Веднаш да кажеме дека не се работи за „пренк“: Бенкси вчера отворил продавница за производи што ги опишува како „непрактични и навредливи“; која всушност никогаш нема да ја отвори својата врата, а ќе биде затворена за две недели; после што, по цени што почнуваат од 10 фунти, производите ќе може да се купуваат само онлајн.

Сето ова за формално да ги задоволи законските барања за поседување трговска марка, откако влегол во правен спор со компанија за производство на честитки.

„Компанијата ја оспорува трговската марка содржана во мојата уметност. И се обидува да го добие правото на користење на моето име, за да може да ги продава нејзините лажни Бенкси производи легално“, изјавил уметникот, кој смета дека другата страна во спорот игра на картата оти тој не би се појавил на суд за да се брани.

„БДП“ однатре

Неговата продавница се вика „Бруто домашен производ“ (Gross Domestic Product) и е отворена во лондонски Кројдон, на местото на некогашен дуќан за килими. Како што кажавме, ќе трае две недели без да ја отвори вратата за потенцијалните купувачи, кои до почетокот на онлајн продажбата ќе можат да „купуваат“ од излогот (window shopping).

Бенкси ќе продава диско топки направени од искористени полициски шлемови, перничиња со натпис „Животот е прекраток за да ве советува перница“, надгробна плоча со изгравирано „Сте стигнале до вашата дестинација“, играчка со која деца може да учат да бројат така што ќе полнат дрвени фигурички на мигранти во товарен камион, чанта направена од цигла …

Диско топка од стари полициски шлемови

Како што пренесува Гардијан, адвокатот кој застапува клиенти во случаи поврзани со уметноста, и е основач на Заедницата за авторски права на дизајнери и уметници (Design and Artists Copyright Society – DACS), Марк Стивенс, има правен совет за Бенкси:

„Бенкси е во тешка ситуација. Зашто тој не произведува свој сопствен асортиман неквалитетна роба, и законот е доста јасен – ако сопственикот на трговска марка не ја употребува, тогаш таа може да биде пренесена на некој што ќе го прави тоа.“

Адвокатот предложил Бенкси да стартува своја линија на производи и да отвори продавница како решение во случајот. А уметникот изјавил дека приходите ќе одат за купување нов брод за спасување мигранти, за да се замени конфискуваниот од италијанските власти.

Играчката за броење мигранти

„Понекогаш одиш да работиш и не знаеш што да сликаш, но последниве месеци правам нешта со единствена цел да ги задоволам барањата на категориите за трговски марки во законите на Европската унија“, вели Бенкси.

„Сега муза ми се законите закачени во ателјето“, додава, пред да го цитира Џон Ленон: „Јас сум уметник, дајте ми и туба (музичкиот инструмент) и ќе извлечам нешто од неа“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here