Само ден по големото одбележување на 70-годишнината од доаѓањето на власт на Комунистичката партија на Кина (1 октомври, националниот празник на Кина, датумот на кој во 1949 Мао Це Тунг ја прогласил Народната Република), во најнаселената држава јавно се палат производи дизајнирани од уметничката ѕвезда во голем подем, Брајан Донели = KAWS.

Причината е неговото дело „Без наслов“ (UNTITLED) од 2002 година, а кое всушност ја претставува кинеската комунистичка „светиња“, Мао Це Тунг, „украсена“ во стилот на Донели; што значи како икона на глобалната популарна култура, следствено подложна на интерпретации.

Конкретниот повод за Кинезите да палат „мрчндајз“ на KAWS e што делото само недела по прославата на 70-годишнината на КПК ќе оди на аукција на хонгконшки Sotheby’s (на 7 октомври).

Инаку, веројатно се работи за истите (Кинези) кои буквално се тепале во продавница на Uniqlo за да не останат без маица дизајнирана од Донели за јапонскиот бренд чиј амбасадор беше Новак Ѓоковиќ, а кои сега видеата од „ломачата“ ги споделувале во живо на кинеската социјална мрежа Weibo.

Сликата „UNTITLED“, која во меѓувреме е тргната од аукциската понуда на сајтот на Sotheby’s (на која се вклучени и други дела на KAWS, што и натаму се на увид), е интервенција на уметникот врз официјален портрет на Мао: очите на големиот кинески лидер се пречкртани со типичните за KAWS „иксови“, додадени се (исто така карактеристичните) уши/коски и ‘лептир-машна’.

„UNTITLED“, 2002

Согледувајќи го степенот на навреденост на Кинезите со кои ‘нема шала’, и Uniqlo ги повлекол од својот веб-сајт за кинескиот пазар парчињата со апликации од дела на KAWS. А сѐ почнало откако бил објавен текст на кинеска онлајн публикација дека аукцијата на коja ќе биде понуден и „неименуваниот“ Мао ќе се случи само недела по прославата на 70-годишнината, кога емоциите во контекстот, кај Кинезите се уште жешки.

Од скриншотовите од сајтот на Sotheby’s (направени пред да биде тргната сликата) може да се види дека аукциската куќа проценила оти делото ќе се продаде за цена меѓу 620.000 и 950.000 хонгконшки долари (околу 79.000-121.000 американски), но, (ако не биде одложено наддавањето за истото) не е исклучено повеќекратно да ја надмине проценетата цена: неговиот „The Kaws Album“, во април за 15 пати ги надмина проценките на Sotheby’s, и се продаде за дури 14,7 милиони долари.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here