломбардо. Во MAR се горди и на „Оплакувањето Христово“ од Џорџо Вазари, најпознат како биограф на „најизвонредните сликари, вајари и архитекти“ (16 век). А нас нѐ израдува (во колекцијата на музејот што ја покрива уметноста од последните три декади од дваесеттиот век) и можноста да го видиме ‘материјализиран’ ‘духот’ на омилениот ни Маурицио Кателан, кој во 1989, на поканата од MAR да учествува на одредена изложба, одговорил испраќајќи медицинска дијагноза …

И на крајот, пак за мозаикот; дел од Музејот на уметноста на градот Равена е и Меѓународниот документациски центар за мозаик (Centro Internazionale di Documentazione sul Mosaico – CIDM), основан со цел да се промовира истражувањето и изучувањето на мозаичната уметност.

Во продолжение погледнете галерија од она што фотографски го забележавме во MAR …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here